Движење

Неактивноста, секако, веќе беше проблем уште пред да почне пандемијата на коронавирусот. Секако, за зголемувањето на активноста, покрај личната иницијатива, од голема помош се институционалните можности за вежбање, особено за децата од предучилишна и училишна возраст, но и враќање на некои навики надвор од училишниот двор, како, барем, редовната прошетка или, на пример, подзаборавениот баскет, или секоја активност со топка и без неа (одење по кеј, покрај река, езеро, во парк, планинарење, возење велосипед, неодамна беше Светскиот ден на велосипедите…), а движење е на пример и танцот (денеска е Светскиот ден на музиката). Некои експерти, пак, посочуваат дека практикуваат работни пешачки состаноци. А како прв чекор е намалување на седењето, што ќе придонесе за физичкото здравје. Пандемијата донесе и зголемени проблеми со менталното здравје, а движењето има директни позитивни ефекти и врз менталното здравје. Хипократ, таткото на модерната медицина, рекол: Одењето е најдобар лек за човекот

„Влијанието на пандемијата врз здравјето може да потрае со години, посочуваат извештаи…“, „И пред оваа пандемија имавме пандемија, а таа се нарекуваше ‘физичка неактивност’“. Ова се само дел од написи и изјави во светски медиуми, од научници, лекари… Пандемијата на коронавирусот, проследена со „новото нормално“, донесе и нови проблеми со неактивноста, седењето, помалку движење, влијаеше врз рекреацијата, спортот… од деца до возрасни, а некои странски стручњаци тоа го сублимираа како: „гледаме дека работата од дома стана седење дома, гледаме повеќе килограми поради коронавирусот и повеќе неактивност…“.

Движењето, вежбањето… се од големо значење поради многу причини, вклучувајќи и за да се направи имунолошкиот систем што е можно посилен, а познавачите, меѓу другото, потенцираат дека „спортот е излез за младите и тие млади луѓе имаа навистина тешко време“. Според некои истражувања во Велика Британија, за кои информираат медиуми од таа земја, голем број луѓе јаделе повеќе откако ја замениле канцеларијата со работењето од дома, вежбале помалку, не го посетиле својот матичен лекар во изминатите шест месеци или не посетиле стоматолог. Седечкиот начин на живот влијае врз здравјето. Експерти изјавиле дека може да потрае некое време пред земјите да се вратат на нивоата на физичко и на ментално здравје од пред пандемијата.

Неактивноста, секако, веќе беше сериозен проблем уште пред да почне пандемијата на коронавирусот. Сега, кога веројатно се приближуваме, како што често се изјавуваше во почетокот на пандемијата, „кон другата страна од тунелот“, сите ќе имаат многу работа за враќање на „старото нормално“ во многу аспекти, здравствени, организациски, економски, спортски, финансиски…

Секако, за зголемувањето на активноста, покрај личната иницијатива, од голема помош се институционалните можности за вежбање, особено за децата од предучилишна и училишна возраст, но и враќање на некои навики надвор од училишниот двор, како, барем, редовната прошетка (со модерните мобилни бројачи на сѐ и сешто или без нив) или, на пример, подзаборавениот баскет, или секоја активност со топка и без неа (одење по кеј, покрај река, езеро, во парк, планинарење, возење велосипед, неодамна беше Светскиот ден на велосипедите…), а движење е на пример и танцот (денеска е Светскиот ден на музиката). Некои експерти, пак, посочуваат дека практикуваат работни пешачки состаноци.

Како прв чекор е намалување на седењето, што ќе придонесе за физичкото здравје. Пандемијата донесе и зголемени проблеми со менталното здравје, а движењето има директни позитивни ефекти и врз менталното здравје. А и Хипократ, таткото на модерната медицина, рекол: Одењето е најдобар лек за човекот.

Со еден збор, движењето, според навиките на поднебјето или според некои други искуства, како на пример тоа во Норвешка, каде што, велат, секој спортува на исто ниво колку што е можно до крајот на средношколската возраст, научно истражување на Универзитетот во Исланд покажало дека ефектот врз тинејџерскиот мозок од спортување, танцување, музика и цртање е, меѓу другото, намален стрес.
Движење, рекреација, спортување…, и тоа не само од здравствени причини туку и заради продуктивност, приватна и професионална. А почетниот импулс за движење, колку што може помасовен, може да придонесе во создавањето врвни спортисти, како врв на таа спортска пирамида.

Спортот е важен општествен сегмент, од рекреативниот преку училишниот до професионалниот. За секој од нив најважно е што поголем број да се вклучуваат во активноста, за општа бенефиција, но и за корист на највидливиот, врвниот спорт, затоа што успешноста на кој било спорт се темели на широчината на базата. Секако, потоа и од „стручното око“, кое треба да ги види талентите (откривање потенцијален спортист дури и ако тој во еден момент не е на теренот на спортот за кој е талентиран, што доаѓа и од практикувањето повеќе од еден спорт, за што постојат многу светски примери, како на норвешкиот атлетичар Карстен Ворхолм, кој до својата 20-та година не се концентрирал на дисциплината 400 метри со пречки, каде што е актуелен европски, светски и олимписки првак и светски рекордер, откако дотогаш се натпреварувал во десетобој).

Пандемијата и економската криза ќе продолжат да влијаат и врз спортот и допрва треба да се пресмета целосниот обем на тоа влијание. Секако, потребна е уште поголема поддршка за спортскиот сектор, за зголемување на придобивките од физичката активност, чиј придонес во превентивната здравствена заштита станува сѐ поважен, а долгорочните придобивки не се само од здравствен аспект. Помошта од институциите има важен дел, не само во Македонија, а и во услови на криза мора да продолжи инвестирањето во училишниот, аматерскиот, рекреативниот, врвниот спорт, инфраструктурата, условите, отворање повеќе бесплатни школи, шах во училиштата…