Македонија реши да се фати во костец со проблемот наречен лажни вести, преку промовирање акциски план со вклученост на сите сегменти во општеството. И веднаш се јавија редица дежурни критичари, па зошто ова вака, а не онака, како може така и слично. Се разбира, простор за конструктивна дебата и подобрување на акцискиот план секако дека има, но простор за празни муабети речиси и да нема. Затоа уште на почеток мора на сите да им биде јасно дека е неопходна сеопфатна и решителна акција за сузбивање на лажните вести и дезинформации. Како ќе се направи тоа е сосема друго прашање
Феноменот на лажни вести се враќа на голема врата на глобалната општествено-политичка сцена. Има тврдења дека таму, всушност, бил отсекогаш, иако можеби во минатото само различно го нарекувале. Според некои информации достапни на интернет во 1925 година, американското списание „Харперс“ е меѓу првите медиуми што објавиле статија за опасноста од лажните вести. Но денес, многу години подоцна, според повеќе меѓународни истражувања, речиси две третини од возрасните граѓани ги добиваат вестите преку социјалните медиуми, кои користат модел што е подложен на манипулации и чии алгоритми лесно можат да се искористат за профитирање или за наштетување наспроти работата и практиката на традиционалните медиумски куќи…
Во еден таков мозаик на можности за правење и за пласирање секакви непроверени вести, во една таква конкуренција и настојувањата да се добие поголема читаност преку измислена атрактивност, но и во намерни подметнувања, лаги од лукративни мотиви, од најбанални карактерни каприци на нивните создавачи, па до добро смислени специјални пропагандни војни, Македонија реши да се фати во костец со проблемот наречен лажни вести, преку промовирање акциски план со вклученост на сите сегменти во општеството.
И веднаш се јавија редица дежурни критичари, па зошто ова вака, а не онака, како може така и слично. Се разбира, простор за конструктивна дебата и подобрување на акцискиот план секако дека има, но простор за празни муабети речиси и да нема. Затоа уште на почеток мора на сите да им биде јасно дека е неопходна сеопфатна и решителна акција за сузбивање на лажните вести и дезинформации. И на ваквата заложба воопшто не треба, и не е моментот, да ѝ се бара влакно во јајцето туку таа треба да се поддржи и спроведе.
Но да се спроведе крајно професионално и решително, а не да биде само уште еден изговор за некаков лов на вештерки и справување со неистомислениците или критичарите како што има коментари во дел од јавноста.
Сосема друго е прашањето колку можеби овој чекор е задоцнет со оглед на тоа што повеќето држави од поодамна веќе отворија ваква борба против појавата на лажните вести.
И додека безбедносните мерки, кои се најавени за справување со лажните вести, не се спорни од аспект на заштитата на комуникациите, како и најавите за зголемена транспарентност и засилени кампањи за едукација и медиумска писменост, во јавноста се јавија различни коментари за дел од другите т.н. проактивни мерки.
Така, на пример, забуна предизвика формулацијата воведување критериуми за медиумите при следење владини настани и прес-конференции, или на пример
кои се критериумите и методологијата при одлучувањето да се каже што е лажно, а што е вистинито. Потоа колкав простор ќе ѝ се остави на медиумската заедница, како најупатена во проблематиката да учествува во процесот и на одлучување, но и на дефинирање и процесирање на случаите.
Кој и на каков начин ќе се справи со лагите, дезинформации, спиновите и невистините што потекнуваат од политичарите или од други центри на моќ.
Одговорноста за кажување на вистината е, сепак, задача за сите.
Во таа насока, имајќи ја на ум инертноста на државниот апарат во минатото во справувањето со другите проблеми во општеството, криминалот, корупцијата, непотизмот, се јавуваат и сомневања акцискиот план за борба со лажните вести да не послужи само како платформа за прикривање на ваквите појави во иднина.
Зашто наједноставно е доколку некое сознание или информација не му се допадне на некој политичар, без разлика дали тој е од власта или опозицијата, истата таа да ја прогласи за лажна вест, и на тој начин да избегне одговорност.
Тоа, се разбира, во никој случај не смее да се дозволи, медиумите да послужат за политичко поткусурување меѓу политичките противници.
Од друга страна, секако дека треба да се исчисти житото од плевелот и во новинарската професија и медиумскиот простор да останат само тие што ги почитуваат професионалните новинарски стандарди и за кои единствена и примарна цел се вистината и интересот на јавноста.
Токму во таа насока, е важно со професионалците и со новинарската фела да се извршат консултации при имплементација на овој акциски план, но и во исто време да им биде оставено на читателите и публиката, сами да можат да ги оценат вестите и да се уверат во веродостојноста на пласираните содржини, кои и досега им беа достапни токму од страна на традиционалните медиуми. Заклучокот е дека во Македонија борбата против лажните вести единствено може да се поттикне преку зајакнување на медиумската писменост, односно преку зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини. Токму образованието и медиумската писменост учат како да се развијат вештините за критичко размислување, како да се препознаат манипулациите и лажните вести, кои неретко доаѓаат и од политичарите што истовремено ваквите штетни појави треба да ги превенираат и ги санкционираат.