Иако начините се нови, медиумските манипулации воопшто не се новина. Лажни вести, полувистини, извртувања на фактите… се лиферуваат одамна и од различни мотиви. Од најбанални, за кликови, до обиди за политичко влијание, па и дестабилизација на општествата. Она што е актуелно во моментов се новите социјални медиуми и мрежи, кои се простор што често се злоупотребува и е преплавен со невистинити, полувистинити информации или манипулации, односно со т.н. лажни вести.
Терминот „лажни вести“ стана епитет и т.н. трејдмарк на говори што американскиот претседател Доналд Трамп се чини ги користи за секоја непосакувана приказна откога се наоѓа на оваа функција. Во тој контекст, во светот сѐ почесто и сѐ попрофесионално започнува да се следи и коментира актуелната проблематика со лажните вести и со ширењето на дезинформациите, која е многу присутна и во Македонија.
Во насока на справување со проблемот како една таква стручна анализа, можеби, може да се посочи и последната на Универзитетот од Оксфорд, насловена „Глобален поредок на дезинформациите“. Во неа се анализираат новите начини за манипулација со јавноста, кои сега се вршат преку интернетот и социјалните мрежи.
Токму во ова истражување се споменува и Македонија, која заедно со уште четири балкански држави е означена како место во кои е регистрирано ширење дезинформации и невистини преку социјалните мрежи и интернетот, а најчесто користени платформи за оваа дејствување се Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Јутјуб и Ватсап.
Иако начините се нови, медиумските манипулации воопшто не се новина. Лажни вести, полувистини, извртувања на фактите… се лиферуваат одамна и од различни мотиви. Од најбанални, за кликови, до обиди за политичко влијание, па и дестабилизација на општествата. Она што е актуелно во моментов се новите социјални медиуми и мрежи, кои се простор што често се злоупотребува и е преплавен со невистинити, полувистинити информации или манипулации, односно со т.н. лажни вести. Ваквата појава на лажно информирање нанесува огромна штета во сите сегменти на општественото живеење, а последици од тоа трпат сите држави или, условно кажано, и големите и малите.
Во тој контекст, за обележување е и фактот дека последниве неколку години политичките партии ги користат лажните вести и дезинформациите како алатки и во нивните партиски соопштенија, обвинувајќи се меѓусебно за ширење невистини, но истовремено најавувајќи борба против оваа појава.
Од друга страна, пак, годинава Владата излезе и со акциски план и стратегија за борба против ширењето дезинформации и против нападите на демократијата преку безбедносни и проактивни мерки, а на крајот од минатиот месец се одржа и првиот состанок на акциската група на претставниците на државниот врв, на кој рекоа дека на лажните вести требало да одговорат со поголема транспарентност.
Натаму, веќе подолг период во државата имаме ситуации каде што политички партии, па и претставници на владите редовно обвинуваат различни субјекти за ширење невистини и лажни вести и обратно.
Технологијата на создавањето и на ширењето на информацијата е процес за чие успешно остварување се потребни одредени вештини и знаење, но и професионалност, совесност и одговорност.
Но и покрај големиот број кампањи, одлучни акции и обуки, трендот на ширење лажни вести не прекинува туку, напротив, секојдневно се засилува, неретко и враќајќи им се како бумеранг токму на оние што свесно или несвесно ги продуцирале. Кога на тоа ќе му се додадат речиси неограничените можности на интернетот и претпоставката дека речиси секој преку социјални мрежи може да ја дообликува и да ја праќа понатаму почетната информација, тогаш навистина е неблагодарно да се прогнозира исходот од најавената борба. И кога Маршал Маклуан пред повеќе од половина век предвидел дека светот, благодарение на интернетот и на новите медиуми ќе стане глобално село, веројатно не ни насетувал оти во селото ќе има и панаѓур.
Но она што веројатно најмногу им е потрбно на светот и на Македонија е воспоставување глобален поредок на вистината наспроти лагата.