Уценувачките игри на Бугарија со малцинствата не завршуваат само со ветото за преговорите на Македонија со ЕУ! Тие се сериозно метастазирани и во Албанија! Користејќи ги бавноста на процедурите на европската правда и правото на вето во консензуалното одлучување на Унијата, Бугарија како земја-членка на ЕУ безобѕирно манипулира со вредностите и принципите на Унијата
Додека Европскиот суд за човекови права, односно Комитетот на министри на Советот на Европа очекува Бугарија да постапи по 16-те пресуди за неа и да го признае македонското малцинство кај себе, бугарската политика тргнува во засилена офанзива во регионот (многу слично како во 1915 и 1941 година), преку уцени со нејзиното право на вето во ЕУ, да регрутира т.е. да конвертира некакво реално непостојно бугарско малцинство во земјите од нејзиното блиско и подалечно соседство.
Ветото што Бугарија го испорачува последнава година, за Македонија да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ, имплицитно, всушност директно ги блокира и евроинтеграциите на Албанија, поради пакет-концептот на ЕУ на нејзината политика за проширување. Доколку опстои таквата принципиелна политика за проширувањето на ЕУ, во практика значи дека ако Македонија не започнува преговори за членство во Унијата, тоа нема да ѝ биде овозможено и на Албанија, иако двете земји ги имаат исполнето Копенхашките критериуми за почеток на процесот на преговарање. Ваквата пат-позиција за евроинтеграциите на двете земји создава терен за заткулисни игри и уцени на бугарската дипломатија и во Брисел и на терен во Албанија.
Последниве денови, претставници на македонското малцинство во Албанија предупредуваат на засилени активности на бугарската пропаганда да ја асимилира македонската заедница во Албанија. Истовремено, од „високи дипломатски кругови во Брисел стигнуваат гласишта во регионот за некаков „антимакедонски“ договор меѓу Албанија и Бугарија, се разбира на сметка на Македонија. Според таквите гласишта, Бугарија заткулисно ѝ ветува на Албанија дека ќе издејствува нејзино одвојување од евроинтегративниот пакет со Македонија, во замена за слободно дејствување на нејзините пропагандисти на албански терен и „регрутирање“ бугарско малцинство во тамошната македонска заедница со понуди за бугарски државјанства и пасоши. Обидите на Бугарија да им дели бугарски пасоши на Македонците од македонските села од пограничниот дел на Албанија со Македонија се присутни со години. Во областа Голо Брдо бугарски мисионери се присутни и по основните училишта, каде што делат книги на бугарски јазик, организираат некакви празнувања со Македонците, убедувајќи ги за нивната заблуда дека се Македонци. Во тоа убедување најсилниот аргумент им се бугарскиот пасош како документ од земја-членка на ЕУ и делењето стипендии на основците и средношколците за продолжување на нивното образование во „мајка Бугарија“.
Дека уценувачката политика на Бугарија со инструментот на европското вето воопшто не е наивна потврдува и фактот дека во 2017 година во Албанија е усвоен Законот за заштита на малцинствата со кој е всушност признаено постоење на бугарското малцинство во земјата. До 2017 година, Албанија признаваше осум малцинства: Македонци, Власи, Грци, Египќани, Срби, Бошњаци, Црногорци и Роми, а во новиот законски текст е внесено постоењето и на бугарско национално малцинство. Тогаш, претставниците на македонското малцинство во Албанија реагираа со незадоволство од таквиот однос на албанските власти, со констатација дека „Албанците попуштиле пред заканите на Бугарија за вето за започнување на преговорите за членство со ЕУ“. Признавањето на бугарското малцинство во Албанија се случи два-три месеци по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, со кој македонската страна практично се откажа уште еднаш од грижата за своите малцинства во соседните земји, прифаќајќи ја формулацијата дека тоа е „мешање во внатрешното уредување на соседите“. Имено, тргнувајќи од тоа дека бугарскиот устав не признава малцинства, секое споменување на правата на малцинствата кај неа, Бугарија го пријавува како „мешање во нејзиното внатрешно уредување“. Но реципрочното почитување на Договорот за добрососедство не ја спречува Бугарија да бара интервенција во македонскиот устав со внесување некакво бугарско малцинство во преамбулата, како еден од условите за отстранување на ветото од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ. Очигледно, уценувачките игри на Бугарија со малцинствата не завршуваат само во Македонија туку се сериозно метастазирани и во Албанија.
Користејќи ги бавноста на процедурите на европската правда и правото на вето во консензуалното одлучување на Унијата, Бугарија како земја-членка на ЕУ безобѕирно манипулира со вредностите и принципите на Унијата. Нов прилог на 16-те пресуди од Европскиот суд за човекови права против Бугарија е најновата реакција на шест македонски организации во оваа земја, со која известуваат дека резултатите од тамошниот попис ги сметаат за „неточни, пристрасни и неупотребливи“, пред сѐ зашто пописот е спроведен без посебна графа „македонски“, односно на повеќе начини не им е овозможено да ја изразат својата национално-етничка припадност. Спроведувањето на пописот во Бугарија е уште една манифестација на нејзините двојни стандарди во однос на барањата за почитување на правата на малцинствата, како дел од почитувањето на човековите права.
Наспроти агресивноста на соседните земји во нивните политики за игнорирање и негирање на правата на малцинствата (секако, и на македонското малцинство) во своето државно уредување, Македонија преурането и премногу попустливо грижата за своето малцинство ја препушти на (до)вербата во принципите, механизмите на ЕУ и меѓународните конвенции за човекови права. Патем, Грција и Бугарија, иако членки на ЕУ, вешто избегнуваат докрај да ги спроведат меѓународните резолуции и конвенции за човекови права во своето правно уредување – или не потпишувајќи ги, или со одложување на нивната ратификација. За разлика од соседите, Македонија и во својот Устав и во соседските договори се обврза на немешање во нивното внатрешно уредување и нивните политики со малцинствата, практично откажувајќи се од грижата за своето малцинство во овие земји-членки на ЕУ. Така, македонските здруженија во соседството се оставени сами да се борат за своите човекови права пред европските институции, во кои Грција и Бугарија како земји-членки на ЕУ имаат поголема можност за играње заткулисни игри со уцени за малцинствата и да го избегнуваат спроведувањето на европската правда. Сепак, Македонија како држава нема право, ниту легитимитет, со никаков билатерален договор да се откаже од правата на Македонците во Бугарија, загарантирани според меѓународното право и многубројни акти на Европската Унија. Односно, македонската влада нема легитимитет да се откажува од правото на другите, т.е. од правата на македонското малцинство во соседните земји.