Иако политичарите настојуваат да звучат уверливо кога изјавуваат дека македонскиот јазик (и идентитет) не е загрозен, речиси континуирано во заднината на политичката реторика „нечујно и невидливо“ се прават обиди за релативизирање и маргинализирање на неговиот статус, улога и значење во македонското општество. Засега последната епизода за „нечујно и невидливо“ предефинирање на општествената неприкосновеност на македонскиот јазик е препознаена и разоткриена во обидот за преструктурирање на македонистичките студии на Филолошкиот факултет при УКИМ
Дури и кога не го зборуваме правилно, дури и во случај да сме импресионирани од (мило)звучноста на некој друг јазик, па дури и со чудесна леснотија да успееме да станеме полиглоти, првото и најсигурно прибежиште за мислите на Македонците е македонскиот јазик. Притоа, таквиот „избор“ не се случува ниту под влијание на модни трендови, придржување до политичка коректност, или како израз на патриотизам, туку македонскиот јазик едноставно се појавува како природна состојба, дури и за внатрешен монолог на родените говорители. Тоа најлесно е забележливо во ситуации на зголемена возбуда, па колку совршено да го владеете кој било туѓ јазик, зборовите „неконтролирано“ излетуваат на јазикот на кој најпрвин сте започнале да зборувате. Секако, ваквите „феномени“ не се својствени само за македонскиот јазик и неговите родени говорители, а често се причина и за „симпатични“ лапсуси со мешање на јазиците, кои во денешно време брзо стануваат вирални хитови и тема за потсмев на социјалните мрежи, особено ако им се случат на политичари.
До неодамна и во Македонија постоењето и изучувањето на македонскиот јазик беа утврдени како аксиоми, кои не се докажуваат и се нераскинливо поврзани со дефиницијата на македонскиот национален идентитет, државност и општество, но и природна состојба и логичен избор за општа и секојдневна комуникација. Сепак, под влијание на повеќе надворешни и внатрешни политички тенденции, улогата на македонскиот јазик во Македонија како да е ставена на преиспитување и предефинирање.
Тенденциозните оспорувања на посебноста и континуитетот на македонскиот јазик од соседите во минатото, „воскреснаа“ со договорите за добрососедство, особено со Бугарија, но своја улога има и билатералниот договор со Грција. Преиспитувањето на кохезивната општествена вредност на македонскиот јазик во Македонија, пак, на внатрешен план се случи со процедурално спорното усвојување на Законот за употреба на јазиците, но и со политичкото инсистирање за негова примена. Иако политичарите настојуваат да звучат уверливо кога изјавуваат дека македонскиот јазик (и идентитет) не е загрозен, речиси континуирано во заднината на политичката реторика „нечујно и невидливо“ се прават обиди за релативизирање и маргинализирање на неговиот статус, улога и значење во македонското општество. Засега последната епизода за „нечујно и невидливо“ предефинирање на општествената неприкосновеност на македонскиот јазик е препознаена и разоткриена во обидот за преструктурирање на македонистичките студии на Филолошкиот факултет при УКИМ. Токму катедрите по македонски јазик (и јужнословенски јазици) и по македонска (и јужнословенска) книжевност, кои имаат стожерна и стратегиска улога при формирањето и постоењето како на Филолошкиот факултет, така и на самиот Универзитет, беа ставени под ризик на загрозеност од нивно претопување и „невидливост“ во новопредложената програмска структура на факултетот. Таквото сведување на студиите по македонски јазик, како еден избор од лингвистичките студии на факултетот, кај дел од професорите, но и од МАНУ беше препознаено како своевидно укинување на националните катедри. Разоткривањето на ваквите програмски намери за преструктурирање и менување на статусот на македонистичките студии во еден миг ескалира до обвинувања за ширење лажни вести и тврдење на професорите од Катедрата по македонски јазик и деканката на факултетот дека не постоела никаква иницијатива, ниту се преземале дејства за промени во концептот на студии на Филолошкиот факултет што би воделе до укинување на националните катедри.
Спротивставеноста на тврдењата во јавноста, во одредена фаза на спорот, се претвори во своевидна детективска истрага за постоењето на документ со кој се потврдува постоењето на намери за укинување на македонистичките студии на начинот на кој досега постоеле и функционирале. Конечно, „истрагата“ доведе до сознанието дека измените на концептот на студии на Филолошкиот факултет навистина биле дел од програмата за избор на актуелната деканка, но и „изнудено“ ветување дека нема да има укинување на македонистичките катедри. Сепак, сомнежите разбудени во јавноста се активирани во очекување на нова епизода од „дворските игри“ насочени во колку што е можно потивко (навидум) образовно-административно предифинирање на македонскиот јазик, историја и, конечно, на македонскиот идентитет.
Последната ситуација со реплики на релацијата МАНУ – Катедра за македонски јазик – МАНУ, меѓу другото го изнесе на површина и апсурдот дека македонскиот јазик треба да се брани и од оние што треба да го заштитуваат и афирмираат. Континуираните политички атаки врз македонскиот јазик сосема извесно предизвикаа создавање фронт за негова заштита и зачувување, колку и да звучи патетично и апсурдно во свет и време кога правото на сопствен национален јазик се смета за демократска придобивка. Засега, една битка на домашен терен е добиена, но се чини фронтот и понатаму е отворен, и тоа пред портите на ЕУ!