Уметноста не може да го запре подемот на националистичките движења и авторитарни влади во различни делови на светот, не може да ја ублажи трагичната судбина на раселените луѓе низ светот (ниту денес може да ја запре пандемијата што му се заканува на светот), но може на посреден начин да биде своевиден водич за тоа како да се живее и мисли во „интересни времиња“
„Да ти се погоди да живееш во интересно време“, ова беше темата на последното, 58. Биенале на уметноста во Венеција, која беше инспирирана од денешното „интересно време“, обележено од лажни вести, уништени вредности и различни кризи. Овој слоган се однесува на периоди на несигурност, кризи и превирања, точно онака какво што живееме денес. Се работи за реченица од говорот од крајот на 1930-тите години на Остин Чемберлен, член на британскиот парламент, во кој ја цитирал реченицата, а која произлегува од древна кинеска клетва. Темата на биеналето како да ја антиципира денешнава состојба со пандемијата, затоа што токму во едни такви „интересни времиња“ живееме последниве месеци од животот.
Слоганот беше провокативен и инспиративен за илјадници уметници што учествуваа на Венециското биенале, кое го покажа не само општиот пристап на уметноста во поглед на нејзината општествена функција и во поглед на задоволството што го нуди туку најмногу во смисла на критичкото мислење. Насловот на биеналето, кој беше доволно двосмислен за да биде интересен, некои го сфатија како клетва, но повеќе како порака и предизвик дека уметноста може да биде начин на кој е можно да му се помогне на денешниот свет, кој се соочува со кризи и промени, кои може да предизвикаат анксиозност, очај и фрустрација.
Оттука, се покажа дека уметноста не може да го запре подемот на националистичките движења и авторитарни влади во различни делови на светот, ниту може да ја ублажи трагичната судбина на раселените луѓе низ светот (ниту денес може да ја запре пандемијата што му се заканува на светот), но може на посреден начин да биде своевиден водич за тоа како да се живее и мисли во „интересни времиња“. Уметноста не треба да биде во форма на новинарство, но таа може да даде одредени алатки што ни дозволуваат да развиеме посуптилни начини на размислување за работите и да добиеме поинаква перспектива во нашата глава.
Уметноста дефинитивно го рефлектира времето во кое живееме. А деновиве уметниците, светски но и домашни, испишуваат нова страница во историјата на уметноста. Уметници од целиот свет цртаат што гледаат и што чувствуваат во изолација. На пример, една светска веб-страница контактираше со десетици уметници низ светот и ги замоли да го нацртаат она што го гледаат и чувствуваат. Па, така, Марија Кофман (Њујорк) забележува преку цртеж како Кони Ајленд, кој во нормални услови е социјално и преполно подрачје во сите периоди од годината, сега е град на духови. Александра Станглевиц (Варшава) се насликала себеси, како седи на кауч со нејзиното куче Фрајда.
Џеки Ферентино (Бруклин) преку своето дело открива дека се чувствува нереално, Ен Киернан (Берлин) вели дека берлинци веќе некое време се подготвени за физичко дистанцирање и самоизолација, а неговата илустрација ги раскажува приказната за „Хамстеркауф“ (панично купување) и борбата да останеме на дистанца во редиците… Клаас Верпланке (Бриж, Белгија) открива дека сега надреализмот во неговата фантазија е исто толку реален колку и реалноста. Ерик Диоте (Токио, Јапонија) слика уживање во цветањето на црешите, една од најиконските и долготрајни пролетни традиции во Јапонија, која сега се прославува во изолација.
Кјунг Чјун (Њујорк) е имигрантка од Јужна Кореја, која е илјадници милји разделена од своето семејство, прави цртеж на кој го покажува растојанието, физичко и емотивно, меѓу нив…
Сите тие создаваат дела како израз на вознемирената состојба на умот во која се наоѓа тој. Преку илјадниците дела инспирирани од ситуацијата во која се затекнавме, се исполнува нашата потреба да видиме подалеку од очигледното, а тоа може да го понуди само уметноста.
„Да се живее во интересни времиња“ претендира да се разбере потенцијалот на уметноста како метод, за да дознаеме работи што не ги знаеме, работи што се надвор од границите, надвор од нашиот дострел или недостапни од разни причини. Уметноста деновиве може да биде еден вид водич за тоа како да се живее и размислува во „интересни времиња“.