Иако изборите се локални, атмосферата и регуларноста на секој изборен процес се дел од тестот за нашиот демократски капацитет да бидеме дел од ЕУ. Со тоа треба да докажеме дека сме подготвени да ги исполниме стандардите за спроведување чин иманентен и основен за секоја земја што се смета за дел од демократскиот свет – спроведување регуларни и достоинствени избори. И како на почетокот, така и на крајот – сите учесници на изборите треба зрело и достоинствено да ги прифатат резултатите како волја на граѓаните
Почетокот и крајот на смислата за одржување демократски избори се во конечниот исход да се прифати она што е волја на граѓаните. Какви и да се очекувањата на учесниците во изборната трка, колку и да се милозвучни, слаткоречиви, (не)реални, (не)нападно упорни ветувањата што ги давале кандидатите во изборната кампања, граѓаните секогаш кога излегуваат на избирачкото место треба да бидат свесни дека тие се оние што одлучуваат и имаат право слободно да ја изразат својата волја. Притоа, обврска на сите чинители на изборниот процес е да им овозможат на граѓаните слободно и достоинствено да го реализираат своето право на избор, низ регуларен изборен процес, во кој реално ќе се изрази нивната волја. Сѐ што може да го наруши правото на слободен избор, сѐ што може да ја компромитира мирната, цивилизирана и демократска атмосфера на одржувањето на изборите, остава простор за сомневање во нивната регуларност, што понатаму предизвикува резервираност во процените за демократскиот капацитет на земјата што ги спроведува изборите од каков било вид. Независно од конечниот резултатски исход, мирната изборна атмосфера и регуларноста на изборниот процес сѐ уште се примарниот тест за легитимноста и (меѓународна) верификација на целиот процес.
Со речникот на спортските метафори, заврши првото полувреме на кампањата за локалните избори што се одржуваат во Македонија, в недела, на 17 октомври. Иако според правилата за избори, стивнати се медиумските реклами што препорачуваат одредени учесници на изборите (но и тие што ги оцрнуваат противниците), „исклучен е тонот“ за дебатни програмски соочувања на кандидатите за градоначалници и членови на општинските совети, запрени се митингашките карвани, сепак предизборниот адреналин се движи кон максималните вредности, што создава впечаток на гласност дури и во деновиве на изборниот молк.
Богатото искуство од сите изборни процеси во Македонија, но и одредени ситуации на работ на огнострелни инциденти во текот на изминатата дваесетдневна кампања, предупредуваат на реалната можност од повторување на таквиот грд и опасен „фолклор“ на посегнување по недозволиви средства, па дури и истрели од огнено оружје, дури и како израз на задоволство и радост од постигнатиот резултат. Употребата на оружје воопшто, а особено во текот на (пред)изборен процес, е еднакво вознемирувачка и претставува закана за безбедноста, било да се работи за прослава или за израз на револт и незадоволство од изјаловените надежи и очекувања. Во текот на изминатата кампања беа регистрирани можеби десетина такви моменти на финале на партиски митинзи со истрели, но и (лажни) пријави за подметнати бомби… За среќа, без жртви и повредени, но, секако, ваквите „оружени дејства“ создаваа непријатна напрегнатост во атмосферата, од самата потенцијална можност да бидат применети и во некој миг од изборниот процес. Сите актери во претстојните локални избори в недела треба да ги заложат својата одговорност и авторитет и да не дозволат каква било компромитација на изборниот процес и, во крајна линија, загрозување на животот и безбедноста на граѓаните.
Утврдувањето на идентитетот на гласачите е континуиран (дури политички) предизвик речиси на сите изборни циклуси во Македонија. Применувани се различни методологии и технологии за да се спречи злоупотребата на правото на глас, преку неколкукратно гласање, семејно гласање и секакви други „креативно смислени“ нерегуларности, кои се „протнуваа“ низ годините на демократски избори во земјава. Признаени или непризнаени, видени или (не)видени од набљудувачите, докажани или недокажани во понатамошни истражни и законски постапки, резервираноста во довербата од можната манипулација со гласовите се провлекува како сенка низ секој македонски изборен процес.
На овие локални избори, за првпат во Македонија ќе биде применета техниката за проверка на идентитетот на гласачите со дигитални читачи на отпечаток на прст. Моментот на дигитализација на процесот би требало да ја гарантира регуларноста на проверката на идентитетот и да направи речиси невозможни какви било обиди за манипулација со документите за идентификација на гласачите. Сепак, свежи се сеќавањата и несреќните искуствата со дигитализираниот изборен процес (а во тек е и истражна постапка) од минатогодишните предвремени парламентарни избори, кога еден час по затворањето на изборните кутии, „мистериозно“ падна системот за обработка на гласовите на ДИК. Остануваат уште неколку часа за ДИК да спроведе превентивни дејства и да се увери во применливоста, исправноста на новата технологија за проверка на идентитетот на гласачите, но и за унапредување на обученоста за нивна употреба од страна на членовите на избирачките одбори. Не смее да се дозволи техничките моменти да ја доведат во прашање регуларноста на овие локални избори.
Иако изборите се локални, атмосферата и регуларноста на секој изборен процес се дел од тестот за нашиот демократски капацитет да бидеме дел од ЕУ. Со тоа треба да докажеме дека сме подготвени да ги исполниме стандардите за спроведување чин иманентен и основен за секоја земја што се смета за дел од демократскиот свет – спроведување регуларни и достоинствени избори. И како на почетокот, така и на крајот – сите учесници на изборите треба зрело и достоинствено да ги прифатат резултатите како волја на граѓаните.