Соочени со линиите на поделби по политички, партиски, национален, верско-етнички, па дури и по општествено-социјален аспект, најмалку кој можеше да очекува е дека како општество ќе дојдеме во ситуација да се поделиме и во поглед на здравствениот елемент. Да се делиме на вакцинирани и невакцинирани, на одговорни и неодговорни, на заразни и незаразни
Има ли светло на крајот од тунелот? Сигурно многупати изминатава година и полoвина на ум ви дошла оваа мисла. Секојдневен пораст на позитивните случаи на ковид-19, за бројот на починатите, пак, сите остануваме со подзинати усти.
Маски и вакцини, нови и стари мерки. Имавме опуштено лето, но дали нѐ чека замрзната есен? И коментари има секакви, едни се согласуваат со едно, другите со другото, трети не се согласуваат со ништо. Додека докторската фела полемизира чиј имунитет е појак, дали на прележаните или на вакцинираните, граѓаните чекаат на ред по болници, по шалтери, на ред за вакцинација, но чекаат на ред и за излез или за влез во земјава. Да, имаше и такви што чекаа на ред да влезат на свадба или веселба.
И можеби ништо ново во животот на нашето поднебје. Сите ќе кажат, па, ова се постапки и случувања типични за нас. Поделени сме биле секогаш, па, ете, и сега во екот на најголемата опасност како што е пандемијата.
Сепак, соочени со линиите на поделби по политички, партиски, национален, верско-етнички, па дури и по општествено-социјален аспект, најмалку кој можеше да очекува е дека како општество ќе дојдеме во ситуација да се поделиме и во поглед на здравствениот елемент. Да се делиме на вакцинирани и невакцинирани, на одговорни и неодговорни, на заразни и незаразни.
Најмалку некој очекуваше дека во таквата поделба ќе учествуваат и оние што се одговорни и задолжени за општото јавно здравје на сите. Зошто не се успева во намерите да се креираат здравствени политики, кои од една страна ќе го штитат населението, а од друга страна ќе значат стимулација на луѓето за почитување на здравствените мерки. Наспроти ова, ние имаме состојба што не води кон прогрес, туку генерира раскол, поделби, деструкција во целото општество.
Македонија во овие речиси две години малку научи од светските искуства во справувањето со пандемијата, а граѓаните го гледаат тоа. И покрај мерките што се носеа, и покрај рестрикциите со кои сега се билда процентот на вакцинирани, јавноста како да ја губи довербата за начинот на кој се справуваме со предизвикот. Таквата разнишана доверба е една од причините и за тоа зошто денес голем дел и од здравствените авторитети сметаат дека новите мерки се погрешни и неефикасни од епидемиолошки здравствен аспект, но затоа се суперефикасни во продлабочување на поделеноста на општеството.
Надлежните органи сосема малку или речиси и да не ги слушаат експертите кога зборуваат за поинаков методолошки пристап и во политиките на справување со вирусот и сега во политиките за поттикнување на имунизацијата.
Дали и каде згрешивме? Можевме ли поинаку? Има ли начин како да се спречи нова поделба на општеството? Знаеме ли сите заедно да застанеме на иста страна во одбрана на нашиот заеднички интерес? Кој е тој заеднички интерес, да излеземе од пандемијата како победници обединети со што помалку жртви, или како поделени губитници со голем број жртви?
Затоа крајно време е синдромот на поделеност по сѐ и сешто да го замениме со фактор на обединетост, барем по клучните и стратегиски прашања за државата и граѓаните. Заштитата на здравјето, секако, е едно од нив
Одговорите на овие прашања треба да си ги дадат сите прво сами на себе.
Здравствените власти сами на себе, јавноста сама на себе, луѓето сами на себе. Ако наш заеднички именител е враќање на нормалниот живот преку максимална имунизација, тогаш треба сите заеднички да свртиме нова страница, да ја оставиме науката да се избори со пандемијата, да поставиме мерки што ќе значат стимулација, а не репресија, да бидеме одговорни, пред сѐ, за себе, а со тоа и за сите други.
Оние што ги креираат мерките мора да знаат дека тие треба да се градат прво да превенираат, а потоа да спречат каква било можност за граѓански, верски, социјален или етнички раздор и поделби. Тоа е и модел за успешно општество и модел за ефикасност на мерките. Во спротивно ако некој се чувствува дискриминиран, ако ги цени мерките дека се насочени само кон него, а не кон сите, ако се чувствува некоја група присилена, тогаш го имаме ефектот што и сега го имаме во општеството, а тоа е ефект на поларизација. Таквата разединетост ги поткопува и македонските позиции во меѓународни рамки, а тоа лошо се одразува врз државата и граѓаните. Крајно време е синдромот на поделеност по сѐ и сешто да го замениме со фактор на обединетост, барем по клучните и стратегиски прашања за државата и граѓаните. Заштитата на здравјето, секако, е едно од нив.