На 15 јули и граѓаните на Македонија ќе треба да се изјаснат за политичките опции што им се ставаат на располагање. Учесниците во предизборниот натпревар се обидуваат недостигот од свежи и издржани идеи да го компензираат со негативна кампања и упатување лични навреди кон противникот. Како никогаш досега, во оцрнувањето на кандидатите за пратеници се користат неовластено снимените телефонски разговори. Останува да се види дали Државната изборна комисија и преставниците на Јавното обвинителство ќе најдат предмет од својот делокруг, во најцрната политичка кампања што досега се водела во Македонија
Изборните процеси во земјите од регионот постојано се најавуваат како можност за нов почеток и за постигнување историски пресврт. Досегашниот преглед на изборните настани во регионот покажуваат дека се повторува истата приказна од претходните повеќепартиски избори во балканските земји. Месецот на изборната кампања е период кога граѓаните слушаат за старите стратегии, програми и идеи, но спакувани во нова „украсна хартија“. Иако изборите треба да бидат можност за гласачите да одлучат кому да ѝ ја доверат иднината на државата, тие при изборот да гласаат или да не гласаат се раководат од нивните лични очекувања. Како никаде на друго место, изборите во балканските земји се сметаат како натпревар за да се биде или не. Сосема разбирливо, ако се има предвид фактот дека од близината со високи партиски функционери на власт им зависат личната кариера, работното место и успешноста во бизнисот. Партиите, пак, наместо нудење различни и издржани концепти, својата борба за гласови ја сведуваат на лична компромитација на политичкиот противник.
Хрватските граѓани вчера одлучуваа на парламентарни избори за тоа кому ќе му ја доверат иднината на државата во наредните четири години. Коментарите на домашните аналитичари се дека во предизборната кампања, која се одржа во специфични услови поради епидемијата на коронавирусот, соочувањето на концептите на двете најголеми партии ХДЗ и СДП, не донесоа ништо ново и непредвидливо. Во основа граѓаните се ставени да избираат меѓу личности, односно меѓу актуелниот премиер Андреј Пленковиќ и неговиот „предизвикувач“ Давор Бернардиќ. Кампањата за привлекување гласачи се сведуваше на борбата против хадезеовата корупција и стандард, теми што беа наметнувани од опозицискиот СДП, додека ХДЗ возвраќаше со „остварените“ добри резултати против епидемијата, успешната соработка со бриселската бирократија и зголемените плати и пензии.
На овие избори до израз дојдоа новите конзервативни опции, отсликани со ликот на Мирослав Шкоро, кој својата пејачка кариера сака да ја замени со политички ангажман. Концептот со кој настапуваат новите десничарски сили е мешавина од национализам, антисрпски пораки и зајакнување на суверенизмот. Како главна тема им беше наметнато и правото за абортус на силуваните жени, што предизвика големи реакции од жените во Хрватска и доби свое финале со покажување на средниот прст од поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.
Висококренатиот прст беше упатен до Шкоро, кој изјави дека за абортусот силуваната жена „треба да се договори со фамилијата што да прави“. Овој чин на Грабар-Китаровиќ беше протолкуван и како мала одмазда до новиот лидер на десницата, кој на последните претседателски избори ѝ одзеде голем процент гласачи, а таа мораше да го отстапи претседателското место. Реториката во изборната партиска кампања не беше на високо европско ниво, а нивото на комуникација и аргументација е во стрмоглав пад, се оцените на политичките аналитичари во Хрватска. Сево ова придонесе за голема неизвесност за победникот на парламентарни избори.
Во Србија на последните избори, кои беа спроведени во јуни, концептот што во последните осум години го застапуваше актуелниот претседател Александар Вучиќ е најприфатлив за мнозинството гласачи и за наредните четири години. Се покажа дека српските граѓани го претпочитаат моделот на „лидер на нацијата“, што Вучиќ континуирано го негува со постојаното медиумско присуство и во носењето на секоја важна одлука, како што е и користењето на ексклузивното право да ја соопшти секоја вест, која е во интерес на граѓаните, како што беше тоа во целиот период од појавата на епидемијата. Поради бојкотот на изборите на дел од опозицијата, голем дел од гласачите одлучија да не излезат на денот на гласањето.
Како никаде на друго место, изборите во балканските земји се сметаат како натпревар за да се биде или не. Сосема разбирливо, ако се има предвид фактот дека од близината со високи партиски функционери на власт им зависат личната кариера, работното место и успешноста во бизнисот
Но тоа што е важно за регионот, по убедливата победа на Српската напредна партија, е дека ќе продолжи да се применува сегашната политика во однос на прашањето за Косово, а тоа е да се продолжи со манифестирање на волјата за продолжување на дијалогот, а во исто време да се чуваат своите позиции за целовитост на српскиот суверенитет. Тоа е сличен концепт што се застапува и од Приштина, што на краток период им носи позитивни поени на двете страни, но долгорочно гледано, тоа е опција што балканскиот регион го става во политичка, безбедносна и економска неизвесност.
На 15 јули и граѓаните на Македонија ќе треба да се изјаснат за политичките опции што им се ставаат на располагање. Учесниците во предизборниот натпревар се обидуваат недостигот од свежи и издржани идеи да го компензираат со негативна кампања и упатување лични навреди кон противникот.
Како никогаш досега, во оцрнувањето на кандидатите за пратеници се користат неовластено снимените телефонски разговори. Останува да се види дали Државната изборна комисија и преставниците на Јавното обвинителство ќе најдат предмет од својот делокруг, во најцрната политичка кампања што досега се водела во Македонија.