Jоханес Хан во Македонија, пратенички прашања, акциски план против лажни вести – три важни настани, но сепак мноштво дилеми. Вистински ли се случките или е некакво привидение? Зашто додека да профункционира владиното тело за откривање и борба против лажните вести и дезинформации, човек не може да биде сигурен во ништо. Па дури ни во тоа што го гледа и слуша со сопствените очи и уши.
Но ајде по ред.
Најпрво да ја расчистиме дилемата дали вистинскиот Јоханес Хан беше во Македонија или можеби некој негов двојник. Да не ни пратиле некој измислен и лажен Хан. Зашто некако изменет изгледаше човекот. А и пораките што ги испрати не звучат како порано. Овој Јоханес, што деновиве беше во Македонија, бара енергична борба против корупцијата и криминалот како и безусловно почитување на владеењето на правото и правната држава. „За Брисел владеењето на правото е црвената линија“, рече Јоханес. Па дури ни порачува и дека никој не смее да биде амнестиран од целиот процес поради неспособноста да се исполнат одредени рокови.
Да бидам искрен во целост се согласувам со ваквите ставови на Јоханес и со вака поставените црвени линии на Брисел.
Мене сепак ме буни оној поранешниот Хан, кој претходно доаѓаше во Македонија (мислам на периодот по референдумот, кој пропадна поради немање цензус) и кој тогаш ни делеше совети и упатства како треба да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот за да се направи промена на името на државата. Затоа сега само би цитирал дел од тогашните пораки на некогашниот Хан.
„Потребни се осум или девет гласа од опозицијата и тоа мора да биде остварено. Сите велат дека сакаат членство во ЕУ и во НАТО вклучувајќи ја и опозицијата, а тогаш едноставно мора да ја платите цената на ова решение. Јас верувам со комбинација меѓу балканското и рационалното“, порачуваше Хан пред околу една година.
И навистина по една ваквата порака и упатство – бидна балканското кај нас. На балкански начин беше обезбедено двотретинско мнозинство во Собранието и државата го смени името.
А владеењето на правото, амнестијата, црвените линии?
Тогашниот Хан не изусти ниту збор за начинот на кој беше направено тоа, за пуштањето од затвор и амнестијата на оние што требаше да гласаат, за прекршувањето на домашното, но и меѓународното право итн. Не чувме ништо ниту за тогашните црвени линии на Брисел, во поглед на почитувањето на владеењето на правото.
Никој тогаш немаше ништо против амнестијата, туку истата таа ја поттикнуваа посочувајќи го токму балканскиот начин на решение на проблемот. И сега види изненадување. Каков ли само драмски пресврт се случи. Ни доаѓа повторно Јоханес од Брисел и јасно и гласно порачува: „Никој не смее да биде амнестиран. Владеење на правото е нашата црвена линија“.
На момент си помислив да не мисли да им се поништи дадената амнестија на пратениците и пак да си го вратиме старото име. НЕ, веројатно не ќе да е тоа. Овој пат нишани во друга цел.
Сепак, можеби најдобро е да се провери кој навистина ни бил на гости. Вистинскиот Јоханес или можеби некојси лажен Хан. На крајот може да испадне дека нема никаков лажен Хан, туку станувало збор само за наши лажни очекувања. Премногу сме се надевале и буквално сме ги сфаќале работите. Тоа што ЕУ користи двојни стандарди, ни буди лажна надеж или ни нуди и лажни вредности нема врска. Тоа за нас и онака е стара и позната вест.
Стигнавме до втората точка посочена на почетокот на текстот – пратеничките прашања.
Форматот пратенички прашање се смета за највисок израз на практикување на парламентарната демократија каде што народните избраници имаат можност директно да ги прашуваат претставниците на власта за сите актуелни теми во интерес на граѓаните.
Но собраниската говорница во последно време, како и многупати претходно, се користи и злоупотребува за нечија лична дискредитација.
Па, така, доста често сме сведоци како претставник на Владата му реплицира на претставник на граѓаните или обратно дека бесрамно лаже, манипулира, не ја говори вистината И ова не е прв случај на политичко конфронтирање на ваков начин, директно од Собранието или за време на пратенички прашања. Да се разбереме.
Далеку од тоа парламентот да биде ќутилница во која само ќе се молчи и ќе се гласа. Неговата улога секако не е тоа, туку претставничкиот дом е подиум за искажување на најразличните ставови на сите пратеници. Но тоа, секако, не би требало да се прави преку чија било дискредитација и етикетирање за лажење, крадење или за други незаконски дејства. На лагите не им е местото никаде во општеството, а најмалку пак во парламентот.
За жал, искуството од минатото нѐ учи дека токму од собранискиот дом биле искажани редица полувистини, невистини па дури и дрски лаги. Често сме гледале и сме слушале како говорницата се користи за политичко спинување, манипулација, едно се говори и ветува, а потоа сосема друго се прави итн. Треба ли да се потсетуваме на искажаните тези, на власта и на опозицијата, за тиранската платформа, за двојазичноста, ставовите за името на државата итн.
Доволно е да се препрочитаат и споредат само неколку настапи на претставници на власта, опозицијата или меѓународната заедница и лесно да се воочи неконзистентност во изјавите и потезите.
И сега сама по себе се наметнува дилемата, каква иднина и перспектива имаат ова општество и оваа држава ако како клучна алатката во политичката битка толку често се користат лагите, лажните вредности, спинот или манипулацијата.
Затоа во насока на спречување на оваа штетна појава, но и како своевиден придонес во акцискиот план на Владата за борба против лажните вести и дезинформации, можеби треба да се размислува и во насока на укинување на имунитетот на сите пратениците. За да не се остави ниту најмал простор некој да се крие зад пратеничкиот имунитет и притоа користејќи ја таквата позиција да изнесува непроверени информации и да сее лаги и на тој начин да се манипулираат јавноста и граѓаните. Зашто доколку пратеничкиот имунитет се користи само како параван за криење од одговорност за искажани невистини и лаги, тогаш од тоа демократските процеси во државата имаат повеќе штета отколку полза. Да заклучам, лагата не смее да биде ничие орудие, најмалку пак на политичарите.
И конечно стигнавме и до третата точка, акцискиот план за борба против лажните вести. Добро што конечно им текна. Којзнае дали и тоа ќе се случеше да не ги почувствуваше власта директно на своја кожа последиците од лажните вести и дезинформации. Сега читаме дека ќе се осмислува и ќе спроведува Национална стратегија за медиумска писменост. Баш убаво. Но треба и да се знае дека каскаат зад „Нова Македонија“ неколку години. Кампањата против лажните вести и сите форми на дезинформации првиот македонски весник ја започна и ја спроведуваше многу порано преку проектот за медиумска писменост заедно со Високата школа за новинарство од Скопје и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот за медиумска писменост се спроведуваше од 2016 до 2018 година, и преку него беа опфатени средношколци во средните училишта во Македонија со организирани на обуки, предавања, кампови и други едукативни и информативни содржини.
Целиот проект беше поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје, а беше признаен и препознаен од Европската комисија како еден од најдобрите проекти за медиумска писменост во Европа и неговата содржина беше презентирана во Брисел во февруари годинава. Па, така, нека се знае.
Патот што ние први го почнавме и изодевме сега слободно можат да го одат и другите. За нас и за нашите читатели, сепак, останува возвишеното чувство дека и во тоа сме биле пред другите.