За враќање на квалитетот на македонската кошарка се потребни многу „двочекори“, како што се намалување на странските, а зголемување на домашните играчи во македонското првенство, што ќе претставува отскочна штица кон националниот дрес, но и ќе внесе подинамично и понеизвесно национално првенство, потоа зголемување на младите квалитетни тренерски кадри, развој на младинските кошаркарски школи, интензивни состаноци помеѓу сите значајни фактори во македонската кошарка и донесување релевантни одлуки по секое прашање
Фијаското што го претрпе сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија, откако не успеа да ги мине претквалификациите за Светското првенство (СП) во Кина во 2019 година, кое, пак, токму викендов ќе започне, и тоа по нов формат (со 32 репрезентации), сѐ уште негативно одѕвонува во македонската спортска јавност. Но репрезентативната кошарка не е слика на репрезентацијата, туку на клубовите и на нивната работа, која се рефлектира врз играчите, бидејќи клубовите се тие што создаваат играчи, а репрезентацијата само го надградува основниот талент.
Но тоа е веќе минато, а сега избраниците на идниот селектор (кој, како што е најавено, допрва треба да се избере н.з) ќе бидат пред нов предизвик, оти Македонија ќе треба да го продолжи патот на досегашниот, Јорданчо Давитков, кој го најави успешниот почеток за враќање на европските првенства, со освоеното прво место во претквалификациите против Словачка и Швајцарија. Тој пат за конечен пласман на ЕП 2021, идниот селектор ќе мора успешно да го дооди. А дотаму пречки ќе ни бидат селекциите на Италија, Естонија и на Русија, кои се дел од групата Б, каде што е сместена и Македонија.
Првиот квалификациски прозорец е предвиден да се одигра во февруари 2020 година, вториот во ноември истата година, а последниот прозорец во февруари 2021 година. Да се надеваме на позитивни вести, оти пласман на едно вакво ЕП би дошло како мелем за зацелување на раните што се отворени изминативе години.
Историскиот пласман на Македонија на ЕП во 2011 година во Литванија и 4-то место наместо да водат до нов таков или, пак, поголем успех, нѐ одведоа во спротивен правец, следуваше големо фијаско, кое резултираше со апстинирање на ЕП 2017, а потоа и да не се прескокнат ниту претквалификациите за СП во Кина.
Кревањето на кошарката, враќање на победничкиот оптимизам, со приоритет насочен кон развој на младинската кошарка, до засилување на лигата и враќање на репрезентацијата онаму каде што треба да биде, односно постојан учесник на големите натпреварувања, беа првите заложби на новиот претседател на Кошаркарска федерација на Македонија, Перо Антиќ, кога беше избран на 15 мај годинава.
Кревањето на кошарката, враќање на победничкиот оптимизам, со приоритет насочен кон развој на младинската кошарка, до засилување на лигата и враќање на репрезентацијата онаму каде што треба да биде, односно постојан учесник на големите натпреварувања, беа првите заложби на новиот претседател на Кошаркарска федерација на Македонија, Перо Антиќ, кога беше избран на 15 мај годинава.
Но за да се оствари тоа, мора поставените планови на КФМ успешно да се реализираат во практиката. Да се разбереме, осцилациите во врвниот спорт не се некое изненадување, но тие ќе мора секогаш да се ублажуваат. А македонските кошаркари се токму таков пример, оти од дивизија Б во 2005 година за шест години стигнаа до фамозното четврто место на ЕП во 2011 година во Литванија, а за исто толку години се најдоа во бездна под кошевите. Токму затоа и тоа треба да го има на ум новиот претседател на КФМ и да реагира навремено.
Лани една нова генерација на кошаркари до 16 години направи исчекор и се врати во дивизијата А, што треба многу да радува, но тоа секако е премалку за нашата кошаркарска иднина. Многу поубаво ќе звучи кога сите млади репрезентации ќе се најдат во најсилната дивизија.
За успех се потребни многу чекори, како што се намалување на странските, а зголемување на домашните играчи во македонското првенство, што ќе претставува отскочна штица кон националниот дрес, но и ќе внесе подинамично и понеизвесно национално првенство, потоа зголемување на младите квалитетни тренерски кадри, развој на младинските кошаркарски школи, интензивни состаноци помеѓу сите значајни фактори во македонската кошарка, но и во клубовите за што поефикасна работа и следење на сите актуелни состојби кај нас, но и пошироко и донесување релевантни одлуки по секое прашање за доброто на македонската кошарка…
Ако сѐ оди според планот, односно се работи квалитетно пред сѐ во клубовите, тогаш за четири-пет години може да се надеваме на конкурентна македонска репрезентација, а уште некоја година повеќе за да ги почувствуваме и првите конкретни резултати.
А, македонската репрезентативна сениорска кошарка има сили нов подем. Ако погледнеме во ретровизорот на ЕП, ќе забележиме дека таа дебитира во 1993 година на ЕП во Франција (13-то место), во 2009-та настапи во Полска (9-то место), во 2011-та во Литванија (4-то место), во 2013-та во Словенија (21-то место) и во 2015-та (24-то место). Во спротивно…