Дојде мигот кога политичките партии треба да понудат вистинска и функционална економска програма, поточно програма или програми што ќе бидат поставени врз реално сработени и добро обмислени планови, кои, пак, ќе создадат предиспозиции за поголем економски раст
Иако официјално не сме влезени во предизборна кампања и сѐ уште има време додека истата таа да започне, партиите на големо се однесуваат како да сме во предизборен период. На сите страни читаме информации, кои ги споделуваат партиските претставници, како ќе го подобрат животот на граѓаните. Разни ветувања за раст на платите, за подобрување на животот во земјава, за разни вложување во инфраструктурата, во нови проекти или, пак, нови објекти… но, притоа нема информации и детали како истите тие ќе се реализираат.
Сѐ уште не сме слушнале какви се економските програми на политичките партии, кои наскоро ќе се „борат“ за освојување на власта. Засега нема детали околу плановите на идните политички носители. Не се открива во кои насоки ќе се развива домашната економија, ниту каква замисла имаат во поглед на тоа кои сектори ќе бидат поддржани и потпомогнати за развој, како планираат да ги поттикнат ветениот напредок и развој, ниту пак како ќе ги финансираат своите замисли…
Иако може да се каже дека сѐ уште има време, па партиските членови ќе можат до почнувањето на кампањата да излезат со конкретни програми, ова што досега го покажаа се само ветувања од партиските лидери за поголеми плати, за подобар живот, за нови вработувања.
Досега не слушнавме од ниту еден водач на партија, ниту пак од портпаролите на партиите, конкретни програми и проекти, ниту пак како планираат да ги остварат ветувањата за поголеми плати, за раст на бројот на вработени граѓани, ниту пак за реализација на разни проекти во инфраструктурата.
За волја на вистината, немаме слушнато ниту една партија или коалиција, а камоли пак, сите заедно, пред сѐ, да ги дефинираат клучните точки и насоки како ќе се развива домашната економија.
Од она што досега се забележува, од она што имавме можност да го видиме како еден вид најава за предизборната кампања, не можеме да кажеме дека некоја од политичките партии во земјава понуди вистина економска програма, во која се понудени и детално образложени конкретни постулати за развој на економијата.
Граѓаните веќе не се задоволуваат само со празни ветувања, со најави за вработувања, бидејќи се свесни дека и покрај сите ветувања, Македонија има највисока стапка на невработеност како меѓу земјите на Балканот, така и во цела Европа.
Само со вистински заложби и подобрување на состојбите во економијата во земјава ќе успееме да го подигнеме животниот стандард, да го подобриме секојдневието на македонските граѓани и на тој начин да ги задржиме младите во земјава
Дојде мигот кога политичките партии треба да понудат вистинска и функционална економска програма, поточно програма или програми, кои ќе бидат поставени врз реално сработени и добро обмислени планови, кои, пак, ќе се создадат предиспозиции за поголем економски раст. Крајно време е креаторите на економските програми да се посветат на вистински проекти, проекти што ќе бидат обмислени во секој сегмент, од идеја, преку планови за реализација, до извор на средства за нивна реализација, и притоа да се направат проекти што ќе резултираат со раст на извоз на македонските производи, раст на вредноста на извозните продукти, а преку подобрување на продуктивноста, до раст на вработеноста и на платите…
За да се исполнат овие предиспозиции за квалитетен живот, неопходно е секоја партија да понуди реално остварлива програма во која прецизно ќе се посочат постулатите по кои ќе се гради економијата. На граѓаните им е доста од празни ветувања за раст на платите, или, пак, за менување фасади, за нови инвестиции. Веќе никој не верува во нивната реализација ако притоа не се поткрепени и детално објаснети како истите тие ќе се реализираат, како ќе бидат финансирани и каков ефект ќе има нивната реализација.
Само со вистински заложби и подобрување на состојбите во економијата во земјава ќе успееме да го подигнеме животниот стандард, да го подобриме секојдневието на македонските граѓани и на тој начин да ги задржиме младите во земјава. Белата чума одамна ја испразни Македонија, ако продолжи трендот, сите следни економски политики и ветувања ќе бидат залудни. Ветените проекти имаат ефект само ако се реализираат, а за да се направи тоа, треба да се добро обмислени. Политичките партии имаат капацитет и имаат членови во своите редови, кои можат да ги обмислат и да ги комплетираат предизборните програми со конкретни планови и проекти, со точни насоки како истите тие ќе се реализираат, како ќе се финансираат и ќе резултираат со економски бенефиции.