Искуствата на другите, но пред сѐ сопствените, би требало да бидат доволен мотив за некаква промена на уставните и законските норми поврзани со имунитетот. Но тоа, како и сите поголеми или помали реформи, треба да се прави во мирна атмосфера, кога нема актуелни случаи, бидејќи тоа не е време кога трезвено може да се разгледаат и разумно да се утврдат границите до кои може да досега имунитетот на пратениците и на други носители на државни функции. Тоа треба да се направи во мирно време, без непосредни притисоци и поводи, не како нужност, туку како демократски дострел
Поранешниот премиер Никола Груевски остана без пратеничкиот имунитет, а јавноста остана без објаснување што е постигнато со тоа во услови кога тој, барем како што самиот потврди, веќе го има добиено политичкиот азил во Унгарија, по што уште само најголемите оптимисти, каков што е актуелниот премиер Зоран Заев, веруваат дека тој ќе биде вратен во Македонија. Која е смислата на целата задоцнета постапка за одземање на имунитетот на човек што, исклучиво поради нивна вина, е недостапен за македонските органи на гонење, но кој уште цели шест месеци ќе продолжи да ја прима не баш малата плата од државниот буџет? Уште еден апсурд во земјата на апсурди? Или…?
Но оваа ситуација секако е добра причина за обид да се отвори дебата околу оправданоста на постоењето на, според некои, мошне анахрониот институт на пратеничкиот имунитет и воопшто на имунитетот на носителите на највисоките државни функции.
Во текот на изминатите неколку децении пратеничкиот имунитет го помина патот од некогашниот неоспорен правен инструмент за заштита на пратениците до предметот на жестоки политички дебати во кои се бара сведување на оваа привилегија на минимум, па дури и нејзино укинување. Расправите беа иницирани не само поради честата злоупотреба на слободата на говорот во јавни настапи од страна на членовите на парламентите во голем број земји, туку и поради сѐ поголемиот број неуспешни обиди за поведување истраги и кривични гонења на пратениците. Иако во некои земји со развиена демократија во последниве децении особено се стеснува институтот на неповредливоста и се поедноставуваат постапките за негово укинување, се со цел оваа привилегија да не отстапува од принципот на еднаквост пред законот и да се олесни започнувањето кривична постапка против пратеници, многу често, особено во земјите во транзиција, пратениците сѐ уште се заштитени на таков начин што против нив многу тешко може да се започнат истрага и кривичната постапка. А поради честото повторување на нивните мандати, се случува дури и нивната кривичната одговорност да застари.
Парламентарниот имунитет беше предмет и на сериозни научни дебати во голем број современи демократски држави, бидејќи дури и таму сѐ повеќе се откриваат корупциски и криминални афери во кои се вклучени и највисоките претставници на државни власти што често го злоупотребуваат имунитетот и спречуваат увид во своето дејствување и во констатирањето можни злоупотреби, продолжувајќи така да избегнуваат кривична одговорност. Од друга страна, многу често пратениците, но и други вршители на највисоките државни функции, земајќи го имунитетот исклучиво како лична привилегија, а не како законско средство за заштита на непреченото работење, го злоупотребуваат истото тоа за да можат без никаква одговорност да ги навредуваат, клеветат или компромитираат угледот, честа и достоинството на другите луѓе, особено на оние од спротивставените политички кругови.
Која е смислата на целата задоцнета постапка за одземање на имунитетот на човек што, исклучиво поради нивна вина, е недостапен за македонските органи на гонење, но кој уште цели шест месеци ќе продолжи да ја прима не баш малата плата од државниот буџет? Уште еден апсурд во земјата на апсурди? Или…? Но оваа ситуација, секако, е добра причина за обид да се отвори дебата околу оправданоста на постоењето на, според некои, мошне анахрониот институт на пратеничкиот имунитет и, воопшто, на имунитетот на носителите на највисоките државни функции
Од многуте расправи произлезе и ставот дека институтот парламентарен имунитет одамна е надминат, бидејќи дозволува злоупотреби и дека треба да се промени и приспособи на нови околности, па дури и да се напушти, со што целосно ќе се оневозможи злоупотреба на парламентарната привилегија – имунитетот, кој најчесто погрешно се толкува и разбира како безусловна моќ, односно како моќ без одговорност.
Во Македонија, во согласност со Уставот, пратениците уживаат два вида имунитет, и тоа: материјален или суштински и процедурален имунитет. И додека материјалниот имунитет му дозволува на пратеникот да не одговара за кажаното од говорница, процедуралниот имунитет се однесува на кривични дела сторени надвор од Собранието и подалеку од собраниската говорница и затоа овој имунитет не подразбира дека за пратеник не може да се поведе постапка за утврдување негова кривична одговорност, ниту, пак, дека пратеникот не може да биде осуден за кривично дело. Процедуралниот имунитет значи неможност пратеник да биде притворен без претходно одобрување од Собранието. Но како сето тоа функционира во практика, не за првпат, имавме пригода да видиме во изминативе неколку недели.
Стана повеќе од јасно дека пратениците не се разликуваат од „обичните“ граѓани само според платите и привилегиите што ја следат функцијата туку и поради тоа што им се дава можност да ги изигруваат, а често и да се ставаат над законите. Но тоа никако не е ексклузивитет на Македонија и токму поради тоа во повеќе земји се актуализира прашањето за ограничување на имунитетот и негово ставање во функција исклучиво на заштита на слободата на изразување, односно на јавно изговорените зборови. Иако и тоа, како што веќе е посочено, може да биде проблематизирано. Искуствата на другите земји во дефинирањето на овој институт се различни, но доминира решението според кое имунитетот е средство за заштита на независноста на пратениците на пленарната седница и на седниците на работните тела.
Во овие земји, парламентарниот имунитет е поврзан исклучиво со парламентарното работење и ако пратеник приватно навреди човек или направи сериозно кривично дело што не е поврзано со политиката, неговиот имунитет не го заштитува. Искуствата на другите, но пред сѐ сопствените, би требало да бидат доволен мотив за некаква промена на уставните и законските норми поврзани со имунитетот. Но тоа, како и сите поголеми или помали реформи, треба да се прави во мирна атмосфера, кога нема актуелни случаи, бидејќи тоа не е време кога трезвено може да се разгледаат и разумно да се утврдат границите до кои може да досега имунитетот на пратениците и на други носители на државни функции. Тоа треба да се направи во мирно време, без непосредни притисоци и поводи, не како нужност, туку како демократски дострел.
Само тогаш, како што убаво објасни обвинителката Вилма Русковска во своето прексиноќешно гостување во една телевизиска емисија, одговарајќи на прашањето што за неа би претставувало успех во кариерата, без влијание на политиката, би можело да се поднесе обвинение и да се осуди не само поранешен туку и актуелен државен функционер.