Во екот на една од најголемите економски кризи, предизвикана од пандемијата, најавите за инвестиции од над 370 милиони евра во капитални проекти секако звучат охрабрувачки, но неизбежна дилема што се наметнува и овој пат е колку плановите се реални, остварливи и соодветно поставени?
„Гасификацијата на општините ќе чини 350 милиони евра“, „Повеќе пари за енергетска ефикасност, претприемаштво, индустрија, туризам и инвестиции во гасификацијата“, „Пругата кон Бугарија ќе чини 600 милиони евра“, „Во 2021 година фокус ќе биде пругата за Бугарија“, „Скопје – Приштина за 45 минути по новиот автопат“, „Автопатот Скопје – Блаце готов во 2022!?“… Ова се само мал дел од неодамнешните насловите со кои се обзнануваат плановите за изградба, доградба, комплетирање или, пак, почнување на градежните зафати на големи капитални проекти.
И сѐ би изгледало многу пооптимистички доколку вакви или слични наслови не се редовни во македонските медиуми… Честопати се пишува за плановите за комплетирање на железничката пруга кон соседна Бугарија, но оваа долгосонувана инфраструктура сѐ уште е само сон. Со секоја нова прес-конференција посветена на пругата кон Бугарија слушаме колку средства ќе бидат вложени, какви проекти се планирани, но и на секоја нова прес-конференција слушаме и за ново одолжување на рокот за комплетирање на овој проект. Од осамостојувањето на државата, комплетирањето на железничката инфраструктура и поврзувањето преку железница со соседна Бугарија и соседна Албанија се неисполнет сон, еве, речиси триесетина години. Но состојбата не е ништо подобра ни во ситуации кога се зборува и пишува и за гасификацијата. Иако во Македонија одамна има гас, кој ни пристигнува од Бугарија, сепак, неговата искористеност е многу слаба, одвај дали трошиме половина од количеството што е договорено да се испорачува до нашата земја.
Од друга страна, во тек е изградбата на главниот гасоводен систем, но за изградбата на дистрибутивната мрежа, или поконкретно мрежата низ која би се испорачувал гас директно до домаќинствата, становите или, пак, до компаниите сѐ уште се во тек официјални процедури со кои треба да се договори компанијата што би ја градела дистрибутивната мрежа, но и која потоа ќе биде надлежна за испорака на гасот до граѓаните и компаниите.
Овие капитални или повеќе посакувани проекти не се единствените чија реализација оди со отежнато темпо. Ниту изградбата на патната инфраструктура не може да се пофали со многу позадоволителни рокови, но сепак, таму барем имаме одредени поместувања што се видливи и чија примена е во тек.
Во плановите за следната година, надлежните информираа дека најголемо внимание ќе биде посветено пред сѐ на здравството, што е наметнато од здравствено-економската криза што настана поради ширењето на ковид-19. Но притоа посочија дека акцент ќе биде ставен токму на капиталните проекти и на реализацијата на предвидените планови за гасификација, железничко инфраструктурно поврзување, но наедно и подобрување на патиштата.
Сепак, повеќе од јасно е дека амбициозниот план за изградба на патишта, железница или гасовод нема да го даде посакуваниот ефект без сериозна посветеност кон предвидените проекти.
Во екот на една од најголемите економски кризи, предизвикана од пандемијата, најавите за инвестиции од над 370 милиони евра во капитални проекти секако звучат охрабрувачки, но неизбежна дилема што се наметнува и овој пат е колку плановите се реални, остварливи и соодветно поставени? Надлежните се, секако, оптимисти и уверуваат дека приоритет е реализацијата на планираните инвестиции, а преку нив и поддршка на стопанството.
Без дилема, факт е дека инвестициите во капитални проекти значат живот за македонската економија, но историјата досега многупати покажа дека амбициозните планови доживуваат ребаланс, најмалку еден во годината, а оваа година беше исклучок и имавме два ребаланса на буџетот. Како по непишано правило, секоја година со ребалансот дел од средствата испланирани за „големите“ капитални проекти, завршуваат на сосема друго место, а многу често и за покривање на платите во јавниот сектор. За следната година за капитални проекти се планирани 23 милијарди денари или дури 20 проценти повеќе отколку во буџетот за 2020 г.
Никој не ги оспорува потреба и придобивките од реализацијата на капиталните проекти. Поволните ефекти од изградбата и функционирањето на железницата се многукратни, од една страна поекономичен превоз како за патниците, така и за стопанството, а од друга страна и помала емисија на штетни гасови, или почиста животна средина. Но за да го постигнеме сето ова, неопходно е да почнеме масовно да ги ползуваме железничките услуги, за што пак се потребни како изградба на долго најавуваните проекти, така и промени кон подобрување на услугата што се нуди. Мултипликативниот позитивен ефект од гасификацијата исто така е многу добро познат за јавноста, поевтин енергент, почиста животна средина, помали трошоци и за компаниите и за домаќинствата, поздрави граѓани…
Оваа здравствено-економска криза најпосле би требало да биде поттик и јасен показател дека приоритет за секоја влада треба да бидат инвестирање и подобрување на јавните услуги, опфаќајќи ги сите сегменти што се во рамките на државните функции. Паралелно со капиталните инфраструктурни проекти, кои се неопходни предуслови за економски раст, со забрзано темпо треба да се реализираат и плановите за подобрување на здравствените услуги, подобрување на образовниот процес, но и сите други услуги што ги обезбедуваат државните институции.