Сите со години таложени локални проблеми треба да се решат сега и веднаш, за да не се провлекуваат понатаму и за други изборни циклуси. Зашто, нели, сите целиме кон Европа. А таму клучни теми за локални избори се роботика, сателитско раководење, сончева енергија, модернизација и паметни уреди на сите нивоа, додека ние сѐ уште се занимаваме со дивоградби, септички јами и изградба на канализација. Па, како ќе влеземе во ЕУ без канализација? Кој ќе нѐ прими?
Kампањата за локалните избори е во полн ек. Бидејќи изборите и предизборието се период кога кандидатите, партиите и политичарите го вадат сиот расположлив арсенал за да „уловат“ што е можно повеќе гласачи, се добива впечаток како и на овие локални избори да недостига свежина од концепти, проекти, визии и новитети, а сето тоа во јавноста формира слика дека програмите на кандидатите како да се рециклирани и пресликани од некои минати изборни циклуси. Или, пак, со години ништо не е променето, па одново и одново на секој изборен циклус кандидатите мора да излегуваат со стари идеи и проекти. Барем од она што чувме досега во партиските памфлети за гласањето што ќе се одржи на 17 октомври, провејуваат препознатливи и досега чуени проекти, кои во различни форми биле веќе ветени, но, за жал, никогаш не биле остварени од сите претходници и раководства во локалната самоуправа. Очигледно во трката за гласови, и кај власта и кај опозицијата, никогаш не излегуваат од мода ветувањата за асфалтирање патишта, изградба на канализации, водоводи, паркови, базени, киносали, реновирање училишта, болници, младински центри, топлификација, гасификација итн. И кога ќе се соочите со податокот и фактот дека само 18 проценти од вкупната територија на држава има канализациска мрежа, ваквите елементарни ветувања и проекти се донекаде разбирливи.
Но, од друга страна, и несфатливи. Тоа само покажува колку сме далеку од Европа, во која, додека ние се занимаваме со канализација, веќе се дебатира за роботизација, сончеви системи, сателитско регулирање на сообраќајот и редица други иновативни и најсовремени решенија. Зачудува фактот што со години, почнувајќи од независноста досега, постојано се зборува за едни исти проекти, кои никогаш очигледно и не биле сработени.
Овие ветувања на сите кандидати на локалните избори, слободно кажано, потсетуваат како да потекнуваат од минатиот век, во споредба со проектите и плановите што се нудат во Европа на локални избори.
Секоја од политичките партии се надева дека со споменатите изборни програми ќе стигне до посакуваниот резултат, иако реално постои недостиг од идеи и визии пред гласачите да се понуди нешто ново и освежувачко, па во изборната трка едноставно се рециклираат старите и испробани практики.
За разлика од кај нас, во „белиот свет“ годинава исто така се одржаа редица локални избори, а за илустрација може да се искористат искуствата на оние од Англија и од Германија. Тамошните политички локални елити во освојувањето на власта во градовите и општините настапија со сосема поинакви планови од нивните колеги во Македонија. За споредба, локалните политичари во Европа ветуваа разни проекти за користење на сателитските врски за поефикасен градски превоз, проекти за искористување на сончевата енергија и овозможување на напојување со електрична енергија на новиот тип на електрични возила. Политичарите од Англија и од Германија дури ветуваа и примена на роботика и дигитални решенија во секојдневието и паметни системи за наводнување на зеленилата и парковите.
Тоа се нивото и прашањата со кои се занимава Европа. А ние, нели, целиме кон Европа. Па, како ќе влеземе таму без канализација? Кој ќе нѐ прими?
Тешко е за верување дека за кратко време може да се промени нешто што сме го пропуштале изминатите три декади, но тоа не треба да значи да се откажеме во напорите. Истовремено, желбата за подобра иднина на нашите деца, па дури и на локално ниво, треба да е главниот мотив за сите нас, за брза реакција кон старите и наталожени комунални проблеми.
Државата генерално и локалната самоуправа како нејзин значаен и функционален дел веќе немаат ниту простор ниту време за губење во наоѓање решенија за основните потреби на граѓаните, поврзани со улици, септички јами, канализација, загадување на воздухот итн. Сите наталожени локални проблеми треба да се решат сега и веднаш, за да не се провлекуваат понатаму и за други изборни циклуси. Време е да се реши сега, брзо и неодложно, во исто време, па по овој мандат некои од идните градоначалници да започнат да исполнуваат современи проекти што го отсликуваат модерното време. Во спротивно, секогаш ќе каскаме во процесите, па дури и на локално, ниво пред прогресивниот и развиен демократски свет.
Или, како што сведочи еден наш локален функционер, кој кога бил во Германија и прашал како таму го решаваат проблемот со дивоградбите, добил одговор дека таков збор и поим дивоградба не постои во германскиот речник, ниту во практика. Едноставно, таму сѐ мора да биде под конец и според закон. За разлика од Европа, кај нас дури се посегна и по најголемиот бисер, брегот на Охридско Езеро, па и таму никнуваа недозволени градби како печурки, поради што УНЕСКО нѐ предупреди дека градот може да го изгуби поранешниот заштитен статус. Проблемите со кои треба да се занимава и да ги решава локалната самоуправа се многу и директно ги засегаат граѓаните, бидејќи од нив зависи и квалитетот на живеењето.
Затоа, рецептот и за партиите и за политичарите, но и за граѓаните, за наша модернизација и европеизација лежи во промената на приоритетите, одговорност и многу, многу работа. Кога меѓу сите овие фактори ќе завладеат ред, дисциплина, одговорност и динамичност во работата, ќе се започне со остварување модерни проекти и со живеење на граѓаните на европски начин.