Сепак, и во таа нова реалност е потребно да се придржуваме, па дури и да ги реафирмираме, до некои основни човечки вредности како емпатијата, солидарноста, почитта, но и дисциплинираноста, и тоа како на личен, така и на општествен план
Како ќе изгледа денот по завршувањето на самоизолацијата? Прашањето што има призвук на трејлер за филм со тема за апокалипса, во време на светска пандемија од коронавирус си доби легитимитет за проекција на блиската иднина. Зашто препораките за превентивна самоизолација, првично беа проектирани на 14 дена, а две седмици, сепак не се некоја далечна иднина. За оние што први влегоа во самоизолација, и ја поминаа без симптоми, веќе помина тој препорачан превентивен период, и се соочија со својата иднина од пред 14 дена. Денеска завршуваат и првично предвидените две седмици од вонредниот училиштен распуст, како прва посеопфатна мерка на техничката влада во Македонија, за превенција на ширењето на вирусот.
Па, „будењето во иднината“ на денешен ден, на тие што биле во 14-дневна самоизолација изгледа вака: откажани вонредните парламентарни избори во Македонија, затворени трговските центри и угостителските објекти, воведена вонредна состојба, воведно ограничено време на движење, т.н. полициски час… Кога не би постоеле медиумите (и традиционалните – весници, радио, телевизија, но и новите интернетски медиуми), ваквата состојба по излез од самоизолација би била добра причина за цивилизациски шок на до неодамна самоизолираниот. Но фактот дека оваа пандемија се случува во светски размери, а и во време на мошне развиена комуникација на далечина, секако, претставува голема информативна, па и психолошка поддршка во предизвиците на самоизолацијата, која во првите мигови предизвикува природен отпор кај современите активни луѓе. Но истите тие, современи активни луѓе, неопходно е рационално и практично да се соочат со опасноста од новата глобална пандемија, особено што мерките за заштита, како самоизолацијата не бараат од нив некоја голема жртва и одрекување.
И покрај тоа што се откажани изборите, правната состојба е таква што таа техничка влада има надлежност и овластување и за менаџирање на вонредната состојба, колку и да трае. Во такви услови, партиите и партиските лидери, можат да даваат предлози, но одлуките, сепак, ги носи Владата
Неизбежно, таквата ситуација со масовна самоизолација на населението создава нова, драстично намалена динамика на сите општествени процеси и планови, како на политички, а особено на економски план. Сепак, и во таа нова реалност потребно е да се придржуваме, па дури и да ги реафирмираме, до некои основни човечки вредности како емпатијата, солидарноста, почитта, но и дисциплинираноста, и тоа како на личен, така и на општествен план. И самата логика, без некои поголеми економски анализи, води до заклучокот дека стивнатата динамика на животот и работата, ќе создаде намалени економски параметри во општеството. Од друга страна, реалноста нѐ соочува со тоа дека во состојба на масовна самоизолација, македонското општество влезе од амбиент на веќе забревтана предизборна активност на партиите, кои се подготвуваа да влезат во изборна кампања. Всушност, ако не беше прогласена вонредната состојба, Македонија веќе ќе беше влезена во предизборна кампања.
Во меѓувреме, политичарите ја сменија силно изразената антагонистичка реторика, во умерено коректна, со акцент на грижата за јавното здравје на граѓаните, но партискиот натпревар сега како да си најде нова тема за докажување – кој ќе даде повеќе предлози за справување со актуелните закани и проектирани последици од справувањето со коронавирусот. Партиските лидери, редовно со обраќања во јавноста, речиси исто како и функционерите од техничката влада и од оперативните институции, ги изнесуваат своите предлози и планови за справување со здравствените, безбедносните и економските предизвици од актуелната состојба. Со своите партиски предлози, често пак влегуваат и во контрадикција со мерките, што претходно ги изнесувале претставниците од техничката влада. Секако, желбата и намерата да се придонесе во надминување на предизвиците на вонредната состојба е легитимна, особено од политички чинители со политичка одговорност.
Но не треба да се пренебрегне фактот дека и во вонредна состојба (односно, особено во вонредна состојба), неопходно е почитување на воспоставените правила, како од граѓаните, така и од политичарите. А според Уставот, во вонредна состојба, Владата е таа што има надлежност да носи уредби со сила на закон, да спроведува мерки, одлуки, односно правно и организациски да ги регулира состојбите во општеството. Во моментов, во Македонија функционира техничка влада (во која има министри и од опозицијата), која всушност требаше да ги организира закажаните избори. И покрај тоа што се откажани изборите, правната состојба е таква што таа техничка влада има надлежност и овластување и за менаџирање на вонредната состојба, колку и да трае. Во такви услови, партиите и партиските лидери, можат да даваат предлози, но одлуките, сепак, ги носи Владата.
И конечно, колку апокалиптичните сценарија и катаклизмите да се деструктивни и мачни, низ процесот на соочување и справување со нив, попатно осознаваме нешто многу важно: си го (пре)уредуваме нарушениот редослед на вредностите, можеме да се вратиме до спознанието за тоа кои сме, што сме и каде се нашите граници, кои се работите кон кои нема смисла да се тежнее, ниту залудно да се троши енергијата.