Иднината е во железницата. Со ова мото вечерва пристигнува европскиот воз во Скопје, во рамките на глобалниот настан со кој Европската Унија ја одбележува годинава како „Година на железницата“. Настанот „Конектинг Јуроп експрес“ цели кон претставување на железницата како одржливо, паметно и безбедно превозно средство, и повторно заживување на железницата како транспортна опција и зголемување на прeвозот на патници и стоки преку железничките пруги. Со плановите на ЕУ, железницата треба да биде во центарот на вниманието на граѓаните и на бизнисмените низ целиот континент, за да се поттикне користењето на истата таа и да придонесе кон целта на Зелениот договор, ЕУ да стане климатски неутрална до 2050 година.
Предноста на Унијата е што плановите за заживување на железницата не ги остава само на најави или на промотивни настани, туку напротив прави сѐ во својата моќ за нејзина реализација. Европа ги враќа ноќните возови и ги поврзува поголемите градови низ Унијата со ноќни возови, но во тек се и планови и активности за забрзување на возовите. Франција е на врвот меѓу членките на Унијата што вложуваат во подобрување на перформансите на железницата. Веќе имаат изградено модерна пруга каде што возовите може да сообраќаат со брзина од 300 километри на час. Но во железницата вложуваат и Германија и Шанија, а во план се поголеми инфраструктурни проекти, со цел целата унија да се поврзе со брзи возови.
Македонија е тотална спротивност на плановите и активностите во Унијата. Нашите возови возат само кон четири крајни дестинации и наместо зголемување на дестинациите, тие се намалуваат. Железничката пруга кон Бугарија и Албанија остана само на хартија веќе триесетина години, а по должината на единствената пруга што нѐ поврзува со другите земји по коридорот десет и покрај реконструкциите се вози со ограничувања на брзината. Дополнителен „комплимент“ карактеристичен за домашниот железнички превоз е доцнењето, кое знае да биде и по неколку часа. Поплаките на граѓаните дека им се случува и по два часа да чекаат воз што има утврдени редовни линии, се исто така редовни. Искористеноста на возовите од година на година се намалува, бројот на патниците и количествата превезена стока постојано опаѓаат. Железничкиот превоз се соочува и со чести прекини предизвикани од протести на вработените, од дефекти на пругите, но и поради проблеми во соседна Грција, каде што се носи најголем дел од превезената стока до пристаништето во Солун.
Дека железничкиот превоз нуди многу поволности и предности веќе знаат сите, но и покрај тоа чекорите што кај нас се преземаат за подобрување на услугите или, пак, за зголемување на нејзината искористеност се минимални, што секако резултира со намален интерес.
Низ домашните пруги претежно транзитира стока за која најсоодветно е да се превезува со вагони, или речиси и да нема друг избор за превоз. Иако беа набавени нови возови и вагони, граѓаните и понатаму се жалат на услугата што ја добиваат. Нема загревање, нема ладење, тоалетите се во лоша состојба, за доцнењето и да не зборуваме. Сигурноста на тргнувањето и пристигнувањето на планираната дестинација е пресудна за користењето на превозот. Но целта на патувањето сигурно не е граѓаните да чекаат на железничката станица два часа и да си муабетат со вработените. Ваквите појави мора да исчезнат ако сакаме да се вратат патниците.
Навременото тргнување и пристигнување на одредената дестинација треба да биде приоритет за сите во железничките претпријатија и не смее да има никакви оправдувања за доцнење на возовите. Ова е превозно средство што има моќ да ги придвижи состојбите во земјите, само ние мора да научиме да ја користиме соодветно.
Загубите на стопанството поради доцнење или откажување на превозот е голем удар врз нивната работа. Освен тековно зголемување на трошоците се влошува и нивното реноме пред странските соработници, што дополнително негативно влијае врз нивната работа. Сите овие поврзани активности се одразуваат врз домашната економија.
Крајно време е државата, институциите и вработените во нив да ги препознаат придобивките од железничкиот транспорт и железничкото поврзување да го постават како приоритет заради следење на чекорот со земјите од регионот и модерните транспортни текови. Забрзувањето и подобрувањето на услугите по должината на Коридорот десет, како и комплетирањето на железничките врски кон Бугарија и Албанија мора да станат приоритет и да добијат финална форма во следните години. Но не во следните триесетина години, тогаш ќе биде предоцна.
Дека железницата ќе биде приоритет за Унијата, која цели кон поврзување на цела Европа, не само кај земјите-членки туку кај сите земји што се дел од европскиот континент, таа го потврдува и со најавите да ја поддржи изградбата на брза пруга низ Србија, но и со најавите за развој на железнички коридор осум низ Македонија. И потпретседателот на ЕБОР потенцираше дека железниците на Западен Балкан се на добар пат да се приспособат на железничката мрежа на ЕУ и паневропските коридори.
Тука ЕУ не треба да остане само на зборови, барем кога станува збор за подобрување на железничката инфраструктура во Македонија. Европа може многу да помогне со инвестициски планови, пристап до фондови и проекти за наше поврзување со Европа. Додека го чекаме политичкиот воз кон ЕУ, треба што побрзо да се качиме на железничката пруга што води кон Европа и со македонски и европски возови да се поврземе со Унијата.
Но, секако, овие планови и најави зависат и од нашата работа, или поточно од работата на вработените во железничките претпријатија, или од работењето на државните институции. Нашите цели и амбиции за членство во Унијата или, пак, за постигнување на животниот стандард карактеристичен за земјите од Унијата ќе остане недостижен доколку не почнеме интензивно да ги забрзуваме плановите и чекорите за подобро инфраструктурно поврзување, на сите можни начини и за секој вид транспорт, патем, железнички итн.
Сега е време ние да се приспособиме и да одговориме на нивните планови најподготвено што можеме. Подобрувањето на железничката услуга зависи и од реализацијата на плановите на државата за изградба на нови железнички линии или за подобрување на постојните линии. Поволните ефекти од изградбата и функционирањето на железницата се многукратни, од една страна поекономичен превоз за патниците и за стопанството, но и помала емисија на штетни гасови, или почиста животна средина за сите во земјата. Токму поради овие причини, приоритет за секоја влада треба да бидат инвестирање и подобрување на јавните услуги, опфаќајќи ги сите сегменти што се во рамките на државните функции. Паралелно со железницата, која станува неопходен предуслов за економски раст, со забрзано темпо треба да се реализираат и плановите за подобрување на другите инфраструктурни зафати.