Пандемијата наметна мноштво предизвици при што е особено тешко да се балансира помеѓу здравствените и економските ризици и да се најдат најдобрите решенија. Во таа насока отсега и во иднина се потребни нови стратегии, нови правци и насоки, дополнителни развојни мерки за компаниите да можат да заздрават во постковид-периодот, поттикнување на приватниот сектор со добро осмислени мерки за да закрепне економијата, да се обезбеди раст и јасна стратегија за намалување на сиромаштијата
Пакет мерките за помош на стопанството и граѓаните за време на пандемијава се дизајнирани за да обезбедат одржливост на најранливите категории и најпогодените фирми, како и економско закрепнување и солиден економски раст во постковид-периодот.
Но дали помошта е адекватно димензионирана, дали е еднакво распределена по потребите на пазарот на трудот, дали е доволна квалитетна, бидејќи стопанството постојано апелира дека состојбата е исклучително тешка и дека со досегашниот пакет мерки Владата само „гаси пожари“, а нема подолгорочна визија за излегување од кризата.
Сепак, полека завршуваат механизмите на поддржување на стопанството од страна на државата, на крајот ќе снемува и пари и секое друго додавање пари во стопанството ќе биде поврзано со задолжување. Ние веќе издадовме еврообврзница, имаме обврски да враќаме, се задолжуваме и кај домашните банки, тоа значи дека и фискалниот простор се затвора. Стравот е поголем сега, бидејќи ако проблемите со вирусот потраат, тогаш ниту Владата ќе може да најде средства за нова финансиска помош, ниту пак компаниите ќе издржат во битката за опстанок.
Се разбира, ова ќе биде различно од дејност до дејност, но по завршувањето на финансиската помош, ако кризата продолжи и понатаму, тоа ќе предизвика зголемување на невработеноста, продлабочување на сивата економија, зголемување на трошоците за живот… Мора посебно внимание да се обрне и на прагот на сиромаштијата, трошоците за живот се многу високи, се трошат околу 40 отсто од месечните примања само за храна и пијалаци, а каде се другите основни потреби?!
Иако пакетите, како што најавуваа од Владата, требаше да одат континуирано кон подобрување на деловното опкружување и кон стимулирање на растот на економијата, сепак тоа не е целосно постигнато бидејќи има многу загрозени сектори, фискалниот простор е ограничен, ефикасноста на институциите не е на завидно ниво, дури и реализацијата на пакетите е поврзана со ефикасноста на институциите.
Сепак, погодените сектори постојано притискаат и чекаат финансиска помош, но Владата не смее да заборави колкава ѝ е чергата и треба особено да биде внимателна овој период. Компаниите веројатно постепено треба да се ослободат од државната помош по кризата, но треба да бидат поддржани во развојот и следени при остварување раст.
Тешко е да се нудат решенија во оваа состојба, Владата е во незавидна позиција каде што ги балансира и здравствените и економските ризици. Потребни се нови правци и насоки за да ја кренеме економијата на нозе, дополнителни развојни мерки за компаниите да можат да заздрават во постковид-периодот, поттикнување на приватниот сектор со добро осмислени мерки за да закрепне економијата. Како мерка за излез од кризата, стопанствениците ја посочија и дигитализацијата на компаниите, да се забрзаат дигиталните процеси, со што работата ќе биде модернизирана и ефектите од истата таа ќе бидат поголеми. Компаниите треба да бидат поддржани во претставувањето и презентирањето на компаниите и да бидат поддржани во интернационализацијата и наоѓањето нови пазари, како и поддршка за промовирање македонски производи и услуги преку бизнис-здруженијата на домашниот и на меѓународниот пазар.
По пандемијата, ќе биде неопходна поголема фискална консолидација. Политиките ќе треба внимателно да се позиционираат некаде на средина. На пример, ќе мора поамбициозно да се кратат непродуктивни трошења, но трошењата за клучните сектори веројатно ќе треба да се зголемат. Образованието од пандемијата ќе излезе со некои поуки што ќе наметнат трошења за да се зголеми отпорноста на образовниот систем на нови вакви потреси. Истото тоа се однесува и на здравствениот сектор, кој по пандемијата ќе треба особено да се насочи кон инвестиции во кадар. Да не ги изоставиме капиталните инвестиции, кои мора да бидат еден од моторите на постпандемискиот економски раст. Што се однесува до даноците, консолидација ќе биде неопходна и на таа страна, првенствено преку зголемување на даночната база и ревизија на даночните олеснувања, а на среден рок и размислувања за корекција кај некои даноци, како што се персоналниот данок на доход и данокот на добивка.
Исто така, потребна е поактивна борба против сивата економија.
Пресметки на аналитичарите покажуваат дека заради стекнување право за користење на мерките, еден дел од неформалните работни места беа формализирани со нестандардни договори за вработување (привремени, на определено работно време или на скратено работно време). Но сепак сивата економија е висока и треба да се зголеми контролата, да се зголемат инспекциите на терен, но притоа мора да се регулира и да се контролира кај сите субјекти, и кај непријавените и кај нерегистрираните, не само кај оние што работат во согласност со законите. Несомнено, потребни се мерки за лесна транзиција на неформалните работници во формалната економија, преку обезбедување субвенции за формализација, пакети за развој на претприемаштвото и пристап до пазар и финансии. На крајот, клучно ќе биде сево ова по пандемијата да се изведе во консултативен процес, добро осмислено и во соодветен момент што ќе овозможи економските агенти да се приспособат кон промените.