За 25 отсто скокнале цените на храната во кантините на Европскиот парламент и тоа предизвикало своевиден бунт меѓу вработените. За неправдата да биде уште поголема, вработените од Европскиот совет и од Европската комисија јадат поевтина храна, што е уште еден доказ за нееднаквоста меѓу европските институции. Од Европскиот парламент сега се бара да биде предвесник на реформите во ЕУ, ама се носат ли реформи на празен стомак?
Деновиве пристигна драматична вест од Брисел. Вработените во Европскиот парламент збеснале кога разбрале дека за време на одморите тајно биле зголемени цените на храната во кантините на законодавното тело на ЕУ. Со таков подмолен потег, најдемократската институција на ЕУ го добила најнедемократско мени за ручек, се жалат тие.
Некои цени биле зголемени за најмалку 25 отсто, што предизвикало и формална жалба од синдикатот на вработените во Европскиот парламент. На пример, цената за порција помфрит од две евра била зголемена на 2,5 евра, а порција супа сега чинела едно евро, наместо осумдесет евроценти. Портпаролите на Европскиот парламент велат дека причината за зголемувањето на цените е вклучувањето на белгискиот данок на додадена вредност, што претходно не било случај, како и најмувањето нови доставувачи на храна. Тие тврдат дека зголемувањето на цените било најавено уште во декември, со што не се согласуваат вработените. Вториве не ги интересира фактот што биле укинати субвенциите за храна за евробирократите, кои граѓаните ги чинеле по пет милиони евра годишно. Граѓаните не уживаат субвенционирани ручеци како евробирократите, ама па тоа е нивен проблем.
Некои вработени во Европскиот парламент признаваат дека храната сега била многу повкусна од онаа, на пример, во кантината на НАТО (шегата наводно е „во НАТО сигурно не се зачленуваш заради храната“). Сепак, во ера на нула или негативни каматни стапки и на ниска инфлација во многу земји на еврозоната, зголемување од 25 отсто е неразумно. Конечно, колку и да е добра храната во кантина, тоа сепак е само кантина, во која најмногу јадат евробирократите од пониските ешалони на ЕУ, а не високоплатените политички претставници и нивните најблиски соработници, пишува магазинот „Политико“.
Ова можеби изгледа така за оние што се навикнати на високи стандарди, но е многу различно за некој што доаѓа од други далечни краишта. Пред неколку години имав можност да ги посетам европските институции и нивните кантини. Да, храната можеби е скапа (за наши услови), но кога ќе ги слушнете платите на евробирократите, цените изгледаат смешно. Луѓето што работат во европските институции не изгледаат како да им недостигаат евра за да се почестат некој десерт повеќе од кантините. Кога ќе ги видите како се дотерани, во какви канцеларии работат и како се хранат, се прашувате зошто некому во Брисел би му било гајле, на пример, што сака некој во Полска (која е членка на ЕУ) или, уште повеќе, во Македонија (која се стреми еден ден да биде примена во европското семејство). Но не се работи само за перцепција. За време на студиите во Британија се сретнав со многу Европејци од повеќе земји-членки на ЕУ, кои по секоја цена сакаа да зграпчат работно место во некоја европска институција. Топ позиции, добри плати и многу поволности, беше нивниот заеднички заклучок, иако се чувствуваа разликите меѓу Северот и Југот во ЕУ.
Тие разлики и поплаки за нееднаквост се всушност и клучни за приказната за ценовниот шок во кантините на Европскиот парламент. Имено, за да биде болката уште поголема, вработените во Европската комисија и Европскиот совет, за кои и онака се вели дека имаат многу поголема моќ од Европскиот парламент, јадат многу поевтина храна во нивните кантини. Поскапата храна во Европскиот парламент е само уште еден пример за подредената позиција на оваа институција на ЕУ, иако се смета за најдемократска во ЕУ.
Во таков дух поминаа мајските европски избори, кои можеби не донесоа толку голем популистички бран како што претходно се најавуваше и предупредуваше, но резултираа со поделен парламент. Тој уште потешко ќе може да носи закони во наредните пет години, а истовремено има големи амбиции да ја зголеми својата моќ во однос на другите европски институции. Засега не е така. Европскиот парламент во моментот претставува голема арена, во која се водат најголемите тргувања. Тоа беше очигледно при изборот на највисоките европски позиции во изминатите месеци. Европски политичари учествуваа на европските избори, а најголемите политички групации излегоа со водечки кандидати во предизборната кампања, ама на крајот лидерите од Европскиот совет понудија свои фаворити и ги поставија на највисоките функции.
Номинацијата и тесната потврда во Европскиот парламент на Урсула фон дер Лејен за нова шефица на Европската комисија само го потврдуваат кревкиот легитимитет на извршното тело на ЕУ. Обидувајќи се да ги придобие европратениците, таа вети дека ќе му обезбеди на парламентот да предлага закони, право што, според сегашните договори, е резервирано само за комисијата. Тоа би требало да резултира со поголема рамнотежа на моќ во ЕУ.
Меѓутоа, некои аналитичари сметаат дека токму подемот на Европскиот парламент ќе ја ослаби ЕУ, и тоа во време на големи предизвици, како на пример најавениот брегзит. Истите тие сметаат дека парламентот на ЕУ бара поголеми овластувања во момент кога сите крупни одлуки во ЕУ се носат со дозвола од главните градови на најмоќните членки. Според нив, Европскиот парламент постепено го зголемуваше статусот и сега, кога има поголемо влијание, треба да покаже вистинско лидерство, зашто, во спротивно, со зголемување на моќта за сметка на Советот и комисијата, може само да ја ослабне ЕУ.
Но таквиот аргумент е погрешен. Точно е дека ЕУ треба да се реформира за да биде поефикасна, но исто така е опасно да се тврди дека на ЕУ ѝ се потребни силна комисија и совет, а слаб парламент. Токму таквата ситуација поттикна многу граѓани на европските избори во мај да го дадат својот глас за алтернативни опции и да им испратат порака на традиционалните партии дека не сакаат диктати од евробирократите. Многумина оваа битка ја поедноставуваат и ја сведуваат на судир меѓу федералистите и суверенистите во ЕУ, но пораките од граѓаните се јасни и ЕУ во иднина ќе мора да се справува со нив. Прашањето е како. Европскиот парламент е поделен и се очекува уште потешко да носи закони во наредните пет години. Ако се случи тоа, само ќе продолжат обвинувањата за тоа кој бил виновен за неспроведувањето на реформите. Оние што го критикуваат парламентот дека само бара поголеми надлежности, сега го повикуваат да покаже лидерство.
Европратениците сега би требало да бидат лидерите на ЕУ што ќе покажат скромност, жртва и волја да ги стават интересите на цела Европа пред своите. Но можат ли да носат закони на празен стомак?