(Не)асфалтирањето на улицата Св. Климент Охридски во Битола уште еднаш на површина ги изнесе проблемите со јавните набавки и игрите што се играат при електронските аукции, каде што главен критериум за добивање на тендерите е најниската цена. Комисиите што ги спроведуваат јавните набавки треба добро да размислат кога ги објавуваат тендерите и притоа добро да се заштитат од сите можни непредвидливи ситуации, зашто на крајот секоја грешка скапо се плаќа, а таквите грешки најчесто ги плаќаат граѓаните, кои, кога станува збор за асфалтирањето на улицата „Св. Климент Охридски“, го платија и тоа повеќепати
Деновиве по речиси една нецела година конечно беше асфалтирана улицата Св. Климент Охридски во Битола. Асфалтирањето на оваа улица, која е долга нецели 450 метри, во нормални услови би требало да биде безначајна вест, не само за пошироката, туку и за маалската јавност во Битола.
Но токму улицата Св. Климент Охридски и доцнењето со нејзиното асфалтирање од речиси една година, на површина ги исфрли сите тендерски и политички игри, кои ја следеа нејзината реконструкција. (Не)асфалтирањето на улицата Св. Климент Охридски во изминатите неколку месеци беше ноќна мора не само за жителите од тој дел на Битола, кои речиси цела година газеа по кал или се задушуваа од прашина, туку и за локалната власт во Битола на чело со градоначалничката Наташа Петровска. Паралелно со тоа, улицата што се наоѓа во непосредната близина на Широк сокак, беше предмет и на беспоштедна пресметка помеѓу двете најголеми политички партии во Битола, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и на внатрепартиската кавга на дел од членството на СДСМ со нивните претставници во локалната власт и со градоначалничката Петровска.
Токму (не)асфалтирањето на улицата, според некои, скапо го чинело СДСМ на претседателските избори. Партијата, наводно, добила дури 14 илјади гласа помалку, зашто битолчани не можеле да им простат на локалната власт и на градоначалничката Петровска за одолжувањето.
Освен тоа, оваа улица, стана предмет и на подбив на битолчани со локалната власт, а битолските мајтапчии за нејзиното (не)асфалтирање смислија голем број вицеви, кои се раскажуваа и во кафеани и на социјалните мрежи.
Од „белата куќа“ покрај Драгорот, пак, се бранеа со тоа дека изведувачот на работите, чиј сопственик е близок до опозицијата, а кој го добил тендерот на електронската аукција уште во 2017 година, наводно, намерно одолжувал со изведбата за да се создаде негативна слика за локалната власт пред претседателските избори. Поради таквото доцнење, локалната власт, под притисок на јавноста, му го раскина договорот и распиша нов тендер, за избор на нов изведувач.
Од страната на изведувачот, пак, на таквите критики возвраќаа дека во динамиката на реконструкцијата на улицата немало никаква политика и дека не биле вклучени само тие во реконструкцијата, туку работите ги изведувале уште неколку фирми, а само ним им бил раскинат договорот. Тие објаснуваа и дека поради доцнење на другите изведувачи, не биле создадени услови за поставување асфалт, а асфалт не се става во зима, кога е затворена асфалтната база, туку само кога временските услови се поволни и температурата изнесува над осум степени.
И додека локалната власт се расправаше со отпишаниот изведувач од Битола, целиот проблем со асфалтирањето на улицата го реши градежната фирма „Еуроинвест медија“ од Зајас, која по двете неуспешни аукции, на последната електронска аукција, која се одржа на 30 април, го доби тендерот и деновиве конечно ја асфалтира улицата ставајќи им така крај на маките на жителите на тој дел од Битола. Но не и на целиот случај.
Имено, откако општината ѝ го раскина тендерот на битолската градежна фирма, таа возврати со тужба и деновиве го доби судскиот спор со општината, а за извршените работи по судски пат си ги наплати парите. Деновиве, фирмата поднесе нова тужба против општината со барање за надомест на штета за едностраното раскинување на договорот и изгубениот углед. Оттаму се уверени дека ќе го добијат и овој спор, бидејќи сметаат дека неправедно се оцрнети во битолската јавност и дека без докази се прогласени за виновни за доцнењето со асфалтирањето.
Овој случај со асфалтирањето на улицата Св. Климент Охридски во Битола уште еднаш на површина ги изнесе проблемите со јавните набавки и игрите што се играат при електронските аукции, каде што главен критериум за добивање на тендерите е најниската цена. Комисиите што ги спроведуваат јавните набавки треба добро да размислат кога ги објавуваат тендерите и притоа добро да се заштитат од сите можни непредвидливи ситуации, зашто на крајот секоја грешка скапо се плаќа, а таквите грешки најчесто ги плаќаат граѓаните, кои, кога станува збор за асфалтирањето на улицата Св. Климент Охридски, го платија и тоа повеќе пати.