Многу нешта се изменија во изминатите четири децении, а од исходот на претстојното гласање ќе зависат многу работи, почнувајќи од идниот курс на Европската Унија, па до плановите за (не)проширување на европското семејство со нови членови
Повеќе од 370 милиони Европејци наредната седмица ќе имаат можност да го изберат новиот состав на Европскиот парламент. Политичките блокови се во трка за освојување што е можно повеќе мандати во 751-члениот Европарламент. Станува збор за деветти избори по 1979 година, кога европските гласачи првпат добија можност директно да ги избираат своите претставници на ниво на Европа. Многу нешта се изменија во изминатите четири децении, а од исходот на претстојното гласање ќе зависат многу работи, почнувајќи од идниот курс на Европската Унија, па до плановите за (не)проширување на европското семејство со нови членови…
Пред 40 години, на првите избори за Европарламентот одзивот на гласачите беше над 60 проценти. Оттогаш интересот на гласачите за европските избори значително е намален, па, така, одзивот пред пет години беше едвај 40 отсто. Дали станува збор за разочараност или незаинтересираност или, пак, за комбинација од двете, и не е толку важно. Тоа што е важно и од што на многумина во Брисел и во европските престолнини им се крева косата е очигледниот и, по сѐ изгледа, незапирлив подем на популистите, односно на партиите и политичките групации од екстремите на политичкиот спектар – како екстремната десница, така и екстремната левица. Овие популистички партии сметаат на гневот и разочараноста на гласачите од ЕУ, нејзините политики и воопшто од тоа во која насока се движи европскиот проект.
Поттикнат од разочараноста од актуелниот политички естаблишмент, гневот на гласачите годинава може да доведе до драматични промени во Европарламентот. Цели четири децении Европскиот парламент е под целосна доминација на блокот конзервативни партии и на групацијата умерени социјалдемократи.
Судејќи според најновите анкети на европско ниво, и двата големи блока може да загубат по 50 мандати во новиот парламентарен состав. Од друга страна, пак, италијанското движење „Пет ѕвезди“ се очекува да освои над дваесет места, а алијансата на Матео Салвини може да добие 70 мандати.
Најновата анкета на Европскиот совет за надворешни работи треба веднаш да го вклучи алармот за тревога во Брисел. Според резултатите од анкетата, повеќе од половина од европските испитаници сметаат дека ЕУ ќе се распадне во наредните десет-дваесет години. Истовремено, дури 30 проценти стравуваат дека конфликт помеѓу земји-членки на Унијата е реална можност
Токму гневот на гласачите е првата битка што европските народни кандидати мора да ја победат, разубедувајќи и убедувајќи ги во исправноста на својата визија за иднината на ЕУ. Што го разгорува гневот на Европејците? Истата работа што го разгоруваше гневот на британските гласачи на референдумот за брегзит и што доведе до избор на контроверзниот милијардер Доналд Трамп за претседател на САД – фактот дека работничката класа и луѓето од средната класа се сведоци на влошувањето на сопствениот животен стандард. Популистичките партии нема да ја пропуштат шансата да ја искористат разочараноста кај голем број гласачи…
Групациите од екстремите на европскиот политички спектар не штедат на енергија, средства и пари за да ја протуркаат својата вистина, која, пак, честопати се покажа дека е обична лага. И тука доаѓаме до втората битка што се води и што ќе се интензивира наредните денови – битка за вистината, односно војна против лажните вести. И повторно, Брисел некако тромаво реагираше за овој предизвик. На првиот човек на Еврокомисијата, Жан Клод Јункер, му беа потребни повеќе од две години за конечно да објави дека е дојден моментот за „усогласување на изборните правила со дигиталната ера, за да се заштити европската демократија“. Реакцијата на Јункер се случи само на осум месеци пред сегашните евроизбори. На Европската комисија ѝ беа потребни уште два месеци за да го објави својот „акциски план“, посочувајќи ги напорите за зголемување на свесноста, комуникацијата, финансирањето и мониторирањето, и да создаде систем за предупредување за прекуграничните дезинформациски кампањи. Како дел од планот, интернет-гигантите „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“ се согласија да преземат конкретни чекори, како што е забрзување на бришењето лажни профили и инкорпорирање на засилено проверување на факти во своите системи. Во анализите на комисијата се предупредува дека големите „фабрики за интернет-тролови“ во Русија месечно трошат речиси еден милион евра за постојано ширење дезинформации и лажни вести. Од друга страна, пак, тимот на ЕУ што се бори против ваквите малициозни напори се состои од едвај 16 лица, чиј буџет е пет милиони евра, но на годишно ниво. Тоа доволно говори за (не)сериозноста на Брисел наспроти декларираните желби, намери и планови за справување со овој политички феномен на 21 век.
За крај, вреди да се посочат прогнозите и очекувањето на Европејците за иднината на Унијата и заедничкиот проект. Па, така, најновата анкета на Европскиот совет за надворешни работи треба веднаш да го вклучи алармот за тревога во Брисел. Според резултатите од анкетата, повеќе од половина од европските испитаници сметаат дека ЕУ ќе се распадне во наредните десет-дваесет години. Истовремено, дури 30 проценти стравуваат дека конфликт помеѓу земји-членки на Унијата е реална можност.