Иако идеите, идеологијата, програмите, кадровскиот потенцијал би требало да претставуваат носечки столб на секоја здрава демократија и од тоа да не се отстапува, изгледа кај нас тоа не е така. Тука сѐ е подредено на бројките, или поточно на нивно штимање па и манипулација, иако по логиката на нештата бројките и буквите треба да се комплементарни и да се дополнуваат едни со други Но добро ако е така, каде се тогаш буквите (идеологијата, пишаните програми, ветувања, идеи проекти…). Какви се нивната улога и задача
Една кратка неодамнешна изјава на висок политичар од власта во само неколку збора ги отслика поимањето на политиката и одредувањето на приоритетите на домашната политичка сцена. Имено, потпретседателот на најголемата владејачка партија и пратеник во македонското собрание, Мухамед Зеќири, на прашањето дали ќе опстои сегашната коалиција на власт сосема искрено и без калкулации одговори: „Бројките ја прават Владата“. Секако, доколку ги имаме бројките за формирање влада и без ДУИ и тоа е опција, зошто да не, смета пратеникот. Со ваквиот став Зеќири, се разбира, не откри топла вода туку само отворено ја кажа вистината што се применува со години на домашната политичка сцена. Вистината дека всушност бројките ја движат политиката.
Дека бројките се носечка филозофија на секоја политичка структура, но истовремено и нивна ноќна мора. Зашто прашањето со кое легнува и со кое станува секој политичар од власта или од опозицијата е ги имаме ли бројките. Едните за останување, другите за освојување на власта. Ако ги немаме како да ги достигнеме или обратно ако ги имаме како да ги задржиме. Во таа трка за превласт со бројките се занемарува сѐ друго, па често тоа знае да биде и на штета на демократијата, владеењето на правото, почитувањето на процедурите итн. Да не одиме подалеку, доволен е само примерот на играта со бројките изминативе месеци, пребегувањето на пратениците, амнестијата, растењето на парламентарното мнозинство, за изгласување на Преспанскиот договор и сл. Што сѐ не се направи за да се стигне до „магичната бројка 80“. Домашната успешна математичка формула потоа се преслика и во Грција, а има примери и во други земји каде што не идеологијата туку бројките го имаат последниот збор. Бројките и политичарите се во една нераскинлива заемна симбиоза.
Во тој сооднос и борба за опстојување се можни секакви комбинации, математики, калкулации, употреби или (зло)употреби само доколку истите тие одат во прилог на интересите на едните или на другите. Идеологијата, предизборните ветувања, партиски програми… ма кого го интересира тоа! Кога би се почитувале идеологијата, дадениот збор и ветувањата, зарем би имале толку многу отстапувања од овие свети начела во политиката, толку многу камелеони, менувања на партиските дресови, престројување по потреба, во согласност најчесто со личните интереси, целосно бришење или множење со нула на политичката ориентација како левица, десница или политички центар и уште многу други неприродни и нелогични политички потези или комбинаторики. Но во политиката изгледа сѐ е можно и сѐ е дозволено. Според одредени дефиниции, политиката е всушност математика на можното. Јас би додал за наши околности, виша математика и на невозможното. Оттаму воопшто не ме изненадува тезата дека бројките ја прават Владата, зашто и досега се уверивме колкава е моќта на бројките, кои практично ни ја преуредија и преименуваа државата.
Бројки до кои се дојде по неприроден, вештачки и за многумина незаконски пат. Но што е тука е. Иако идеите, идеологијата, програмите, кадровскиот потенцијал би требало да претставуваат носечки столб на секоја здрава демократија и од тоа да не се отстапува, изгледа кај нас тоа не е така. Тука сѐ е подредено на бројките, или поточно на нивно штимање па и манипулација, иако по логиката на нештата бројките и буквите треба да се комплементарни и да се дополнуваат едни со други. Но добро ако е така, каде се тогаш буквите (идеологијата, пишаните програми, ветувања, идеи проекти…). Какви се нивната улога и задача. Секако дека и тие се тука и дека и без нив не се може. Но исто така гола вистина е и дека буквите повеќе се (зло)употребуваат и им служат на бројките. Она што бројките ќе го издиктираат, буквите потоа треба да го преточат во законски решени и конкретни акти. Без разлика какви ефекти тоа ќе има врз општеството и дали ваквите законски решенија ќе го издржат тестот на времето. И тука ќе посочам еден пример. Македонија до 2001 година и дома и меѓународно беше признаена како успешна мултиетничка демократија, каде што сите заедници имаат еднакви права и должности.
По 2001 година речиси прекуноќ се преформулира и беше устроена како држава што се потпира на „магичната бројка 25“. Сите уставни и законски акти измени, вработувања, рамковна застапеност беа направени за да се задоволи бројот 25, колку што тогаш изнесуваше процентот на албанската етничка заедница во државата. И тоа не би требало да претставува никаков проблем, бидејќи давањето некому повеќе права не смее да се гледа низ призмата на штета врз другите. Но тоа може да важи само доколку не премине во апсурд, или како држава не почнеме да им робуваме на бројките и без да се знаат тие. Денес по 18 години од донесувањето на рамката 25, таа не само што многукратно се зголеми и прошири, се донесе закон за двојазичност на целата територија на државата, туку воопшто не е позната ниту моменталната процентуална застапеност на албанската етничка заедница во државата. И повторно ќе нагласам не од причина некому нешто да му се одземе туку од наједноставна причина да се дознаат и обелоденат фактите и вистината.
Да не им робуваме на стереотипи за измислени бројки и права туку заедно да се залагаме за одговорност, законитост, просперитет или со еден збор, за сѐ што се декларира како европска вредност. И бидејќи сите оние што се опседнати само со бројки, што постојано собираат и одземаат, делат или множат, се подложни и на грешки така и во домашната политика низ годините имавме и погрешни процеси и погрешни политики. И речиси секогаш цената за тоа ја плаќаат граѓаните. Во таа насока би им препорачал на политичарите да им ги остават бројките на математичарите и статистичарите и многу повеќе да се држат до буквите (јасна идеологија, пишани програми, идеи, проекти…). Да најдат начини преку конкретни дела и реализирани идеи да ја добијат довербата од граѓаните, а не со квазиматематички операции и комбинаторики за претурање од шупливо во празно. Ако многу повеќе се држат до буквите (дадениот збор, ветените идеи, програми и проекти)бројките потоа ќе дојдат сами по себе и нивниот ефект ќе го почувствуваат сите. Во спротивно може да се толкува дека политиката ни се сведува на онаа народната „симни се Мурто да се качи Курто“.