Исклучувањето на советничката Ангелевска од партијата ниту било ниту е специјалитет само на ВМРО-ДПМНЕ. Такви примери имало и има безмалку во сите други политички партии. На битолската јавност добро ѝ е познат примерот со Душко Илиевски, познат во јавноста како Млекарот. Но проблемот не лежи во самиот чин на исклучување, туку во причините за исклучувањето. Ако тоа се прави „султански“, без внатрешна демократија, неаргументирано, авторитарно, експресно, без процедури, тогаш проблемот е надојден и е „над максималната кота“. И истиот тој се прелева во државните институции
Во изминатите 30 години од македонската независност и воведувањето на плурализмот на македонската политичка сцена, по збогувањето со т.н. едноумие во Македонија, се изнаслушавме секакви приказни за демократизацијата на општеството и државата. Иако политичките партии што тогаш се формираа, речиси сите, без исклучок, се колнеа дека прво што ќе направат ќе биде да ги воведат демократијата и плурализмот на голема врата не само во нивните политички партии туку и на македонската политичка сцена, кога станува збор за демократијата во политиката, искрено речено, таа никогаш не заживеа. Граѓаните на Македонија наместо политичка демократија, во партиите добија класична партиска демократура, каква што немаше ни во т.н. едноумие, кога сите мораа да мислат со една глава.
Дека тоа е така кај нас има голем број примери.
На македонската политичка сцена се познати голем број случаи кога секој што ќе се охрабреше отворено и особено јавно да проговори за слабостите во партијата, или грешките на партиското раководство, веднаш беше прогласуван за дисидент, фракционер или отпадник и добиваше шут-карта од партијата. Некои дури откако судот на партијата ќе им изречеше (партиска) пресуда, завршуваа и во затвор. На таквата мана не останаа имуни безмалку сите политички партии. На прстите на двете раце може да се набројат примерите кога некој партиски член се дрзнал јавно да проговори за слабостите во сопствената партија, или за грешките и маните на раководството а притоа да не бил санкциониран, или прогласен за платеник или предавник.
Последниот пример во ВМРО-ДПМНЕ во Битола е само уште една потврда за ваквата констатација. Деновиве за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ и (не)одговорноста на лидерот на партијата се охрабри јавно да проговори бившата портпаролка на Општинскиот комитет и актуелна советничка во Советот, Анита Ангелевска, која побара одржување вонреден конгрес.
Според Анита Ангелевска, ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе од фазата на губитник и партија што нема фокус, а сега најново и партија што бојкотира избори. Таа ја даде изјавата во свое лично име, како долгогодишна членка на ВМРО-ДПМНЕ и актуелна советничка во Општина Битола, но и во името на голем број членови и поддржувачи на мојата партија. Секој одминат ден без вонреден конгрес, според Ангелевска, ја ослабува партијата, а слабо и дефокусирано ВМРО-ДПМНЕ е само на штета на Македонија. И токму поради демократизирањето и обновувањето на ВМРО-ДПМНЕ, потребата од дијалог, дебата, анализи и определување нов концепт треба да се материјализира преку вонреден конгрес.
И само што беше обелоденета нејзината изјава во јавноста, експресно стигна реакцијата, поточно пресудата од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола, кој не само што се огради од нејзината изјава туку итно ја разреши од сите партиски функции. „Сметаме дека изјавата на Анита Ангелевска, на која во претходниот период ѝ беа доверени повеќе партиски функции, како и советничката функција во Советот на Општина Битола, е водена строго од личен интерес, под големо влијание на власта, како и судско-партискиот систем на Зоран Заев“. На тој начин Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола ја разреши Анита Ангелевска од сите партиски функции што ги вршеше и упати јасна и недвосмислена порака до сите членови на партијата дека во иднина нема да бидат толерирани изјави и акти спротивни на статутот и деловникот на партијата.
Разрешувањето на советничката Ангелевска од партиските функции можеби воопшто немаше да ја заинтригира битолската јавност доколку од ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола како причина за нејзиното разрешување не беше наведено дека таа „била во спрега со власта и одработувала за Заев и СДСМ“. Тоа што само еден ден пред нејзиното разрешување, на онлајн седницата на Советот, таа жестоко ја критикуваше локалната власт предводена од СДСМ, воопшто не беше аргумент да не ѝ се залепи етикета дека поради судските процеси што се водат против неа ја свртела плочата и во последно време работи за власта.
Тоа што особено ја збуни јавноста во Битола е како по неколку години поддршка на нејзините активности во партијата и Советот и прикажувањето во битолската јавност дека во некои судски постапки што се водат против неа е жртва на политички прогон, прекуноќ стана членка со криминално минато, која наводно одработува за власта за да се спаси од судските процеси што ѝ тежат на вратот. Ваква експресна партиска егзекуција не можеше да се замисли ни во времето на т.н. едноумие.
Ако нејзиното наводно „криминално минато“ е причината за разрешувањето, тогаш општинското раководство на партијата доколку сакаше, можеше да го направи тоа многу порано, пред таа јавно да проговори за состојбите во партијата и да побара одржување вонреден конгрес и уште по првите поднесени кривични пријави против неа. Или до нејзината изјава за свикување вонреден конгрес и барање оставка од Мицоски таа беше посветена членка на партијата, која долги години беше портпаролка и жртва на режимот на Заев, а сега е во спрега со него.
Доколку ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола сака(ше) да расчисти со криминалните членови на партијата против кои се водат истраги или судски процеси, како со Анита, тогаш треба(ше) да има ист аршин и против другите сопартијци против кои во моментот се водат кривични постапки, а некои се дури и со пресуди и се наоѓаат во домашен притвор или во Шутка. Или додека молчат, тие се „чисти“ и жртви на политички прогон, а доколку се дрзнат да (про)говорат за слабостите во партијата, тие се криминалци, кои се во спрега со власта.
Но она што фрла дополнително светло на целиот случај е фактот дека исклучувањето на советничката Ангелевска од партијата поради партиска недисциплина и непослушност ниту било ниту е специјалитет само на ВМРО-ДПМНЕ. Такви примери имало и има безмалку во сите други политички партии. На битолската јавност добро ѝ е познат примерот кога Душко Илиевски, познат во јавноста како Млекарот, за време на протестите за „Сведмилк“ од страна на тогаш опозициската СДСМ беше прогласуван за голем лидер и истакнат партиски член, кој застана на чело на ограбените млекопроизводители. Многумина тогаш Илиевски го прогласуваа за македонски трибун, со кого сите сакаа да се фотографираат.
Во свежо сеќавање се настаните кога власта на ВМРО-ДПМНЕ го прогласи Душко за дилер на дрога, тогаш опозициската СДСМ организира масовни протести за негово ослободување и сите носеа маици на кои пишуваше „И јас сум Душко“. Но откако Душко подоцна ја отвори устата и почна јавно да зборува против некои локални партиски функционери на СДСМ, партијата веднаш се дистанцира од него и го прогласи за деструктивен елемент, кој воден од своите лични интереси, за да се спаси од судските процеси, ѝ нанесува голема штета на партијата.
На македонската политичка сцена, во најголемиот број политички партии мислењето со своја глава и јавното изнесување на своите ставови е мислена именка и строго забрането. Во партиите владее едноумна демократура. Иако речиси сите политички партии се залагаат за демократизација на општеството и државата, тие прават сѐ во партиите да владее едноумие и беспоговорно да се слушаат и извршуваат наредбите на партиските шефови. А кога нема демократија и борба на мислење во партиите, илузија е да се очекува да има демократија во државата. Во таква ситуација на едноумна демократија, кога во партиите се бара од членовите да бидат слепи послушници и беспоговорни извршители на партиските наредби, денес голем број членови и симпатизери се соочуваат со многубројни истраги и судски процеси и се наоѓаат по затворите или во домашен притвор.
Од ваквата едноумна демократура никој нема корист. Најмалку партиите и нивните лидери. Уште помалку државата. Во демократизацијата на партиите се крие формулата за демократизација на институциите и на државата. Без ставање точка на „султан-париите“ не може да очекуваме крај за авторитарноста како вкоренет феномен во општествено-политичкиот систем.