Има ли потпишаниот договор за решавање на спорот со соседна Грција околу името удел во тоа што Европа, поточно проектите на кои таа е покровител, сѐ повеќе добиваат динамика и импулс токму во периодот по средбата во Нивици? Се разбира дека е исклучително добро развивањето на прекуграничната соработка на сите полиња и во интерес на граѓаните на обете страни. Но има некое чудно совпаѓање на интензивирање на соработката што едноставно се поврзува со периодот на потпишувањето на договорот од Преспа. Коинциденција, намера или нешто трето? Без разлика, факт е дека само за неколку дена во Битола и во Новаци беа промовирани два исклучително добри и значајни проекти од ИПА-програмата за прекугранична соработка.
Пред неколку дена во селото Скочивир, Мариовско, во рамките на проектот „Жива историја – жива природа “ официјално, во присуство на голем број гости од Новаци и од соседните општини, како и гости од градот Аридеа, Грција, беше промовиран рекреативниот парк, кај реката Коњарка, кој во најмала рака ги воодушеви гостите.
Иако и пред тоа реката Коњарка и селото Скочивир беа магнет за луѓето, кои бараат мир и спокој и кои сакаат да уживаат во раскошната божја убавина на ова мариовско село, сега, откако е отворен рекреативниот парк, се очекува бројот на туристите и на посетителите да се зголеми многу повеќе.
Досега кај Коњарка, особено во викендите, имаше по над стотина до 200 туристи. Сега, откако е отворен рекреативниот парк, се очекува бројот на рекреативците и на туристите да се зголеми двојно повеќе.
И додека жителите од Новаци ги прераскажуваа придобивките од прекуграничниот проект „Жива историја – жива природа“, кој општината Новаци, во рамките на ИПА-програмата веќе неколку години го реализира заедно со градот Аридеа од соседна Грција, пред само неколку дена во Битола беше промовиран уште еден проект од ИПА-програмата за прекугранична соработка.
Имено, во рамките на проектот „Симбиоза“, со европски пари, Битола и Новаци ќе се справуваат со органскиот отпад. Справувањето и ослободувањето од органскиот отпад со години беше еден од најсериозните и најгорливи проблеми со кои се соочуваа општините Битола и Новаци. Проектот за управување и уништување на органскиот отпад, кој изнесува околу 900.000 евра, или поточно 898.853 евра, заеднички ќе го реализираат комуналните претпријатија од Новаци и од Битола и движењето за околината „Молика“, а од грчка страна како партнери на проектот ќе бидат „Диадима СА“ од Кожани, центарот за иновација и култура „Инополис“ и Националниот технички универзитет од Атина. Од вкупниот буџет, 482.086 евра се наменети за Битола, а другите 416.767 евра се за грчките партнери.
Со овој проект не само што ќе се подобри локалната политика на управување со биоотпадот, во согласност со насоките и политиката на ЕУ за намалување на овој отпад, кој сега се фрла во депониите, туку учесниците во проектот од Битола и од градот Кожани од соседна Грција, ќе можат и да заработуваат од пласманот на биоотпадот.
Со 416.772,33 евра што ќе ги добијат грчките партнери, кои ќе учествуваат во проектот, предвидено е Националниот технички универзитет од Атина да направи платформа за тргување со биоотпадот. Преку платформата ќе се информираат компаниите од двете држави што произведуваат и компаниите што имаат потреба да го купат тој биоотпад, дали за производство на биогас или за некои други намени што во секој случај ќе биде за позитивни цели.
Решавањето на проблемот со органскиот отпад особено ги израдува битолчани, а и жителите од Новаци, кои во последните неколку години се жалат на загадениот воздух што го дишат, а во што значајна улога имаше и органскиот отпад, кој се складираше на разни диви депонии низ Битола.
Сепак, најинтересно е тоа што имплементацијата на овој проект се случува во исклучително важен момент и за Грција и за Македонија, кога се покажа дека Македонија и Грција можат да направат повеќе. Овој проект потврдува дека грижата за подобра и за почиста животна средина е заедничка и дека кога станува збор за решавањето на овој проблем не постојат граници.
Со овој проект и со неговата имплементација ќе добиеме современ третман на органскиот отпад, кој во голема мера ќе даде свој инпут во локалните економии, а како што уверуваат надлежните, тоа е само почеток на успешна соработка на Битола со Грција и во следниот период се очекува максимално искористување на ИПА-фондовите во корист на населението.
Покрај справувањето со органскиот отпад очекуваните резултати од реализацијата на проектот ќе придонесат и за креирање нови работни места во секторот биоотпад, потоа за развој на стратегии за имплементација на ниво на донесување одлуки од страна на надлежните органи, намалување на количествата биоотпад, кои секојдневно се фрлаат на депониите и креирање економска придобивка кај локалните и кај регионалните бизниси, преку употребата на моќната алатка за вмрежување – платформа.
Така, прекуграничните проекти со соседните градови од Грција не само што ги премостуваат границите на двете држави и придонесуваат и за подобрување на некои сегменти од секојдневието, туку во најмала мера придонесуваат и за луѓето што подобро да се запознаат меѓу себе, препознавајќи ги посебностите, различностите, но и фактите врзани за историското и културно наследство, културното богатство, природните убавини, традициите, обичаите.
За општината Битола да привлече што повеќе средства од европските фондови и да ги подобри капацитетите на општинската администрација за аплицирање за тие фондови и изработка на прекугранични проекти, деновиве градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, имаше средба со амбасадорот на Словенија во Република Македонија д-р Милан Јазбец. Амбасадорот Јазбец се обврза дека во наредниот период тој лично ќе се заложи за воспоставување далеку подобра соработка на Словенија со Битола, а посебен акцент ќе биде ставен на едукативната поддршка на општината Битола во делот на искористувањето на европските фондови.
Во таа смисла договорено беше деновиве, поточно на 9 јули, експерти од Словенија да пристигнат во Битола и тие да ѝ одржат обука на општинската администрација во Битола, на темата „Подготовка и реализација на проекти поддржани од европските фондови“. На тој начин, ЕУ преку Словенија, ќе ѝ помогне на Битола да може многу повеќе да црпи средства од европските фондови за прекугранична соработка.
Иако двата проекта, кои деновиве беа реализирани во Новаци и во Битола, по својата големина не се некои капитални проекти, сепак, нивната имплементација, како и начинот на соработка помеѓу Битола и Новаци и некои општини од соседна Грција, покажуваат дека прекуграничните проекти на свој начин ги премостуваат бариерите и се најдобра можност за подобро меѓусебно запознавање и за постепено решавање на некои покрупни проблеми, кои се од заеднички интерес не само за соседните градови туку и за двете држави, почитувајќи ги индивидуалните, но и колективни човекови права и со тоа се во согласност со меѓународното право. И од областа на економијата, и од областа на јавното право.
Во проектот „Жива историја – жива природа“, кој веќе неколку години се реализира во општините Новаци и Аридеа е најголемата симболика за таквата соработка, бидејќи со неколку реализирани проекти не само што во овие две општини оживеаја некои заборавени настани од далечното историско минато, туку многу повеќе заживеа и природата од сѐ поголемата посета на рекреативци или на викенд-туристи.