Во вакви тешки ситуации важно е да се покаже солидарност, но и да се насочиме сите заедно кон соодветни мерки што ќе придонесат за задржување на сите работници на своите работни места. Токму во таа насока вчера со нови планови и предлози за спас на економијата излегоа и редица државни функционери
Во Македонија од викендов првпат се воведува полициски час од стекнувањето на независноста. Во согласност со препораките на Владата, граѓаните по девет часот навечер ќе можат да излегуваат од своите домови само поради медицински потреби и со специјални дозволи. Полицискиот час завршува наутро во шест часот, по што граѓаните ќе можат да се упатат на своите работни места или по набавка на продуктите што им се неопходни. Претходната недела во земјава исто така првпат беше воведена и вонредна состојба, која претходно важеше само за дел од земјава. Ова се две сосема невообичаени и ретки ситуации, кои се наметнаа поради потребата да се спречи ширењето на новиот корнавирус ковид-19.
Како што веќе знаеме, поради масовното ширење на овој нов тип на вирусoт низ светот има голем број починати и заразени, па властите на повеќе држави преземаат радикални мерки за негово сузбивање. Голем број земји решија да ги затворат границите, се стопира авиопревозот од многу земји, се откажуваат и други видови меѓународен превоз, за да се спречи понатамошното ширење на вирусот, а со тоа и да се спасат колку што може повеќе човечки животи.
Препораките да се седи дома само делумно се почитуваа, па надлежните решија да ги зголемат мерките за претпазливост за да спречат понатамошно мешање, како и ширење на вирусот. Но наглата промена на вообичаените текови на живот кај граѓаните предизвикува несигурност, неизвесност и нелагодност… Плановите на дел од граѓаните се стопирани, се советуваат и покрај обврските што ги имаат да останат во своите домови и да избегнуваат меѓусебни контакти. Во следниве денови е најбитно да се почитуваат препораките, да се сфати дека сите новини, кои досега не сме ги сретнале, се за наше добро. Колку побрзо прифатат граѓаните дека насоките се за доброто на сите нас, толку побрзо ќе се надмине овој кризен период.
Но исто така мора да се истакне дека сега воопшто не е период за политички поени или политички маркетинг.
Паралелно со сите новини што ни се случуваат и со мерките што се предлагаат, мора да се размислува како да се спасат економијата и зачувувањето на работните места. Ширењето на ковид-19 низ земјава, но и низ светот е сериозна закана и за економијата. Многу бизниси веќе се стопирани, а тоа неминовно ќе се одрази и на работниците, на намалување на нивните приходи, па дури и целосно укинување на некои работни места.
Токму во вакви неизвесни мигови, многу е важно креативноста да се насочи кон мерки што би го поддржале и спасиле стопанството, односно би спасиле повеќе работните места. Но и бизнисмените и компаниите треба да покажат креативност и да го преадаптираат своето работење, да го приспособат на новите услови, секако со намера да го задржат своето производство и да ги зачуваат работниците на работните места.
Секоја чест на работодавците што деновиве покажаа иновативност и кои ги пренаменија своите работни задачи во согласност со потребите. Некои од македонските текстилни компании се пренасочија кон изработка на заштитни маски, други посочија дека ќе се посветат кон производство на најпотребните средства, продукти што во овие денови се најбарани на пазарот, како средствата за дезинфекција… Дури и светски познати брендови најавија дека, наместо на парфеми, сега ќе се посветат на средства за дезинфекција.
Во вакви тешки ситуации важно е да се покаже солидарност, но и да се насочиме сите заедно кон соодветни мерки што ќе придонесат за задржување на сите работници на своите работни места.
Токму во таа насока вчера со нови планови и предлози за спас на економијата излезе министерката за финансии Нина Ангеловска, која најави задолжување кај светски комерцијални банки, но наедно посочи дека ќе се позајмува и од ММФ и од Светска банка. Парите, според најавите, треба да се искористат за поддршка на буџетот, но и за финансиска инјекција за стопанството.
Со свои предлози за спас на економијата излезе и првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, кој истакна дека ќе предложи сите функционери и раководители да земаат минимална плата, наедно и сите избрани и именувани функционери, пратеници, премиер, вицепремиер, министри, градоначалници, директори, судии и обвинители да земаат минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај. Истакна дека тоа ќе се однесува на сите во јавниот сектор, освен за медицински персонал, полицајците и војниците и оние што работат со нив за справување со коронавирусот. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, посочи дека и други пакет економски мерки ќе достават до Владата за понатамошно разгледување и усвојување, како запирање на Законот за извршување до крајот на јуни.
Колку новите задолжувања и мерки предложени од партиските лидери ќе ги дадат посакуваните ефекти, а тоа е спасување на работните места, но и на платите на работниците во приватниот сектор, останува да видиме. Штетите од ширењето на коронавирусот дополнително ќе се пребројуваат, мерки за поттикнување или за спас на економијата допрва ќе бидат потребни, но засега сѐ уште главниот приоритет останува заштитата на граѓаните.
Факт е дека сите одлуки, мерки и проекти, покрај зачувување на јавното здравје, треба да се и за зачувување и на економските активности, кои исто така се неопходни за нормално функционирање на државата. Најбитно е прво да се сузбие ширењето на овој невидлив непријател, како што сите деновиве го нарекуваат коронавирусот, а потоа со исти сили ќе мора да ја спасуваме и економијата. Засега останува препораката седи дома, за да имаме иднина во која ќе можеме сите заедно да шетаме и да се дружиме.