За Макрон се вели дека сака да ѝ даде нова геополитичка релевантност на ЕУ за да може рамноправно да игра на глобалната сцена со другите сили како САД и Кина. Тоа е легитимна цел, но ако ЕУ сака да биде релевантен играч во регионот, тогаш мора биде искрена во намерите. Во спротивно, таа навистина може да се претвори од геополитички џин во геополитичко џуџе на Балканот
Одбележувањето на триесетгодишнината од падот на Берлинскиот ѕид изминатиот викенд, меѓу другото, беше искористена и да се нагласи зошто е потребно Европа да остане обединета, но и да се посочи како внатрешните поделби постојано го разјадуваат европското единство. Меѓу разните ставови и прогнози за сегашноста и иднината на ЕУ одново се посочи на (не)успешната политика на проширување на Брисел, која долго време се нагласуваше како светла точка, ама денес се прогласува за „клинички мртва“. Вината за тоа во моментот му се припишува Емануел Макрон, францускиот и европски лидер, кој во последно време како да е во постојан судир со преостанатите колеги од ЕУ и од НАТО. Макрон е посочен и како главен виновник што Македонија и Албанија не добија зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, а сега се обвинува и дека уште повеќе го разјадува кревкото единство во НАТО, прогласувајќи го сојузот за „клинички мртов“ (единството веќе е разнишано од постојаните обвинувања на американскиот претседател Доналд Трамп).
Во групата обвинувачи на Макрон се најде и поранешниот амбасадор на САД во Македонија, Кристофер Хил, како и поранешниот шведски премиер Карл Билт. Вториот смета дека ЕУ предводена од Макрон прави катастрофална стратегиска грешка на Балканот, уривајќи ја политиката на проширување што Брисел со години ја градеше во регионот. За Билт, ветото на Макрон за Македонија и за Албанија е вето и за сите преостанати земји од т.н. Западен Балкан, кои се наоѓаат на различен стадиум во евроинтегративните процеси.
Истовремено, Хил го обвинува Макрон дека извршил „предавство на Балканот“ и дека ја запечатил политиката на проширување на ЕУ, со нејасно и неодредено образложение дека на Унијата ѝ се потребни реформи. Хил, како и други набљудувачи, го обвинува Макрон дека одбива да признае дека Франција всушност не сака проширување, мислење што во поголема или во помала мера го делат и други членки на ЕУ, но кои не сакаат јасно да го кажат.
ЕУ до вчера ја имаше Грција како главен виновник за попречување на македонските евроамбиции. Но тоа се промени со потпишувањето на Преспанскиот договор – по секоја цена и со „балкански методи“, според препораките од Брисел. ЕУ по Преспанскиот договор остана без ефикасниот блокатор, Грција, па мораше да најде нови начини за затворање на вратите, што и не изненадува, имајќи предвид колку пати и досега беа менувани политичките услови за евентуално членство во далечната иднина. Таа улога ја презедоа Франција и нејзиниот лидер Макрон, кој се претставува како предводник на ЕУ во момент кога германската канцеларка Ангела Меркел полека ја напушта политичката сцена, а Британија се подготвува да го спроведе процесот наречен брегзит. Некои од причините за ветото на Макрон може да се бараат дома. Тој се подготвува за нова претсметка на локалните избори во 2020 година и потоа на претседателските избори во 2022 година, па спроведува политика со која би можел да ѝ украде гласови на крајната десница, а таа предвидува строги мерки за спречување на имиграцијата и „не“ за проширувањето на ЕУ.
Сепак, наивно е Макрон да се посочува како единствениот виновник за запирањето на проширувањето на ЕУ. Тој е неговото актуелно лице, зад кое се кријат и преостанатите земји, кои едноставно се противат на проширување, но не сакаат јасно да го изразат тоа. Веројатно и затоа по француското „не“ веднаш се појавија разни модалитети што би требало на „специјален“ начин да го поврзат регионот со ЕУ ама да не значат и полноправно членство.
Веќе подолго време е општопознат европскиот „замор“ од проширување, што постојано се мери и со испитувањата на европското јавно мислење. Хрватска е последната земја што ја искористи можноста за влегување во ЕУ во 2013 година, по што другите земји од регионот останаа со различни статуси надвор од европското семејство. Веќе наредната година, тогаш новиот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, објави дека нема да има нови проширувања во скоро време. Таа објава, која беше повторена и во 2017 година, беше одраз на претходните кризи во ЕУ предизвикани од референдумите во Франција и во Холандија, со кои беше одбиен обидот ЕУ да добие официјален устав, како и незадоволството по приемот на Бугарија и Романија во ЕУ, кои постојано се посочуваат како најслаби членки што најмногу се мачат со корупција и со невладеење на правото. Згора на тоа, ЕУ заглави и со глобалната финансиска криза од 2008 година, украинската криза, миграциската криза, како и со брегзит по референдумот во 2016 година.
Во една трезвена анализа за стратегијата на ЕУ на Балканот под наслов „ЕУ и Западен Балкан – од геополитички џин до геополитичко џуџе“, аналитичарката на „Геополитика“, Јадранка Половиќ, посочува колку регионот всушност малку постигнал во изминатите години, наспроти политиката на проширување на ЕУ. Причините за тоа Половиќ делумно ги лоцира во (не)способноста на домашните политички елити, но и во (не)способноста и во спротивставените интереси на европските актери. За неа, односот меѓу ЕУ и Западен Балкан е хиерархиски однос во кој првата страна од втората бара исклучиво прифаќање механизми на контрола – поставени економски и политички барања како платформа за политичко-економска спрега што осигурува успешна економска и финансиска експанзија на западните развиени земји (т.н. јадро на ЕУ) кон неразвиените земји од континентот.
Половиќ смета дека таквите механизми не дозволуваат развој на независни национални интереси на земјите од Балканот. Згора на тоа, домашните елити, но и самите европски земји, повеќе ги јакнат, наместо да ги смируваат, поделбите на различни нивоа, зашто пред сѐ се фокусираат за остварување на сопствените интереси отколку на развојот на државите. Оттука, спроведувањето на структурните реформи и јакнењето на демократските процеси повеќе не се толку важни колку што е важна геополитичката игра за доминација во овие делови од Европа. Свежи примери за тоа се Македонија и процесот на ратификување на Преспанскиот договор, како и актуелното француско „не“ на проширувањето, кои главно се претставуваат како геополитичка битка меѓу Западот и источните ривали, Кина или Русија.
За францускиот претседател Макрон се вели дека е лидер што сака да ѝ даде нова геополитичка релевантност на ЕУ за да може рамноправно да игра на глобалната сцена со другите суперсили како САД и Кина. Тоа е легитимна цел, но ако ЕУ сака да биде релевантен геополитички играч во регионот, тогаш мора да биде искрена во своите намери. Во спротивно, таа навистина може да се претвори во геополитичко џуџе на Балканот.