Прво и основно, која било сегашна или идна влада, редовна, техничка, тесна или широка коалиција или во каква и да е форма, може да биде само македонска влада и никако поинаку, без разлика дали начинот на нејзиното формирање е според пржински или некој друг модел
Гледам, слушам и не мoжам да се изначудам. Па, добро, бре, овие наши политички лидери како да добиле уплав да го изговорат името на сопствената држава што ја претставуваат и која ги избрала. Бегаат од зборовите Македонија, македонско, македонска, како ѓавол од темјан. Се заклучиле таму во некоја вонинституционална просторија, која не е ниту собрание, ниту министерство и слично, и преговараат нешто демек за доброто на државата. Го држат народот во исчекување, како којзнае што да се случува, кога таму прва точка да ти било кој колку пари да земе, односно финансирањето на партиите, за што лесно најдоа и заеднички јазик. Далеку од тоа дека и оваа тема не е важна, но во никој случај не може да се споредува со редица други важни прашања што чекаат одговор и од кои зависат судбината и иднината на државата.
Сепак, за мене изненадувањето по лидерската средба е во нешто друго. А тоа се терминологијата и формулацијата на првично договореното. За некого можеби ова е ситен и занемарлив детаљ, но, како велат, ѓаволот се крие во деталите и затоа мора на сѐ да се внимава. Така, по средбата следуваат изјави на лидерите, од кои дознаваме дека договориле формирање пржинска влада. Доаѓаме до поентата. Значи, сега внимавајте, пржинска влада – договорена била пржинска влада.
И тоа ќе важело за сите идни избори, без разлики кога тие ќе се одржат. Во принцип се работи за техничка влада, која, ете, нагалено сега добива назив пржинска. И тоа за век и веков, на секои наредни избори. Чекајте малку? Каква е таа пржинска влада. Ако буквалистички се толкува, тогаш се работи за нешто што е преработено, испржено, извриено до максимум и од кое се истиснати сите самомислечки елементи и идентитетски обележја. Тогаш веројатно посоодветен израз би бил – испржена влада. Во зависност од степенот на обработка може да се нарекува испржена, недопржена, потпржена, препрежена, па дури и загорена влада итн. Шегата настрана.
Ако се мисли на населбата Пржино, каде што пред две години беше постигнат договорот за надминување на политичката криза, тогаш формулацијата за пржинска влада повторно не е прецизна и се прави грешка. Политичкиот договор пред две години, со кој ѝ се стави крај на политичката криза и кога беше промовирана техничка влада, беше склучен во резиденцијата на амбасадорот на ЕУ во Македонија. Според дипломатската терминологија, секаде во светот тоа е екстериторијален простор, на кој е лоцирана некоја странска мисија или каде што престојува претставник на странска амбасада и над тој простор домашните органи немаат владение. Да го земеме примерот со случајот на Асанж во Лондон. Основачот на Викиликс, кој е баран во САД заради објавување доверливи документи и кому му се заканува екстрадиција, престојува во Амбасадата на Еквадор во Лондон. Единствено таму тој е безбеден и властите не му можат ништо. Не можат да го екстрадираат затоа што се наоѓа во просторија над која државата нема надлежност. Така и со пржинскиот договор. Склучен е во меѓупростор на странска мисија, што тогаш веројатно имало за цел да му даде поголема тежина. Но сега, по две години, повторното спомнување на синонимот пржинска влада, кој ќе важи за сите идни избори, е всушност синоним на странски меѓупростор над кој се нема влијание. Дека македонскиот народ и македонските граѓани не избираат влада туку таа се избира во некој недопирлив, надворешен меѓупростор, над кој немаме влијание?! Но дали е навистина така?!
Ословувањето на идна влада со синоними на некој политички договор или со назив на населби има и сецесионистички елементи. Зашто, по истата аналогија, ако има пржинска, утреден може да има и чаирска, арачиновска, аеродромска, ѓорчепетровска или каква не влада. Тоа, пак, ја воскреснува идејата за поделба на државата на кантони, за што и во минатото, но и сега, имало и има предлози и соништа
Затоа, доколку денес сакаме да го помакедончиме пржинскиот договор и да му дадеме повеќе домашни атрибути и обележја, веројатно поправилно би било да се нарекува зеленгорски договор. Е, зошто баш така, па и не звучи допадливо за уво. Плус може некој да помисли и дека се работи за некаков зелен документ или, пак, зборот гора да го идентификува со шумите и планините, како некаква поранешна база, односно инкубатор на потоа идни политичари.
Сепак, колку и да изгледа чудно, зеленгорски е посоодветен израз. Зашто вистинската адреса на која е постигнат пржинскиот договор пред две години се наоѓа на улицата Зеленгора. Но настрана пржинскиот договор, тој е веќе минато и нема потреба повторно да се навраќаме на него. Муабетот ми беше за формулацијата и називот на идната влада. Таа по ниту една основа не смее и не може да се ословува како пржинска влада. Тоа мора да им биде јасно на сите македонските политичари и лидери. Ќе посочам само два примера зошто го тврдам тоа.
Прво и основно, која било сегашна или идна влада, редовна, техничка, широка коалиција или во каков и да е формат, може да биде само македонска влада и никако поинаку. Во Република Македонија не може да постои друг тип на влада освен македонска влада, па макар таа била и според пржински односно зеленгорски модел. Во таа насока ги замолувам политичките лидери кога разговараат и договараат идна форма на влада да го употребуваат и вистинскиот назив и да ја ословуваат како македонска влада.
И, второ, ословувањето на идна влада со синоними на некој политички договор или со назив на населби и општини, во себе содржи сецесионистички елементи. По истата аналогија, ако има пржинска, утреден може да има и чаирска, арачиновска, аеродромска, ѓорчепетровска или каква не влада.
Тоа, пак, ја воскреснува идејата за поделба на државата на кантони, за што и во минатото, но и сега, има предлози и соништа. Не смееме да дозволиме духот на сецесионизмот, што повлекува и размена на територии, да излезе од шише и да се прошири и на нашите простори.
Токму ова прашање деновиве е актуелно во соседството, па не е исклучено домино-ефектот да се пренесе и кај нас. Меѓу другото, од такво нешто може да се заштитиме и преку доследно почитување на институциите на државата, примена на Уставот и законите за заштита на унитарниот карактер на државата. Тоа, секако, подразбира и соодветно ословување и именувања на секоја идна македонска влада со вистинското име, а не со синоними.
На крајот би сакал да изразам длабоко жалење и изрази на сочувство на целиот грчки народ и семејствата на жртвите од трагедијата, пожарите и поплавите што го зафатија нашиот јужен сосед. Ова го кажувам со најчесни и најчовечки намери. Зошто оној што не сочувствува со болката на другите и со несреќата на недолжните не може да се нарекува човек.