Македонија, како мала земја, која нема и не може да има големо влијание врз случувањата во глобалните организации каква што е СЗО, може и треба да поработи на зајакнување на сопствениот јавно-здравствен систем и на зголемување на неговата отпорност не само на внатрешнополитички туку и на глобално-политички турбуленции. Тоа, секако, не значи дека треба или може да се самоизолира во однос на глобалниот систем, кој дефинитивно нема алтернатива
Не само збунувачки туку веќе и премногу опасно дејствуваат пораките поврзани со пандемијата на новиот коронавирус што ги испраќа Светската здравствена организација, а врз чија основа повеќето национални влади ги креираат сопствените политики за заштита на јавното здравје. Оваа посебна агенција за глобалните здравствени прашања при Обединетите нации и до пред само неколку месеци, неоспорен авторитет кога станува збор за заштита на глобалното здравје, како да станува најголема жртва на коронавирусот, и тоа не само затоа што падна во немилост на претседателот на САД, Доналд Трамп, како што некои се обидуваат да го претстават проблемот. Не е тоа ниту поради ситуацијата во која, впрочем, организацијата сама си се доведе преамбициозно обидувајќи се да балансира помеѓу својата основна задача – да го штити глобалното здравје, и водењето висока политика – за што воопшто не ни има мандат.
Имено, СЗО од самата појава на вирусот, според сѐ подоминантниот впечаток, целосно потфрли во извршувањето на својата основна функција, покажувајќи дека ниту била подготвена ниту има капацитет да се носи со ситуацијата. А веќе и само површно следење на нејзините активности го поткрепува таквиот впечаток.
Препораките што ги издаваше и што веднаш потоа ги повлекуваше во изминативе месеци, ако не беше толку сериозна состојбата, ќе беа навистина смешни, но кому му е до смеење сега.
Последната во низата контрадикторни пораки се однесуваше на пренесувањето на новиот коронавирус од страна на асимптоматските случаи. Тоа започна минатиот понеделник, кога СЗО, на големо изненадување на голем број еминентни светски здравствени експерти, објави дека луѓето што се позитивни но немаат симптоми не се сериозна закана за трансмисија. Веќе во вторникот СЗО си се демантира, објавувајќи дека асимптоматските случаи, сепак, ја пренесуваат заразата.
Тука мора да се нагласи оти целата конфузија не ја создаваат ниту секогаш виновните медиуми, ниту вечно дезориентираните и најчесто мошне политизираните национални здравствени институции, туку токму Светската здравствена организација, чии препораки, во принцип, резултираат со активирање или со повлекување на одредени мерки за заштита од страна на националните влади. Тоа дејствува збунувачки и вознемирувачки и ја намалува довербата во мерките кај населението и ги обесхрабрува владите во обидите да ги спроведат предложените мерки токму во моментите кога решителноста и доследноста се клучни во борбата со пандемијата
Тука мора да се нагласи оти целата конфузија не ја создаваат ниту секогаш виновните медиуми, ниту вечно дезориентираните и најчесто мошне политизираните национални здравствени институции, туку токму Светската здравствена организација чии препораки, во принцип, резултираат со активирање или со повлекување на одредени мерки за заштита од страна на националните влади. Тоа дејствува збунувачки и вознемирувачки и ја намалува довербата во мерките кај населението и ги обесхрабрува владите во обидите да ги спроведат предложените мерки токму во моментите кога решителноста и доследноста се клучни во борбата со пандемијата.
Секако, ова не треба да се сфати како обид за оправдување на нерешителното и недоследното спроведување на мерките од страна на здравствените власти во земјава, ниту како за префрлување на вината на СЗО, која вистина, во моментов, има големи внатрешни проблеми, што не значи дека, како концепт, е надмината. Со одредени реформи, на што, впрочем, упатуваат и голем број светски авторитети, таа му е потребна на светот, кој, според сите процени, во иднина сѐ почесто ќе се соочува со слични здравствени предизвици.
Но, во меѓувреме, како што се потврди во текот на пандемијата, од неа не може многу да се очекува. Некои држави го согледаа тоа уште на почетокот и, реално проценувајќи ги сопствените состојби и можности, тивко но мошне успешно ја менаџираат кризата. Некои отидоа во друга крајност, игнорирајќи ги целосно наодите и препораките на СЗО, отворено се конфронтираа со неа, дури и во однос на самото постоење на заканата од новиот вирус, така што ги изложија своите граѓани на големи страдања.
Македонија, како мала земја, која нема и не може да има големо влијание врз случувањата во глобалните организации каква што е СЗО, може и треба да поработи на зајакнување на сопствениот јавно-здравствен систем и на зголемување на неговата отпорност не само на внатрешнополитички туку и на глобално-политички турбуленции. Тоа, секако, не значи дека треба или може да се самоизолира во однос на глобалниот систем, кој дефинитивно нема алтернатива, туку дека мора малку повеќе да се потпре врз сопствените сили, за што е потребна сериозна работа.