Кога пред речиси 50 години првпат биле воведени задолжителните заштитни појаси во возилата за да се заштитат животите на луѓето, отпорот бил голем и значителен, но денес веќе никој не приговара за нешто што е веќе составен дел од секојдневието. Некако ми се наметнува паралелата на безбедносниот појас во автомобилите и вакцинирањето против ковид-19. Како? Не поради отпорот на поединци и групи, туку во крајна линија со одговорот на експертите и државите, кои и тогаш и денес, го даваат истото базично образложение – целта е заштита на поединците и на општеството!
Епидемиолозите предвидуваат дека екот на најновиот бран на пандемијата во Македонија допрва следува. За да се избегнат нови карантини и полициски час, нови „затворања“, кои негативно влијаат на и онака слабата македонска економијата, властите апелираат дека нам сега и веднаш ни е потребна уште една масовна имунизација на нашето население.
Надлежните во институциите, но и докторите преку медиумите и социјалните мрежи не прекинуваат да предупредуваат за сериозноста на здравствената состојба што доаѓа со студеното време. Тие велат дека студот ја намалува заштитата на човечкиот организам и заедно со новите варијанти на вирусот, кои полесно се шират, се зголемува ризикот стапката на заболени во Македонија да се издигне на проблематично ниво.
Имунизацијата оваа втора зима по ред откога живееме со пандемијата, сепак, се чини дека е потребна повеќе од кога било. Повиците за масовна вакцинација треба да се сфатат сериозно, бидејќи пресметките и предвидувањата на експертите велат дека ние многу потешко ќе се справиме со штетните ефекти од пандемијата од развиените земји. Тешкотиите во западните земји со решавањето на пандемијата веќе резултираа во светот со генерирање на глобална економска и енергетска криза, а на повидок е и криза со недостиг од храна, која допрва треба да ја погоди планетата.
Дневните бројки на новозаразени со коронавирус во Македонија од пред десетина дена повторно почнаа благо да растат, а се намалува и интересот за вакцинација. Во земјава има околу 800 илјади вакцинирани, што е околу 40 отсто од населението, а ако се обидеме да се споредуваме со другите, ќе видиме дека не котираме добро на Стариот Континент. Во најголемиот дел на земјите од Европа, вакцинирани се над 80 отсто од жителите, кои и покрај вака високите бројки, сепак, периодов имаат огромен притисок врз нивните болници.
Во Македонија, на изборите, пописот, на масовните собирања како што се свадби, забави итн., имаше и масовно непочитување на здравствените препораки, што доведе до масовно ширење на делта-сојот, кој ги наполни болниците. Бројките на заразени растат, а расте и бројот на починати, кој со денови е двоцифрен.
Во потрага од успешно решение за излез од здравствената криза, некои европски држави се одлучуваат и на драконски мерки, сѐ со цел само да се намали кривата на новозаразени и починати граѓани. Имено, викендов Австрија официјално стана првата земја во светот што воведе строги рестриктивни мерки кон сите нејзини граѓани што не се вакцинирани. Овој чекор официјална Виена го оправда како неопходен инструмент во борбата на земјата против коронавирусот во период кога болниците во Австрија се оптоварени и се на работ од нивните максимални капацитети, кои на дневна база во неповрат носат голем број човечки животи.
Кога пред речиси 50 години првпат биле воведени задолжителните заштитни појаси во возилата, за да се заштитат животите на луѓето, отпорот бил голем и значителен, но денес веќе никој не приговара за нешто што е веќе составен дел од секојдневието. Оттука, потребата од вакцинирање против ковид-19 е важна еднакво како што е важен задолжителниот појас во сообраќајот, државите денес можат да го дадат истото базично образложение – целта е заштита на поединците и на општеството.
Лицата што биле повредени во автомобилски несреќи затоа што не носеле појас признаваат и жалат што биле нерационални – но тоа дури откако несреќата се случила, а истото тоа се однесува и на луѓето што, за жал, загинале. Сега забележуваме една многу слична ситуација со вакцинирањето.
Токму затоа сега треба надлежните во нашата земјата по тертипот на кампањите за безбедност во сообраќајот дополнително да ги зголемат јавните напори за мотивирање на граѓаните масовно да се вакцинираат. Да избегнеме да ги користиме австриските рестриктивни методи, кои во одредена мера се и дискриминаторски. Само со масовна и доброволна вакцинација можеме да спасиме што е можно повеќе животи. Веројатно ова е и еден од условите за во периодот што следува, грижејќи се за здравјето на поединците, а со тоа и на граѓаните во целост, да може секој од нас со својот работен и деловен ангажман и работа да придонесе колку што може повеќе на ефективноста во работењето и одржување на стопанството и економијата. Бидејќи, повеќе од очигледно е дека економската и енергетска криза чукаат на портата на Македонија.