Очигледно е дека бугарската политичко-општествена елита е во постојана координација, затоа едни го осудуваат македонизмот, други го признаваат политичкиот македонизам, трети не го признаваат македонскиот јазик и сѐ така до бесконечност! Постои навидум противречност во истовремената осуда на македонизмот и признавањето на политичкиот македонизам во бугарскиот табор, но не смее да се заборави дека кога се осудува македонизмот, тогаш се осудува како македонска национална идеологија, а кога се признава политичкиот македонизам, се признава како политичка доктрина, а последното е на линија со бугарското разбирање за вештачко создавање на македонската нација и македонскиот јазик
Секоја стратегија се стреми кон надмудрување на противникот и остварување одредени стремежи, кои најчесто се долгорочни. Секогаш подобро замислената стратегија овозможува да се биде еден чекор пред противникот преку стратегиско планирање и размислување. Притоа треба да се разграничува помеѓу стратегијата и тактиката, бидејќи тактиката се состои од вистинските средства за постигнување на стремежот, додека, пак, стратегијата се состои од целокупниот план, кој во себе вклучува и сложени оперативни содржини. Честопати стратегијата во себе вклучува и измама што има намера да го заблуди противникот преку создавање одредена „магла“, која се креира со информации и дезинформации, односно со поттикнување на противникот да верува во нешто што не е вистинито.
Една од најпознатите стратегиски измами во историјата е сојузничката операција од Втората светска војна позната под кодното име „Телохранител“. Операцијата беше осмислена од британскиот таен одел Лондонска контролна секција, чија примарна задача беше да ги координира сојузничките стратегиски измами. Споменатата операција имаше цел да ја доведе во заблуда главната германска воена команда за времето и местото на сојузничката инвазија во Западна Европа, преку дезинформации и насочување на вниманието во друг правец – Балканскиот Полуостров, Јужна Франција, Норвешка, Бугарија и сл. Операцијата „Телохранител“ беше успешна и сојузничката инвазија во Нормандија ја изненади германската команда, а Адолф Хитлер веруваше дека поморско-десантната операција во Нормандија е измама што има цел да го прикрие вистинскиот напад, поради што фирерот со недели го одложуваше испраќањето на германските воени засилувања.
Веќе подолг период сите ние сме сведоци на измама што е составен дел од добро осмислена стратегија. Последен пример за „маглата“ што одамна се креира од бугарските политичко-дипломатски кругови е меморандумот испратен до членките на Европската Унија, со кој Македонија се обвинува за антибугарска идеологија и се оценува дека главните отворени прашања помеѓу Бугарија и Македонија се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања.
Македонија се повикува да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“, наследство што е причина за наводниот „етнички и јазичен инженеринг“. За Софија, македонскиот јазик и македонскиот народ не постојат до 1944 година и нивното создавање е дел од изградбата на одделен небугарски идентитет, чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. За Бугарија, терминот македонски јазик во Преспанскиот договор не е обврзувачки за трети страни и бара во документите на Европската Унија да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“. Меморандумот не заборави да потсети на заедничката историска експертска комисија, чија работа наводно била блокирана од македонската страна, која одбивала да се договори за концептот на „заедничка“ историја и, наместо тоа, го користела терминот „споделена“.
Сосема природно, меморандумот поради својата форма предизвика емотивни реакции кај Македонците, но емоциите не ни дозволуваат да ги одгатнеме бугарските намери.
За што точно станува збор? Ако се анализира внимателно, очигледно е дека бугарската политичко-општествена елита има оформено стратегија со намера да ја оствари својата вековна цел. Споменатата „магла“ започна со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и со создавањето на македонско-бугарската комисија за историски прашања. Македонската страна можеби искрено веруваше и сѐ уште верува во искажувањата на Бојко Борисов за пријателство, но договорот и комисијата само ги замаглуваат бугарските вистински намери. Комисијата формално има задача врз основа на автентични историски извори да даде научно толкување на историските настани, меѓутоа доколку бугарската држава навистина сакаше научно толкување на историјата, тогаш во комисијата ќе назначеше историчари во вистинска смисла на зборот, а не дипломати и политичари од висок калибар, кои се обидуваат да ги наметнат бугарските погледи за историјата на македонскиот народ, притоа не треба да се заборави дека зад бугарските претставници во комисијата стои целата бугарска државна машинерија.
Но приказната не завршува тука! Пред неколку месеци, Екатерина Захариева, бугарската министерка за надворешни работи, изјави дека македонскиот литературен јазик е напишан врз основа на западнобугарскиот дијалект, а како што се доближуваше одлуката за почнување на преговорите на Македонија со Европската Унија, можевме да слушнавме дека: „Македонија може да влезе во ЕУ, но не и македонизмот, како антидемократска идеологија.“ Истовремено, еден од бугарските претставници во комисијата за историски прашања ја трасира формулацијата терен за политички македонизам!
Очигледно е дека бугарската политичко-општествена елита е во постојана координација, затоа едни го осудуваат македонизмот, други го признаваат политичкиот македонизам, трети не го признаваат македонскиот јазик и сѐ така до бесконечност! Постои навидум противречност во истовремената осуда на македонизмот и признавањето на политичкиот македонизам во бугарскиот табор, но не смее да се заборави дека кога се осудува македонизмот, тогаш се осудува како македонска национална идеологија, а кога се признава политичкиот македонизам, се признава како политичка доктрина, а последното е на линија со бугарското разбирање за вештачкото создавање на македонската нација и македонскиот јазик.
Слично како Лондонската контролна секција, бугарската страна за да ја оствари својата цел – поништување на вековниот историски развој на македонскиот народ, обмисли стратегија што има цел да нѐ збуни преку креирање одредена „магла“, која постојано се потхранува со одредени информации и дезинформации што имаат цел да нѐ поттикнат да веруваме во нешто што не е вистинито.
Бугарските искажувања за западнобугарски дијалект, официјален јазик на Република Северна Македонија, македонизмот како антидемократска идеологија, политичкиот македонизам и сл., се „магла“ што ја прикрива вистинската намера – подготовка за конечен договор, кој ќе биде во полза само на бугарскиот национализам. Имено, кога двете страни конечно ќе мораат да постигнат договор, бугарската страна само навидум ќе направи отстапки со признавањето на македонскиот литературен јазик и македонизмот како политичка доктрина во замена за „заедничката“ историја, со што македонскиот народ ќе престане да постои како посебен и автохтон народ со свој јазик, историја, обичаи и култура. Сите отстапки од македонска страна ќе водат кон признавањето дека Македонците се резултат на „етнички и јазичен инженеринг“, а не на вековен историски природен процес.
Што се однесува до признавањето на македонскиот јазик, бугарската држава ќе го признае македонскиот литературен јазик како службен јазик на Република Северна Македонија, но, внимавајте, има разлика помеѓу македонски јазик и македонски литературен јазик, првиот е природна творба на вековен процес, а вториот е вештачка творба, кој е создаден во 1944 година врз основа на западнобугарски дијалект.
Како се доведовме во оваа ситуација? Бугарија не е виновна и не треба да ја обвинуваме, затоа што секоја држава се стреми да ги оствари своите идеали, во овој случај крајно националистички – Санстефанска Бугарија. Вината лежи во сите нас, бидејќи како општество во последните триесет години од Македонија не создадовме држава во вистинска смисла, а кога Бугарија настапува пред членките на Европската Унија, ние немаме контрааргументи. Многу полесно ќе се соочевме со наметнатите проблеми од соседите доколку постоеја правна држава, функционални институции, стабилна и силна економија, а не клиентелизам, корупција, нефункционално судство, сиромаштија итн. Затоа, како општество не само што немаме подобро замислена стратегија за наметнатиот проблем со Бугарија туку ние воопшто и немаме стратегија! Во недостиг од стратегија имаме една тактика што се состои од прифаќање на прагматизмот, но во оваа ситуација прагматизмот може да ни донесе само Пирова победа! Можеби како Македонци го преживеавме Преспанскиот договор, меѓутоа во овој случај прагматизмот ќе нѐ сотре.
Да завршиме со Крсте Петков Мисирков, кој вели: „Ние, македонската интелигенција, без сомнение, ја носиме најголемата одговорност за положбата во која се наоѓа нашата татковина. Јас не се каам што уште пред 28 години се објавив за македонскиот сепаратизам. Последниот беше и си останува за мене единствениот излез, најдобриот пат по кој македонската интелигенција би го исполнила и ќе го исполни својот долг пред татковината и пред нашиот народ. Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште за минатото, сегашноста и иднината на мојата татковина“.