Сега, по сѐ изгледа, топката е кај претседателот Пендаровски, кој може, а и не мора, да ја продолжи вонредната состојба. Ако не ја продолжи, како што, чинам, навести во едно свое интервју, изборните рокови би можеле да продолжат да течат веќе за неколку дена, се разбира доколку блокот предводен од ВМРО-ДПМНЕ се согласи со тоа. И толку ќе можат да сторат партиите во однос на овие избори. Да го определат датумот, независно дали тој ќе биде наредниот месец или наесен. Сѐ друго, и темите што ќе се отвораат во кампањата и одзивот и гласовите, ќе им определи корона-кризата. Во секој случај, едно ново, да се надеваме позитивно, искуство за сите
Додека очајнички се обидуваат да испливаат од силно разбрануваниот океан од вести, дез/информации и спинови за симптомите, лекувањето, последиците и, генерално, за локалните и глобалните статистики поврзани со пандемијата на новиот коронавирус и, се разбира, притоа да си го зачуваат здравјето, пред сѐ менталното, граѓаните сега се изложени и на опасноста да бидат вовлечени во изборниот вител од страна на политичките партии, кои барем досега не се покажаа како добри пливачи. Уште помалку како спасувачи.
Во таква, најблаго речено, незавидна позиција се наоѓа јавноста во моментов, по последната средба на партиските лидери кај претседателот Стево Пендаровски. И како да не е им е доволна целата таа корона-какофонија, граѓаните сега треба да ги препознаваат и дисонантните партиски тонови во однос на степенот на сериозност на состојбата и на оправданоста на ризикот од ширење на вирусот при една толку комплексна и масовна операција каква што се изборите. Но и на ризикот од нивното повторно одложување во ситуација кога веќе ништо не е извесно. Или, ако сакате, кога сѐ е неизвесно.
Сепак, во однос на терминот за одржување на изборите нештата би требало да станат поизвесни по наредната лидерска средба, најавена за идната недела, но сѐ друго поврзано со оваа тема веројатно ќе остане неразјаснето до последниот момент и ќе се решава во од, ќе се импровизира. Политичките партии, нели, се добри во импровизација, особено во однос на уставните и законските одредби и процедури. А токму нивното доследно почитување и спроведување е клучно за веродостојноста на изборите, која редовно беше проблематизирана и кога се гласаше во нормални околности, доколку политичкиот амбиент во земјава во изминативе години може да се оквалификува како нормален.
Кога и како ќе се затвори избирачкиот список, ќе се екипираат и ќе се обучат органите за спроведување избори, ќе се дистрибуира изборниот материјал, ќе се дезинфицираат просториите и инвентарот, ќе се обезбеди физичка дистанца, како помеѓу сите оние што ќе бидат вклучени во организацијата, спроведувањето и контролата на процесот, така и помеѓу гласачите, и конечно помеѓу едните и другите… Како ќе се идентификуваат гласачите, кога мора да се носат маски? Дали во овие околности воопшто може да се очекува присуство на меѓународни набљудувачи и соодветно медиумско покривање? Сите тие, во услови на пандемија, се ризични активности, кои кај секој поединец раѓаат дилеми кога станува збор за неговиот ангажман, особено поради сѐ уште крајно рестриктивните мерки во однос на слободата на движењето и на меѓусебните физички контакти.
Освен тоа, ако за некој ден не биде продолжена вонредната состојба и изборните рокови продолжат да течат, како што, според политичкиот блок на чело со СДСМ, би требало да биде, а вирусот во меѓувреме засилено се прошири, како ќе се оправдаат трошоците? Тоа, исто така, е незанемарлив аргумент, особено во услови на економска криза, која, според многумина, веќе е на преминот од рецесија во депресија.
Исто така, издржани се и аргументите дека актуелнава техничка влада, сепак, нема легитимитет доколку изборите не се закажани и дека Собранието мора да се избере, за да може, што сепак е потешко за верување, да се формира функционална влада способна да се справи не само со здравствената туку и со економско-социјалната криза.
И како да не е им е доволна целата таа корона-какофонија, граѓаните сега треба да ги препознаваат и дисонантните партиски тонови во однос на степенот на сериозност на состојбата и на оправданоста на ризикот од ширење на вирусот при една толку комплексна и масовна операција каква што се изборите. Но и на ризикот од нивното повторно одложување во ситуација кога веќе ништо не е извесно. Или, ако сакате, кога сѐ е неизвесно
Освен тоа, ако се сублимираат прогнозите на епидемиолозите, виролозите и имунолозите, онака лаички, излегува дека коронавирусот уште долго време ќе претставува проблем од висок степен на ризик, со тоа што во текот на летово би можел малку да стивне, за наесен повторно да се распламти, така што многу е веројатно дека подоцна ќе биде уште потешко да се спроведат избори, а тоа би значело продолжување на практиката на носење владини уредби со законска сила, што и не е баш најсреќно решение, особено за правниот поредок со толку проблематично правосудство.
А бидејќи и економско-социјалната криза, според сите прогнози, е со тенденција на продлабочување, ќе треба да се мисли и на кратење на трошоците, при што средствата потребни за повторно почнување избори од самиот почеток се далеку од незначителни.
Сега, по сѐ изгледа, топката е кај претседателот Пендаровски, кој може, а и не мора да ја продолжи вонредната состојба. Ако не ја продолжи, како што, чинам, навести во едно свое интервју, изборните рокови би можеле да продолжат да течат веќе за неколку дена, се разбира доколку блокот предводен од ВМРО-ДПМНЕ се согласи со тоа. И толку ќе можат да сторат партиите во однос на овие избори. Да го определат датумот, независно дали тој ќе биде наредниот месец или наесен.
Сѐ друго, и темите што ќе се отвораат во кампањата и одзивот и гласовите, ќе им определи корона-кризата. Во секој случај, едно ново, да се надеваме позитивно, искуство за сите. Се разбира, нивните вечни теми и традиционални точки на спорење нема да исчезнат, но ќе бидат потиснати во втор план, а поради сериозноста и непредвидливоста на ситуацијата, ќе биде навистина несериозно ако продолжат да се натпреваруваат со нереални ветувања и, секако, ако се обидат актуелнава состојба да ја користат како оправдување.