По кој пат ќе тргне Британија? Многумина експерти и познавачи на состојбите од двете страни на Ла Манш сметаат дека идеално би било Лондон да се договори со Брисел за заедничките принципи на (трговско) работење и веродостојно да се држи до нив
Светот, а особено политичарите и јавноста во Европа, со нетрпение ги исчекуваат резултатите од предвремените избори во Британија. Избори што со право се опишуваат како нов референдум за брегзит, сага чиј крај не се гледа и по три години од првото изјаснување на Британците за напуштање на ЕУ. И додека сѐ уште трае пребројувањето на избирачките ливчиња, се поставува прашањето за „денот потоа“. Речиси сите анкети укажуваа на тоа дека премиерот Борис Џонсон ќе ја добие довербата од гласачите, иако не е јасно дали ќе успее да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот. Затоа, заслужува да се посвети повеќе внимание на очекуваниот исход од вчерашното гласање.
Постои одредена доза загриженост за можна нова криза околу опцијата за брегзит без договор, односно дали новоизбраниот премиер ќе побара ново продолжување на транзицискиот период, во кој Британија ќе ги задржи бенефициите и обврските од членството во Унијата, но формално ќе биде надвор од ЕУ. По евентуалниот и, според анкетите, очекуван реизбор на Џонсон, главен приоритет ќе биде да се покаже дека неговиот „фантастичен“ договор за брегзит го направи напуштањето на ЕУ да биде безболен процес и го стимулираше економскиот пораст во земјата. Би било крајно неочекувано да ризикува финансиска криза во првата година од новиот мандат, дали преку отфрлање продолжување на транзицијата или преку прифаќање прекин на трговијата, доколку не биде постигнат трговски договор со Брисел за само дванаесет месеци. Затоа, според процените, очигледен економски интерес на Џонсон ќе биде да го продолжи транзицискиот период по декември 2020 година, најверојатно за цели три години.
Но кои се неговите политички интереси? Во досегашната кратка кариера како премиер, Џонсон сметаше на поддршката од тврдокорните поддржувачи на брегзит во парламентот за да опстои на функцијата, а клучен дел од изборната стратегија беше „засенувањето“ на Партијата за брегзит на Најџел Фараж. За да ги постигне овие две цели, тој беше принуден да ја отфрли можноста за какво било продолжување на транзицискиот период по брегзит. Сепак, со изборна победа и обезбедено мнозинство во парламентот, овие политички калкулации сигурно ќе се променат.
Кога станува збор за идните трговски односи со ЕУ, можни се две сценарија. Според првото, Британија би усвоила закони што се разликуваат од оние во Унијата, но се темелат на истите главни принципи. Во таков случај, британските национални закони ќе поддржат различни пристапи кон регулацијата, особено кога станува збор за финансиските услуги со партнерите од Европа, а сепак ќе создадат само ограничени пречки за трговијата со ваквиот вид услуги. Сепак не треба да се занемари фактот дека Британија е голем извозник на банкарски, осигурителни, комуникациски и професионални услуги, од кои половината завршуваат токму на пазарот на ЕУ.
Во второто сценарио, познато и како „Сингапур на Темза“, Британија би се обидела да ги заобиколи, односно да ги намали правилата на ЕУ. Тоа значи помалку строги стандарди за финансиска стабилност и порелаксирани закони за работење, во надеж да се привлечат повеќе инвеститори и да се продадат повеќе услуги. Ваквиот потег речиси сигурно ќе биде дочекан на нож и оценет како некооперативен од европските партнери на Британија, што би резултирало со затворање на пристапот до пазарот на ЕУ за британските извозници на услуги и поттикнување голема финансиска криза во земјата, што Џонсон несомнено воопшто не го посакува.
По кој пат ќе тргне Британија? Многумина експерти и познавачи на состојбите од двете страни на Ла Манш сметаат дека идеално би било Лондон да се договори со Брисел за заедничките принципи на (трговско) работење и веродостојно да се држи до нив. Кога станува збор за другите полиња за соработка, тука не се очекуваат големи промени. Па, така, заедничките одбранбени иницијативи на Британија и континенталните партнери најверојатно ќе преживеат, соработката во рамките на мултилатералниот систем речиси сигурно ќе продолжи, а сигурно нема да замрат ниту ад хок проектите помеѓу двете страни. Во спротивно, и Британија и ЕУ нема да можат ја избегнат заемната штета од брегзит.