Симболиката на овие денови е токму можноста да си посакаме подобро утре, да се поттикнеме да направиме нешто добро за себеси и за луѓето околу нас, зашто добрите дела не познаваат разлики, тие се израз на заедништво и сплотеност. Таквата моќ особено ја даваат верските празници. Токму тие денови нѐ потсетуваат на љубов, на мир и на хуманост. И на крајот од овие празнични денови, поминати во најдолга изолација досега, комфорно стуткани пред богатите празнични трпези, колкумина од вас помислиле на оние што за време на празниците поминуваат со една корка леб и во студена постела?
Празен двор на Соборниот храм во Скопје. Само десетина свештеници, кои заедно со архиепископот на Македонската православна црква-ОА, го извршуваат обредот на Христовото воскресение – Велигден. Исто толку присутни новинари, сниматели и фотографи, кои го пренесуваа чинот. Полициските екипи надгледуваа зад оградата. Ги немаше препознатливите слики на кршење на велигденските јајца меѓу верниците и политичарите во полните црковни дворови. Ете, се случи и она за кое никој не би верувал дека некогаш ќе може да биде реалност, верниците од дома на своите балкони, во семеен круг да го прослават најголемиот христијански празник.
Првпат по многу години, многумина од нас беа дома за овој празник. Деновите за Велигден традиционално се чекаат и се планираат како продолжен викенд, односно долгоочекуван мал пролетен распуст, за кој многумина уште од јануари планираат патувања. Оваа година, пандемијата на коронавирусот донесе поинаква состојба. Мерките за заштита од ширење на вирусот и најдолгиот полициски час, создадоа поинаква слика.
Не може да не се истакне дека на ова чествување на Велигден му претходеше една општа паника по социјалните мрежи, која на моменти ја поминуваше и границата на говор на омраза, особено омраза по верска линија. Стравот кај многумина беше посилен од верата, иако беше сосема јасно дека во услови на полициски час, црквите ќе бидат празни.
Но и покрај ваквото чествување, Велигден не ја изгуби суштината, ниту ја намали верата, напротив дополнително го зајакна духот, особено што верниците знаат дека сите молитви од овој Велигден се упатени за спас на човештвото и победа над пандемијата.
Зошто и кому му беше потребно создавање општа паника во јавноста со напади кон црквата? Дали омразата стана поопасен вирус од коронавирусот? Можеа ли свештениците да влијаат посмирувачки со тоа што на јавноста ќе ѝ разјаснеа некои состојби?
За овие прашања одговорите ќе се бараат веројатно во некои други, понормални времиња. Она што сега е јасно е дека државните власти, но и црковните авторитети ги донесоа во овој период можеби најисправните решенија.
Црквите не беа затворени, како што го бараа тоа некои, ниту, пак, беа критични точки за неконтролирано ширење на заразата, како што посакуваа некои фанатични верници.
Не може да не се истакне дека на ова чествување на Велигден му претходеше една општа паника по социјалните мрежи, која на моменти ја поминуваше и границата на говор на омраза, особено омраза по верска линија. Стравот кај многумина беше посилен од верата, иако беше сосема јасно дека во услови на полициски час, црквите ќе бидат празни. Но и покрај ваквото чествување, Велигден не ја изгуби суштината, ниту ја намали верата, напротив дополнително го зајакна духот, особено што верниците знаат дека сите молитви од овој Велигден се упатени за спас на човештвото и победа над пандемијата
Треба да биде јасно дека државните власти не воведоа мерки против црквата, туку напротив, и во овие услови на пандемија и затворени граници, ѝ помогнаа на црквата, за да биде Македонија една од ретките држави во кои пристигна благодатниот оган од Ерусалим, за да се зголемат величественоста и силата на празнувањето.
За тоа колку луѓето биле свесни во овие услови говори и најновото истражување на јавното мислење за практикување религија во услови на пандемија, што го реализираа интернет-порталот „Религија.мк“ и Институтот за политички истражување – Скопје со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, во кое се вели дека иако македонското општество во висок процент (51 отсто) се декларира како религиозно и (32 отсто) како донекаде религиозно, сепак смета дека вонредните мерки за заштита и забраните за присуство на верници во храмовите не значи и ограничување на правото на вероисповед.
Тоа го потврдиле високи 63,4 отсто од анкетираните.
Резултатите покажале и дека состојбата со коронавирусот во земјава нема да има негативно влијание врз вербата во Бог кај верниците и напротив вербата може само да се зајакне како последица на пандемијата.
Повеќето од граѓаните сметаат дека пандемијата ќе има позитивен ефект врз приближувањето на луѓето еден кон друг, како и врз заемната помош и поддршка што може меѓусебно да си ги понудат.
Велат дека празничните денови се време кога човек треба да им се посвети на оние што ги сака, кои ги почитува, на луѓето со кои го поминува животот. Токму и сите честитки за празникот се наменети за лично добро на оној кому му се честита и за благосостојба на неговото семејство.
И, секако, во тоа нема ништо лошо.
Напротив, симболиката на овие денови е токму можноста да си посакаме подобро утре, да се поттикнеме да направиме нешто добро за себеси и за луѓето околу нас, зашто добрите дела не познаваат разлики, тие се израз на заедништво и сплотеност. Таквата моќ особено ја даваат верските празници. Токму тие денови нѐ потсетуваат на љубов, на мир и на хуманост.
И на крајот од овие празнични денови, поминати во најдолга изолација досега, комфорно стуткани пред богатите празнични трпези, колкумина од вас помислиле на оние што за време на празниците поминуваат со една корка леб и во студена постела?
Колкумина од нас ги сфаќаат празничните денови во духот на солидарноста? Дали овие денови биле поттик за создавање добри дела, не само кон блиските, туку и кон непознатите, сиромашните, болните?
Овој и вака прославен Велигден треба да биде потсетување дека не е најважно да се биде дел од толпата што ноќта ќе биде околу црквите повеќе како декор, отколку како суштина на чествувањето. Многумина Велигден в црква го сфаќаат и како забава. А токму овој Велигден, покажа дека и без присуство на верници може да биде величествен.