Со години народот во оваа земја е сведок на таканаречените султан-партии, каде што главниот збор го има партискиот лидер или врхушката околу него. Но дуваат ли нови ветришта, кои ќе овозможат и многу поголема отвореност и демократизација прво внатре во самите партии, а потоа и пошироко во државата
Триесет години македонското општество се учи на демократија, но напредокот секогаш оди тешко кога политичката оска што треба да го придвижува општеството лежи врз недемократско и неконкурентно тло.
Токму таа основа во плурализмот ја сочинуваат политичките субјекти и нивното членство, чија задача е да ја наметнат својата напредна политичка идеја во секоја пора на општеството, барем таква е основната замисла. Поаѓајќи од таа нивна улога, она што тие го практикуваат како демократија директно се одразува врз луѓето, кои во помала или поголема мера стекнуваат слика за демократските капацитети на својата земја.
Но кога политичките партии немаат сопствен капацитет за демократско однесување прво внатре во самите партии, а потоа и пошироко, тоа секако се рефлектира и врз државата. Доколку се на власт, таквото однесување ќе биде својствено и за државните институции, додека, пак, доколку се во опозиција, во нивното однесување кон актуелната власт.
Со години народот во оваа земја е сведок на таканаречените султан-партии, каде што главниот збор го има партискиот лидер или врхушката околу него. Тој (или тие неколкумина) решава буквално сè, од која кафеготвачка да биде вработена во некоја државна институција, до кој министер каде да биде назначен. Па, не толку одамна беа сликите кога партиските фанатици во транс истрчуваа да му ја бакнат раката на лидерот.
А таквиот однос им го овозможуваа токму партиските статути, со кои тие беа неприкосновени. Тие палеа, тие гасеа, а ако некој се дрзнеше да им се спротивстави, едноставно беше исклучуван од партијата и означен како деструктивец. Оние што нешто вредеа и можеа да бидат закана по лидерот, едноставно беа маргинализирани.
Познатиот српски сатиричар Радое Домановиќ своевремено имаше напишано една прекрасна сатира под името „Водач“. Во неа еден наивен народ, соочен со лошата состојба во својот роден крај, се решава да тргне на пат кон подобра иднина. Но пред да тргнат, решаваат да изберат водач што го знае патот кон новата поубава земја. Додека се расправаат кој да биде лидер, забележуваат еден старец како седи под едно дрво со ниско спуштена глава и како тропка со еден стап по земјата. Го избираат него за водач и тој ги води преку плотови, грмушки, низ трње и долови, за на крајот да завршат сите искршени и набиени во еден длабок амбис.
– Каде нè водиш и каде нè доведе? Ние тебе ти се доверивме заедно со своите семејства и појдовме со тебе, оставајќи ги куќите и гробовите на нашите предци за да се спасиме од пропаст во овој неплоден крај, а ти уште повеќе нè упропасти – повикале луѓето, за на крајот да дознаат од водачот дека тој е всушност слеп од раѓање и дека токму слеп човек ги водел цело време.
Оваа сатира добро ја отсликува послушноста на партиското членство кај нас кон својот лидер. Тие беспоговорно одобруваат сè што ќе каже лидерот, без оглед дали ги води кон пропаст. Понизно се слушаат неговите наредби, во страв да не се загуби позицијата.
Но се чини дека европските ветришта сè посилно се чувствуваат и кај нас, а најавата за скорешно почнување на преговорите за членство во ЕУ дава дополнителен ветар во едрата за една поголема демократизација на општеството, вклучувајќи ги и политичките партии.
Впрочем, речиси сите се дел од европските сестрински партии, па при толку заеднички средби, веројатно и презеле некои искуства.
Во таа насока може да се сфатат и неодамнешните промени во статутите на партиите, кои се чини дека полека како да сакаат да се ослободат од етикетата „султан-партии“ и да му дадат поголема шанса на членството да одлучува за клучните работи.
Тоа секако е сигнал што охрабрува, бидејќи токму со ваквите промени ќе се оневозможи создавање партиски врхушки, кои секогаш ги задушуваат демократските процеси во обид да ги задоволат интересите на неколкуте луѓе во врвот.
Демократијата во партиите е најважната придобивка што едно општество може да ја има. Тоа ќе донесе свежи идеи, спротивставување на концепти, повеќекратни решенија во полза на граѓаните. Добро би било и кога граѓаните би им нуделе идеи на партиите, а тие би ги прифаќале доколку оценат дека тоа е добро за државата.
Токму тоа е улогата на партиите, преку програма и проекти да им овозможат подобар живот на сите граѓани, а не само на партиски подобните. Всушност, народот е оној што им го дава легитимитетот, па затоа нивното дејствување треба да биде во полза на народот и на државата.
Изјавите од типот дека некој функционер одговара пред партискиот лидер, а не пред институциите, во иднина треба да се за рубриката „гаф на годината“, а не со нив да се билда партискиот рејтинг меѓу гласачите.
Демократските партии дозволуваат и фракционерство, но кај нас тоа барем засега се сфаќа како антипартиски елемент, кој има цел да ја растури партијата, но време е и на тоа да се погледне низ европски очила.
Фракционерството треба да се сфати како понуда на еден поинаков концепт од луѓе во иста партија, кои сакаат да им помогнат на државата и на партијата со поинакви решенија. Тоа треба да се сфати како еден нов квалитет, мноштво на луѓе со идеи, проекти, кои ќе објаснат како некој проект може да се оствари на овој или оној начин за добро на целата држава.
Деновиве меѓу партиите во тек се преговорите за формирање нова влада и токму тука треба да се види нивниот демократски капацитет, колку тие се подготвени да прифатат од програмата на другиот што може да донесе бенефиција за граѓаните, а не слепо да се држат само за својата кауза. На крајот на краиштата, идната влада, која и да е, треба да ги анализира и програмите на другите партии и од нив да прифати проекти за кои смета дека ќе го подобрат животот на луѓето, со што на некој начин ќе покаже дека партиските политики им отстапуваат место на државните.
Таквата партиска демократизација ќе го ослободи и општеството, кое со години е поделено и во кое квалитетот на животот е далеку од европските стандарди.
Тапкањето во место само ја зголемува апатијата меѓу луѓето, а слабиот одзив на последните избори можеби е одраз на таа апатија и безидејност што со години ни ја сервираат партиите.
Како и да е, во моментот кога ќе се демократизираат партиите, ќе се демократизира и општеството. Тогаш можеби политиката ќе стане поле за општ натпревар на идеи и проекти, а Македонија земја на просперитет и напредок.