Епидемијата на етноцентрично дејствување на албанските партии во Македонија трае со децении и тоа е многу поопасно и со потрагични последици од коронавирусот. Тој недостиг од креативност за практични политики за подобрување на сеопштиот живот на граѓаните во земјата не се решава ниту со апели, ниту со вонредна состојба, ниту со уредби, туку само со повисока општа, политичка и комуникациска култура, со подобро образование и надминување на заостанатоста, примитивизмот, како и со почитување и спроведување на законите
Политичките партии потпишаа ветување за спроведување фер и демократски избори, кои ќе следуваат во едни несекојдневни околности, по неколкумесечна битка со коронавирусот, за која очигледно е неизвесно нејзиното завршување.
Главните политички играчи веќе ги имаат концептите за своите кампањи, големите наративи за членство во НАТО и во ЕУ како теми се веќе минато, а партиите и коалициите на овие избори ќе мора да бијат битка на реални политики поврзани со економијата, но и со здравствените предизвици поради коронавирусот. Сегашните проблеми и маки со кои се соочуваат државата, населението и стопанството ќе бидат детска играчка за она што ќе се случува во Македонија по изборите, доколку предлозите и формулите за спас на економијата не бидат главен двигател на изборните кампањи.
Имено, партиите во своите програми треба да понудат решение за добро функционирање на стопанството, за брз и висок економски раст, да изградиме „економско-социјален замаец“, кој ќе ги поттикне општеството и граѓаните за достигнување повисок квалитет на живеењето.
Дополнително, она што треба да се има на ум во контекст на претстојните вонредни парламентарни избори е здравствениот аспект на случувањата, кој е практично со голема тежина. Политикантството и краткорочното размислување на политичарите тука се недозволени. Сите обвинувања поврзани со ширењето на болеста и нејзината превенција, за кои во изминатиов период се обвинуваа меѓу себе партиите, губат смисла, бидејќи ниту една од нив не ја донесе болеста во земјата и најверојатно ниту една од нив засебно нема да го исчисти вирусот. За ефикасна борба со заразата се потребни здружена колективна реакција и одговор.
Па во тој контекст, ако изборите бидат здравствено безбедни, кампањите бидат сконцентрирани на економски политики, а гласањето биде спроведено фер, тоа не значи дека вратите кон ЕУ ќе се отворат веднаш, но со сигурност дава гаранции дека сме на добар пат да го исполниме она што се бара од нас во преговорите со Унијата, кои ќе следуваат во септември. Она што е евидентно и се повторува речиси на секои избори е безидејноста во албанскиот табор.
Епидемијата на етноцентрично дејствување на албанските партии во Македонија трае со децении и тоа е многу поопасно и со потрагични последици од корона вирусот. Тој недостиг од креативност за практични политики за подобрување на сеопштиот живот на граѓаните во земјата не се решава ниту со апели, ниту со вонредна состојба, ниту со уредби, туку само со повисока општа, политичка и комуникациска култура, со подобро образование и надминување на заостанатоста, примитивизмот, како и со почитување и спроведување на законите.
Тоа, за жал, во земјава е една од посериозните болки на нашето општество, во кое албанските партии никако да научат да функционираат со полн капацитет. Најголемата партија од овој табор ДУИ, се чини не може да излезе од своите спреги, па главниот мотив во оваа нејзина трка се заснова врз националната припадност на идниот премиер. Оваа пратија во чие име стои и зборот интеграција, благо кажано најави дека со уцена кон македонските партии сака да ја издејствува својата цел, а за тоа побара дури и помош од сите преостанати албански политички субјекти во Македонија. Сето кажано, за жал, многу повеќе личи на дејствување на трговско друштво без одговорност отколку на една сериозен политички субјект, кој оперира и функционира во еден крајно комплициран политички систем на нашата државна демократија.
Од друга страна, партиите во минатото од сите табори, етникуми и идеологии покажаа дека ретко стојат на ветувањата и на изборните програми и имаат, благо кажано, „навика“да ги заборават ветувањата и да ги видоизменат кога ќе дојдат на власт, што е нефер третман кон гласачите.
Во услови кога во земјата, врз која натежна пандемијата на ковид-19, владее голема разочараност на гласачите, најмалку што се очекува е фер и чесен однос на политичките партии.
Да се надеваме дека народната поговорка „волкот го менува влакното, но не и наравот“ ќе престане да важи за политички елити во Македонија, кои овој пат ќе се држат до дадените ветувања и програми и на пиедесталот секогаш ќе ги ставаат интересите на граѓаните и на државата, наместо своите ситнопартиски интереси.