Со тригодишното искуство од потпишувањето на Преспанската спогодба и поминатите четири години од постоењето на Договорот за добрососедство со Бугарија, не може да се негира доминантниот впечаток дека овие билатерални договори се претворија во легитимна алатка на македонските соседи за блокирање на евроинтеграциите, наместо да бидат основа за поддршка и соработка
Бугарскиот претседател Румен Радев побрза за потребите на својот предизборен рејтинг во Бугарија да го прогласи за успех со вкус на победа тоа што издејствувал точката за проширување на ЕУ, воопшто да не стигне ниту на дневен ред на Советот на лидерите на земјите-членки, на самиот на Унијата, кој се одржуваше изминатава работна седмица. Претходно на самитот, на министерскиот совет за општи работи, бугарскиот претставник (заменик-министер за надворешни работи), непопустливо, и покрај критиките и убедувањата на претставниците на другите земји-членки, повторно ги испорача условите што треба да ги исполни Македонија за да попушти бугарското вето, секако без гаранција дека во меѓувреме на нив ќе запре креативноста за смислување нови уцени. Условите се сведуваат на познатиот бугарски рефрен, кој се сведува на поентата – Македонија да признае дека е втора бугарска држава, а Македонците дека се одродени Бугари… Иако спакувани со евробирократска фразеологија, бугарските повторени услови се толку апсурдни, што во ЕУ не се ни трудат да им влезат во логиката (па Бугарите се жалат дека „ЕУ не ја разбира длабочината на нивниот проблем со Македонија“), но и си ги „мие рацете“ правдајќи се со немоќта да го надмине консензусот (со право на вето) како начин на одлучување во Унијата. Така, Македонија ја продолжува серијата на вета во своите евроинтеграциски настојувања, кои траат речиси 16 години од добивањето кандидатски статус, и покрај асиметричните добрососедски договори, за кои македонската страна беше убедувана дека мора да прифати (идентитетски) жртви, но кои се „незначителни“ во однос благодатите на евроатлантската и европската перспектива…
Во истата седмица, кога се одржуваше самитот на ЕУ, Грција, која сега се претставува како поддржувач на македонските евроинтеграции, си најде изговор да го одложи спроведувањето на својот мал дел од обврските што ги има со Преспанскиот договор. Изговорот за повторно да се одложи ратификацијата на трите меморандуми во грчкиот парламент, кои произлегуваат од договорот во Нивици од пред три години, беше пронајден во твитот со кој македонскиот премиер Зоран Заев ги бодри фудбалерите на македонската фудбалска репрезентација на нивното учество на тековното Европското првенство во фудбал, нарекувајќи ги „македонски фудбалери“. И покрај фактот што со Преспанскиот договор треба(ше) да биде загарантиран македонскиот идентитет со употреба на придавката од терминот „Македонија“, грчката страна и понатаму се однесува како да не го потпишала договорот и не пропушта можност да реагира на какво било претставување на Македонија на меѓународен план, исто како и пред церемонијата во Нивици. Уште на почетокот на ЕП во фудбал, Грција реагираше до УЕФА за амблемот на ФФМ на дресовите на македонските фудбалери, како и за користењето на кратенката МКД, што исто така не е спорно и според Преспанскиот договор. Во контекст на билатералната иронија на дело, еден од трите меморандуми, за кои грчката страна сега си најде изговор за ново временско одложување (иако се замрзнати во грчкиот парламент повеќе од една година), се однесува на забрзувањето на пристапувањето на Македонија во ЕУ!
Имено, речиси единствената обврска што Грција и Бугарија ја имаат со договорите за добрососедство со Македонија е да ја поддржат и да го забрзаат нејзиниот евроинтегративен пат. Со тригодишното искуство од потпишувањето на Преспанската спогодба и поминатите четири години од постоењето на Договорот за добрососедство со Бугарија, не може да се негира доминантниот впечаток дека овие билатерални договори се претворија во легитимна алатка на македонските соседи за блокирање на евроинтеграциите, наместо да бидат основа за поддршка и соработка. Серијата вета што ги доби Македонија во изминативе три-четири години, и покрај сите отстапки што ги направи со договорите, во име на европската иднина и европските вредности, остава простор за сериозно размислување на ироничната прашална забелешка – до колку вета важат договорите за добрососедство?
Секако, поддржувачите на овие договори (па и ЕУ) ќе инсистираат на аргументите дека со нив се надминати децениски спорови и Македонија стана 30-та членка на НАТО, противниците ќе се повикуваат на контроверзноста во поглед на легалноста за нивното спроведување во Македонија, спротивноста содржана во нив на принципите на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации…, а серијата вета за Македонија во ЕУ, која се заканува со потенцијалот за долгорочност, во практика ја компромитира смислата за постоењето, како на Договорот за добрососедство со Бугарија така и на Преспанската спогодба.
Уште една симптоматичност се манифестираше на внатрешнополитички план, во овој период на поигрување со билатералните договори од страна на соседите, како уцена за македонските евроинтеграции. Активирањето на идејата за промена на македонската химна (со тенденција за проширување на националните грб и знаме) од страна на лидерот на ДУИ, коалициски партнер во Владата, иако брзо беше оквалификувано како „пробен балон“, гледано во контекст на воспоставената надворешнополитичката игра за уценување на Македонија со договори, се чини дека и на внатрешен план е насетен мигот за проширување на рамката на Охридскиот договор. Во прилог на ова „насетување“ оди и временската блискот на објавувањето на извршната наредба на американскиот претседател Бајден за одржување на стабилноста на Западен Балкан, во која како документи на кои се потпира американската политика во регионов се наведени Охридскиот и Преспанскиот договор.
(Не) случајно создадениот контекст на уцени со договорите врз Македонија, од позиција на надмоќ, никако не треба да ја стави македонската страна во дефанзива и повлекување пред уцените. Колку и да се мали обврските што другите страни ги имаат со овие договори, секој политички договор, билатерален или внатредржавен, има еднаква правна задолжителност за сите потписници. Неспроведувањето на обврските на која било страна, како политичко уценување со нив, имплицира на нивно прекршување и аргумент за нивна неефикасност, како основа за раскинување. Поедноставно кажано – недозволиво е само Македонија да ги исполнува договорите, а другите страни само да уценуваат!