Патем, едноумието на Бугарија што е причина за вето кон Македонија се коси со сите европски и меѓународни вредности, стандарди, правни акти и е спротивно и на историските факти и на историската вистина. Ваквото едноумие и диктат на Софија ги ставаат на испит и парламентарната демократија и плурализмот во самата Европска Унија, каде што одлуките ги носи мнозинството. Или, со други зборови, консензусот на кој се повикува ЕУ е само затскривање зад едноумието како нејзино ново име што владее внатре во самата ЕУ
Кога по речиси 25 години макотрпни, тешки и би рекол фрустрирачки преговори за спорот со Грција за името, на 17 јуни 2018 година, во Нивице, Преспа, беше потпишан Преспанскиот договор, се чинеше дека конечно Македонија може да здивне од блокади, опструкции и вета и да се подготви за почеток на преговорите за влез во ЕУ.
Иако промената на името предизвика фрустрации кај најголемиот број граѓани на Македонија, сепак некои од нив со тешко срце го голтнаа и тој горчлив залак, со надеж дека ќе ни биде широко отворен патот кон ЕУ. Но, за жал, се покажа дека не е така. Неодамна Бугарија стави вето за почнувањето на пристапните преговори со Европската Унија. Практично се сменија само улогите на блокаторите на Македонија. Прво Грција, па сега Бугарија. Би требало човек да е наивен и да (по)верува дека Бугарија токму сега нема да ја (зло)употреби својата (историска) шанса што и се укажа за дефинитивно расчистување на недоразбирањата со Македонија. Или, со други зборови, со уцени и притисоци кон Македонија да се обиде не само да ја преиначи историјата туку и целосно да ја обезличи македонската држава, нашиот идентитет, јазик и сѐ што претставува обележје на еден народ и држава.
Иако Бугарија како членка на ЕУ има право секогаш во текот на преговарачкиот процес да стави вето, сепак се одлучи уште на стартот да ги испорача своите барања, кои го закочија процесот на интеграциите на Македонија во ЕУ. Колку и да изненадува таквиот потег на Бугарија, уште повеќе изненадува и загрижува, а во најмала рака фрустрира, и однесувањето на Брисел кон ветото на Бугарија.
Иако сите земји-членки на ЕУ, освен Бугарија, дадоа виза Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ, сепак тие по ветото на Бугарија се однесуваа(т) ладнокрвно и без некакво вознемирување привремено ја одложија одлуката за почеток на преговорите. Причината за таквата одлука е добро позната, затоа што во ЕУ одлуките се носат со консензус.
Сега, по ветото на Бугарија, Македонија по 25 години чекање во чекалницата повторно се најде таму каде што беше, на перонот на железничката станица за Брисел. По толку многу трпеливост, чекање, децениски преговори, отстапки, компромиси, откажувања, смена на знамето, Уставот, па дури и на уставното име на државата, Македонија пак не може да ги почне преговорите за влез во ЕУ. Кои сѐ пречки и условувања (ќе) нѐ чекаат во иднина и на тој макотрпен пат кога треба конечно да влеземе во ЕУ, тешко може да замисли човек од оваа генерација. Но она што некои поранешни генерации добро го паметат и знаат се начинот на одлучување и уредување на овие простори во некои минати времиња и односот на ЕУ кон тоа. На пример „едноумието“, диригираниот став и политика на врвот, која мора сите да ја прифатат, немањето демократија и плурализам, беше една од причините за распадот на некогашната СФРЈ. Но да биде иронијата поголема, денес истата таа Европска Унија, која пропагира плурализам и парламентарна (европска) демократија, станува заложник на едноумието на една нејзина членка, во случајот Бугарија.
Патем, едноумието на Бугарија, што е причина за вето кон Македонија, се коси со сите европски и меѓународни вредности, стандарди, правни акти, и е спротивно и на историските факти и историската вистина. Ваквото едноумие и диктат на Софија ги ставаат на испит и парламентарната демократија и плурализмот во самата Европска Унија, каде што одлуките ги носи мнозинството. Или, со други зборови, консензусот на кој се повикува ЕУ е само затскривање зад едноумието како нејзино ново име што владее внатре во самата ЕУ. Како е можно уцените и блокадите на една членка на Унијата да ги анулираат ставовите на сите други членки на Унијата, кои јасно застана зад Македонија и во одбрана на историските факти и вистината. Што е ова ако не класичен пример на едноумие, внатре во самата ЕУ, во 21 век. Може ли ЕУ да си дозволи да биде жртва на каприците и заблудите на една нејзина членка? Каде е тука принципот на плурализам, мнозинско одлучување и сѐ што е одлика на една високоразвиена демократија?
И додека Македонија, и покрај сите слабости, веќе одамна практикува плурализам и демократија, на патот до Брисел државата уште од своето осамостојување се соочува со проблемот на европското едноумие. Можеби звучи апсурдно, но, за жал, така е.
Во Брисел не може да се донесе или усвои ниту една одлука доколку сите членки на Унијата не бидат согласни со тоа. Доволно е само една земја да биде против, и што би рекол Цацко од К-15, нема ништо од бизнисот. Во блокадите, ветата и опструкциите особено предничат земјите од ЕУ со најниско ниво на демократија, автократско политичко водство, проблеми со корупција внатре во нив и наталожени историски предрасуди кон соседите. Последен типичен пример за тоа е Бугарија, која е најниско рангирана во рамките на ЕУ по ниво на демократија, а има и мноштво корупциски скандали. Ваквите членки практично ја злоупотребуваат целата ЕУ, со своите потези и уцени.
Повеќе од две и пол децении, и покрај големиот број позитивни извештаи и многубројните препораки на Советот на Европа и Европската комисија, Македонија да добие датум и да ги почне преговорите за влез во ЕУ, сепак поради блокадата од Грција никако не можеше да почне со преговорите. Сега се испречи нова пречка, Бугарија.
Колку уште нови пречки од некои други соседи ќе се јават на патот за ЕУ, останува само да нагаѓаме. Една цела млада генерација остареа и станаа пензионери чекајќи Македонија да ги почне преговорите за влез во ЕУ.
Чудно е како ЕУ не го гледа сето тоа.
Судбината на Македонија на патот за Брисел е добро позната и единствена во светот, но се поставува прашањето каква е иднината на ЕУ доколку и натаму одлуките во Брисел се носат на овој начин, со уцени, условувања, блокади и притисоци. Токму како во едноумието.
Во овој момент, по блокадата на Бугарија, се покажа дека попусто биле сите отстапки што ги направи Македонија на патот за Брисел.
Земјите-членки на ЕУ што ни беа претставувани како урнек за демократија и повеќепартиски плурализам, сега, поради немање консензус или едногласна одлука, не можат да ѝ дозволат на Македонија да ги почне преговорите.
А такви (пред)услови воопшто не се предвидени во Копенхашките критериуми од 1993-та и Мадридскиот критериум од 1995, во кои јасно стои што треба да исполнат земјите-кандидати за пристапување во ЕУ. Во нив едноставно пишува дека тие ќе можат да го направат тоа кога ќе станат способни да ги прифатат условите за членство (правен услов), со истовремено исполнување на економските и политичките услови. Во нив никаде не стои дека државите треба да се откажуваат од своето уставно име или минато и секој сосед, при секое отворање на некое поглавје, да ја препрочитува историјата како што нему му одговара.
Кога тие услови, кои сега ѝ се испорачуваат на Македонија, би важеле во претходниот период за некои сегашни членки на ЕУ, денес веројатно Европската Унија ќе беше неколкукратно помалобројна.