Со редица мерки најавени од РЕК „Битола“, почнувајќи од темелна реконструкција на системот на електростатските филтри, правилен третман на пепелта, пошумување на голите површини, како и со примена на квалитетен ископ и транспорт на јагленот, ќе се влијае на подобра животна средина и на подобрување на квалитетот на воздухот што го дишат битолчани
Во последно време, откако загадувањето на воздухот стана дежурна тема во Битола и откако за прочистувањето на воздухот во градот под Пелистер почнаа да се интересираат многумина, при секоја „еколошка“ дебата, како по правило, сите критики за загадениот воздух во Битола беа насочени кон РЕК „Битола“. Па, така, РЕК „Битола“ во последно време стана попознат во јавноста како еден од најголемите загадувачи на воздухот во градот под Пелистер отколку по тоа што е најголем произведувач на електрична енергија во државата, кој произведува над 75 отсто од вкупната произведена електрична енергија. Многу професионални и аматерски фотографи во последно време станаа пасионирани сликари, кои преку своите објективи ги бележеа „ружите на ветрови“ и случувањата со загадувањето на воздухот што го предизвикуваше РЕК „Битола“.
Иако поради честите напади во РЕК „Битола“ вработените станаа имуни на таквите критики, сепак во последно време додека голем број „експерти“ во Битола се занимаваа со тоа како да се реши проблемот со загадувањето на воздухот, во РЕК „Битола“ се преземаат низа конкретни чекори, направени врз научни студии и испитувања, се со цел во овој комбинат да се произведува еколошки (по)чиста електрична енергија и да се заштити животната средина, не само за вработените туку и за сите жители во пелагонискиот регион, кои најмногу ги трпат последиците од загадувањето. И кога станува збор за решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот во Битола, старите рекле колку пари, толку музика. Додека неколкуте невладини еколошки организации и здруженија се обидуваа со изработка на некакви апликации и одржување разни трибини и конференции да го „чистат“ воздухот во Битола, менаџментот на РЕК „Битола“ деновиве го одврза ќесето и издвои над 20 милиони евра за набавка и инсталација на нови електростатски филтри во трите блока на РЕК „Битола“. Инвестицијата изнесува точно 20,4 милиони евра, пари што компанијата ги обезбеди од сопствени извори за решавање на овој проблем, кој во голема мера ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот не само во комбинатот туку и во Битола, Новаци, Могила.
Според некои процени, оваа е без сомнение меѓу поголемите инвестиции не само за реконструкција на системот на електростатските филтри на РЕК „Битола“ туку и во областа на заштита на животната средина во земјата. Со тоа се потврдија најавите од РЕК „Битола“ дека здравјето на вработените и на граѓаните нема цена и дека компанијата е подготвена да вложи големи средства за производство на (по)чиста електрична енергија и почиста животна средина, по стандардите во земјите-членки на Европската Унија, каде што важат строги прописи кога се во прашање загадувањето и чистата животна средина.
Инаку, да потсетиме дека постојните филтри во РЕК „Битола“ се поставувани во далечните 1979, 1986, 1989 година. Тие се доста стари и, според стручњаците, одамна го отслужиле своето и го завршиле работниот век. Тие се изработени по стандарди пропишани во тие времиња, но кои за денешни услови се далеку од доволни и прифатливи. Имено, според стручњаците на РЕК „Битола“, старите филтри на излез имаат концентрација на прашина од 100 милиграми, додека новите ќе имаат концентрација на 20 на кубен метар гас (мг/Нм3). Тоа значи дека со новите филтри ќе се добијат пет пати почисти гасови на излез од оџаците, отколку како сега што е случај. Со ова ќе се задоволат моменталните норми што важат во ЕУ за присуство на прашина во издувните гасови.
На филтрите на РЕК „Битола“ не е интервенирано повеќе од триесет години. Со инсталирањето на новите електростатски филтри и реконструкцијата драстично ќе се намали емитувањето на прашина во воздухот. Целта е, покрај намалувањето на загадувањето на воздухот, да се достигнат и западноевропските стандарди, поради што се бара од идниот изведувач да гарантира дека највисоката граница на прашина во воздухот ќе биде „само“ 20 милиграми на кубен метар, што е европски просек. И кога станува збор за преземањето конкретни мерки за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, кој стана ноќна мора за битолчани, во РЕК „Битола“ паралелно со тоа што се преземаат мерки за намалувањето на загадувањето од прашината, се размислува и за намалување на загадувањето од сулфурните оксиди, па затоа во последно време се преземаат конкретни чекори за изградба на постројка за десулфуризација, која ќе биде монтирана по реконструкцијата на филтрите. Тоа се два заемно поврзани процеси, кои се почнати првпат откако е изграден РЕК „Битола“.
Инаку, паралелно со овие крупни зафати континуирано се преземаат мерки за заштита на животната средина и со преземање други мерки и активности, за кои не е потребно значајно издвојување средства. Во рамките на тие мерки, површините на одлагалиштето за пепел во комбинатот се намалени дури за 25.000 квадратни метри.
Сега јаловината што се ископува се „складира“ во касети, а инсталиран е и систем за прскање што го намалува запрашувањето на околината. Паралелно со тоа, а се со цел за заштита на животната средина и намалувањето на загадувањето на воздухот во комбинатот, се подигнува шума од багремови садници, која во голема мера ќе го намали загадувањето на воздухот. За разлика од порано, кога тоа се правело само одвреме-навреме, сега таквите пошумувања се прават многу почесто и поорганизирано. На просторот помеѓу Новаци и Брод-Гнеотино ќе бидат засадени 50 илјади багремови садници. Локацијата за пошумување е избрана во соработка со стручни лица од Шумарскиот факултет во Скопје, за максимално намалување на запрашувањето во непосредната околина на РЕК „Битола“. Целта е да се создаде заштитен зелен појас кон населените места, како и да се облагороди земјиштето со засадување дрвја врз одлагалиштето на пепел, со што ќе се обезбедат што е можно поголеми услови за намалување на запрашувањето и ќе се создадат што повеќе природни услови за прочистување на воздухот во РЕК „Битола“.
Со темелната реконструкција на системот на електростатските филтри, со правилен третман на пепелта што доаѓа од производството, со прскањето на тие полиња, пошумувањето на голите површини, како и со примената на квалитетен ископ и транспорт на јагленот и сѐ што значи исполнување еколошки стандарди, во РЕК „Битола“ велат дека во следниот период, на радост на сите, силно ќе влијаат за подобра животна средина и подобрување на квалитетот на воздухот што го дишат битолчани.