По долгиот но релаксиран лет од Истанбул за Бангкок, авионот беше 80 отсто празен, малкумина се упорни и истрајни да патуваат во ова време за Тајланд (ќе видите подолу во текстот и зошто), пристигнуваш на аеродромот „Суварнабуми“ и – културолошки шок! Ако баш овој израз може да се користи и за ваква опсервација. Не допираш ништо и никого и никој не те допира тебе. Дури не ти ни прозборува, чудно за нас што сме навикнати касиерката во продавница да ти се искива во фаца!
Ден 5-ти во задолжителен хотелски карантин во една азиска земја. Уште девет до излегување. На слобода! Нема да се задржувам на причините зошто среде најголем ек на пандемија се одлучив на ваков подвиг, мотивите се повеќе од оправдани, барем за мене, и сосема лични. И нема да образложувам, ниту да се жалам, колку е тешко ментално да се издржат две недели во строго ограничени и стриктни услови, затоа што тоа беше лична одлука и избор. Ама, во секој случај, не е многу забавно! Ќе почнам од почеток, заради споредба како Македонија се справува со кризата, барем во сегментот на патувањата, и како го прават тоа другите земји. Во случајов Тајланд, земја со популација од близу 70 милиони, која во моментов има помалку од илјада ефективни заболени, вкупната бројка на починати од почетокот на кризата е околу 80, а дневно има најмногу по 7 нови случаи.
Светот речиси една година дебатира за можните причини за ниската трансмисија на вирусот во оваа земја, па едни аналитичари „нивната тајна“ ја поврзуваат со социјалното дистанцирање, кое е дел од тајландската култура, односно навиката за поздравување со наклон наместо со прегрнување, други со раното воведување на носењето маски, во комбинација со ефикасниот здравствен систем, трети со навиката на Тајланѓаните да поминуваат време на отворено. Некои отидоа дотаму што понудија теорија за нивната генетска компонента што го прави овој народ по должината на реката Меконг поотпорен на коронавирусот… Од она што го дознав и го видов со свои очи, можеби е од сѐ по малку, или ништо од наведеното. И секако не е некаква „алхемиска тајна“.
Едно е сигурно. Тајланд има детално обработена стратегија за справување со ширење на вирусот, настрана стандардните мерки за заштита, особено кога станува збор за странските туристи. Мојот впечаток е дека тука само пиле може да прелета, ама ако го фатат, нема да помине без сите можни контроли, без да му измерат температура најмалку двапати дневно, без да му направат неколку ПЦР-тестови, а потоа 14 дена изолација во кафез. Се шегувам, но оваа поедноставена метафора комплетно соодветствува на овдешната ситуација.
Во 14-дневниот карантин, двапати на ден си мериш температура и му испраќаш слика од термометарот на медицинскиот персонал преку апликацијата „Лајн“. Ако телесната температурата ти е под 37 степени, добиваш и подарок – некое инфантилно стикерче со насмеано мече или зајче, кои се многу популарни меѓу Азијците. Истовремено глупаво и симпатично, на некој чуден начин. Понекогаш ти проработува балканскиот менталитет, па помислуваш да им ја праќаш истата слика од термометарот секој ден, ама те фаќа некако шубе непотребно да мамиш. Сепак, сакаш да си го заслужиш меченцето
Тајланд лани во јануари го потврди првиот светски случај на коронавирус надвор од Кина. Стануваше збор за турист од Вухан, каде што изби заразата. А другиот бран на инфекции беше поттикнат од луѓето што доаѓаа од Јапонија, Европа и од САД. Но веќе во март беше воведен карантинот, а локалните инфекции стивнаа. Имаа само „увезени“ случаи. Затоа Тајланд воведе строги ограничувања за патување и регулативи за странски посетители, и покрај тоа што страдаше и сѐ уште страда туристичкиот сектор, кој претставува околу една петтина од БДП на Тајланд во претпандемичните времиња, што го прави главен двигател на втората по големина економија во Југоисточна Азија.
Ќе тргнам од почетокот на патувањето. Од скопскиот аеродром. За да влезете во зградата, а и за да излезете од неа, освен маска на лице, не ви треба ама баш ништо друго. По некое дотрошено средство за дезинфекција по шалтерите, и правилото – влегуваш само од еден влез, излегуваш од друг (како тоа да прави некоја разлика). Во тоалетите недостига дури и хартија за бришење раце. Малкумина патуваат надвор, па нема голем метеж, за среќа, ама на излезот за пристигнувања, толпа луѓе се туркаат побрзо да излезат. Никакви проверки. А надвор од зградата, емотивни поздравувања, бакнувања, прегратки со пријатели и роднини… Толку за првиот впечаток, кратко беше времето да се набљудува повеќе и во детали. А ги има сигурно. Сликата горе-долу е слична и на истанбулскиот аеродром.
По долгиот но релаксиран лет за Бангкок, затоа што авионот беше 80 отсто празен, малкумина се упорни и истрајни (ќе видите подолу во текстот и зошто), пристигнуваш на овдешниот аеродром и – културолошки шок! Ако баш овој израз може да се користи и за ваква опсервација. Не допираш ништо и никого, и никој не те допира тебе. Дури не ти ни прозборува, чудно за нас што сме навикнати касиерката во продавница да ти се искива во фаца! Се комуницира со движења на рацете.
Целиот аеродромски персонал облечен од глава до петици во заштитни облеки, малку како во високобуџетен научнофантастичен филм, ама подоцна сфаќаш дека ништо не е претерано ни непотребно. Мерење температура на секој влез, нормално, редици со растојание од два метри. Местата каде што треба да застанеш се јасно обележани.
Потоа целосна и детална проверка на документите. Е, тоа е веќе посебна приказна. Документи, цел кластер. Покрај визата во пасошот (воведена е и специјална за долг престој), па во папката треба уредно да си го имате следното: ПЦР-тест, медицински сертификат дека си здрав, уште еден формулар наречен „Фит ту флај“, пополнет од медицинско лице, декларациска форма, документ Т8 (може да се пополни и на аеродром), здравствено осигурување до 100 илјади американски долари, кое меѓу другото покрива и лекување од ковид-19 (нашите компании не го нудат, па треба да се информирате за оние осигурителни компании што Тајланд ги признава), ЦОЕ (сертификат за влез) издаден од надлежната амбасада, резервирано и целосно платено хотелско карантинско сместување (од државно одобрена листа на хотели), авионски летови во двата правци, симната посебна апликација „Тајланд плус“ на мобилниот телефон за евентуално следење додека сте во земјата… Можеби заборавив нешто, ама приближно е тоа. За да се обезбеди сето ова, ви треба најмалку месец и половина, затоа што и процедурата на вадење на сите овие хартии и вклопување на сите резервации не е нималку едноставна.
Слушнав зад мене во редот, иако на два метри оддалечени, некои млади Германци како коментираат: „Ол дис пејперс, крејзи!“За упорните, или мотивираните, сѐ може да се заврши и за нешто пократко време. Откако успешно ќе ги поминете сите контроли, багажот исто така не го допирате, има кој го прави тоа за вас, со ракавици, ве чека персонал од вашиот карантински хотел и такси-возило со стаклена преграда меѓу возачот и патникот, кое ве носи до вашата дестинација, онаму каде што сте избрале да ги поминете наредните две недели, без допир, ни визуелен, со остатокот од „нормалниот“ свет. Хотелите што нудат карантинско сместување, дури и најевтините, се безобразно скапи, особено ако се има предвид дека тие 14 дена не кулирате под некоја палма со кокос во рака. Хотелскиот карантин е на ваш трошок, се разбира.
Според протоколот, гостите се тестираат двапати, а по првиот негативен тест може да ја напуштат собата на еден час, но само во некоја просторија во хотелот, ако имате среќа може да си резервирате еден час на отворено, на некоја од хотелските тераси, ако ги има. Двапати на ден си мериш температура и испраќаш слика од термометарот на медицинскиот персонал преку апликацијата „Лајн“. Ако телесната температурата ти е под 37 степени, добиваш и подарок – некое инфантилно стикерче со насмеано мече или зајаче, кои се многу популарни меѓу Азијците. Истовремено глупаво и симпатично, на некој чуден начин. Понекогаш ти проработува матичниот менталитет, па помислуваш да им ја праќаш истата слика од термометарот секој ден, ама те фаќа некако шубе непотребно да мамиш.
Сепак, сакаш да си го заслужиш меченцето. На истиот начин, онлајн, комуницирате и со рецепцијата на хотелот, доколку имате некаква потреба. Оброците се доставуваат пред врата трипати на ден. Храната е строго хигиенски спакувана и во мали количества (за балкански апетит) и, во зависност од тоа колку силен желудник имате, поднослива. Но она што секако имаш на претек е време. Најмногу за егзистенцијални контемплации за суштината на животот. Како ќе продолжи оваа приказна, не знам, сѐ уште контемплирам.
Но колку е да е необично, на моменти непријатно, искуството, секоја чест на Тајланѓаните. Морам на крајот да признаам дека малку се изнервирав кога пресметав дека првата ноќ не ја пресметуваат во „егзотичниот пансион“, така што излегуваат 15 наместо 14 ноќи. Ама кој веќе да брои?