Дека треба нешто да се менува во образовниот систем покажува и фактот дека сме меѓу последните места во светот по постигнувањата по Математика. Слабите резултати на регионално, европско и на светско ниво се исто така показател дека нешто системски мора да се менува. Што побрзо тоа подобро
Последните натпревари по предметот Математика и лошите резултати што произлегоа од нив, уште еднаш покажаа дека учениците повторно се колатерална штета на редицата аномалии и несоодветна поставеност во функционирањето на образовниот систем. Изминативе денови повеќе родители реагираа дека нивните деца доживеале стрес кога виделе дека не ги знаат задачите што требало да ги решат, односно дека таков вид задачи воопшто претходно не биле дел од наставната програма.
Реакциите беа во насока дека неусогласеноста на она што го учат на училиште, со задачите што им биле дадени на натпревар, ги фрустрира децата и ги одвраќа од идејата некогаш повторно во иднина да учествуваат на општински или на регионални натпревари. Математичарите предупредуваат дека ова е така затоа што предметот Математика не се третира посериозно и главно се учи низ игра, па кога доаѓа време за натпревар тежината на задачите за децата изгледа дека е преголема. Но клучното прашање тука е кој, всушност, си игра со образовниот систем во државата и какви последици имаа тоа врз учениците. Дали проблемот е во Кембриџ-програмата, некоординираноста на надлежните органи или во нешто трето. Зашто последиците од какви било пропусти или чести експерименти со образовниот процес може да бидат фатални за идните генерации. Конкретно за натпреварите по Математика мислењата се дека Кембриџ-програмата мора да се менува ако целта е да се зголемат постигнувањата по предметот Математика и на училиште и на повисоко ниво. За натпреварите прашањата ги составуваат математичари од Бирото за развој на образованието, а во Сојузот на математичари, иако тврдат дека тие се направени во согласност со возраста на децата, сепак многумина од учениците не знаат како да ги одговорат и решат. Дека со Кембриџ-програмата учењето се сведува на игра, коментираат и хемичарите, биолозите, физичарите, што е индикатор дека нешто мора да се менува.
Во ред е децата да учат низ игра, но недозволиво е кој било да си игра со образовниот процес и можноста за стекнување знаења. На крајот на краиштата, натпреварите и постигнатите резултати се најдобар индикатор колку нешто функционира или не и колку знаење и вештини стекнале учениците.
Ако резултатите се лоши, треба да се бараат и да се отстранат причините за тоа, наместо одговорноста и топката да се префрла од еден на друг.
Кембриџ-програмите што беа воведени пред неколку години во македонскиот образовен систем, а кои беа најавувани како исклучително квалитетни програми, очигледно не го поминаа тестот, а дека тоа е така доказ се незадоволителните постигнувања и на државната матура. Се покажа дека експериментирањата низ годините со македонскиот образовен систем традиционално не носат некои значителни успеси. Новините, измените и големиот број проекти и реформи, служат само за експериментирање, кое на долг рок не носи значителни резултати. Од друга страна, токму образованието и пред посакуваното високо ниво на квалитет во овој ресор е клучниот фундамент на кој се темели секое напредно општество.
Учењето „низ игра“ како да се провлекува и во други сфери, освен во образованието, па гледаме различни игри и во политиката, експерименти во примена на законите и владеењето на правната држава, а времето покажува дека практично никогаш ваквите игри и експериментирања не даваат резултат. Додека има несериозност во пристапот, не можеме да очекуваме значителни резултати во државата на ниту едно ниво.
Се покажа дека експериментирањата низ годините со македонскиот образовен систем не носат резултати на долг рок. Учењето што го наложува Кембриџ, „низ игра“, како да се провлекува и во други сфери, освен во образованието, па, така, гледаме различни игри и во политиката, правосудството, економијата итн. Додека има несериозност во пристапот, не можеме да очекуваме значителни резултати во државата на ниту едно ниво
Дека треба нешто да се менува во образовниот систем покажува и фактот дека сме меѓу последните во светот по постигнувањата по Математика. Професорите велат дека една од мноштвото причини за ова е тоа што тие не се мотивирани многу да се вложуваат (чест на исклучоците), главно поради тоа што имаат ниска плата, а голем број обврски што мора да ги исполнат. Во принцип, ако наставникот е посветен и ако родителите на детето знаат математика и работат со него дома, тогаш детето единствено така напредува. Слабите резултати на регионално, европско и на светско ниво се исто така показател дека нешто системски мора да се менува. Учениците се пренатрупани со предмети, а наставниците со административни обврски, кои исто така влијаат на крајниот резултат.
Знаењата по Математика и Природни науки на светско ниво не ни се најсјајни, а тоа го покажа и меѓународното истражување ПИСА. На државна матура традиционално оценката е „добар“, а во средните стручни училишта постојано се запишуваат сѐ послаби основци. Сево ова јасно укажува дека е неопходно да се ревидираат наставните програми, да се прочешлаат кембриџ учебниците и да се види што ќе се прави понатаму, бидејќи гледаме овие експерименти каде нѐ доведоа.
Пред неколку години, надлежните од ресорот образование мислеа дека ќе ја поправат состојбата со предметот Математика со тоа што ќе го воведат како задолжителен предмет што ќе треба матурантите да го полагаат како дел од државната матура, но факт е дека проблемот треба посуштински да се решава, да се менуваат работите уште во основното образование. Бидејќи доста е од игри и експериментирања што уништуваат цели генерации ученици.