Како да се стигне на ракометното ниво и во другите спортови, а и ракометот да го задржи тој степен на успешност? Секако, развојот на клупските школи и академии е еден од најсигурните одговори, како што е случај со ракометот веќе повеќе од десет години. Во насока и на создавање база важен е и поволниот резултат за придобивките од пилот-проектот „тандем наставници“, одделенски и предметен наставник на часот по физичко и здравствено образование од прво до петто одделение, кој сега е во процедура за носење закон за примена во целиот образовен систем. Од ваквиот модел корист има пред сѐ по здравјето на децата, а потоа може да има за рекреативниот и за врвниот спорт
Претходниве неколку години делумно се смени сликата за македонските репрезентации, едни отидоа надолу, сега со тенденција на ново искачување, други достигнаа невидени височини, трети почнаа со одење по нагорнина, а една остана константна, одејќи по светските и по европските врвови.
Така, кошаркарите беа одлични до 2015 година, со серијата настапи на европските првенства (ЕП) почната пред десет години, а врвот достигнат во 2011 година, кога го освоија четвртото место на Европското првенство во Литванија. Сега таа репрезентација е на патот кон враќање на старите патеки и со една важна компонента – зад себе со една младинска генерација со меѓународен успех.
Одбојката, пак, стапна на местото што досега беше неосвоено и есенва ќе игра на своето прво европско првенство, што може да биде одличен пат да се почне една убава низа. Фудбалот, како никогаш досега, е на 180 минути до пласман на европско првенство, тоа во 2020 година, со многу членови од успешната младинска генерација од континенталниот шампионат во 2017 година, која има голем удел во достигнатото ново ниво.
Ракометот е, сепак, и понатаму спортот број еден, спортот што не само што има настапи во континуитет на големите светски и европски турнири, туку има и подмладок што постојано, повеќе од една деценија, се влева во сениорската репрезентација на начин што тоа не се одразува врз резултатите. Уживаме секој јануари во ракометните натпревари на Македонија на европските и на светските првенства, но само во тој спорт знаат како е и колку е тешко да се стигне до такво ниво со само навидум голема леснотија.
Македонија веќе една деценија нема никаков проблем да се најде на големо натпреварување во ракомет. Згора, младинските селекции редат успеси, како младинската што беше шеста на светот, а летово кадетската ќе се обиде да го достигне тој резултат.
А тој континуитет, од 2012 година да се игра на сите мундијали и на сите европски шампионати за сениори го имаат само уште пет ракометни репрезентации – светскиот и олимписки првак Данска, европскиот шампион Шпанија, до неодамна доминантната Франција, трофејната Хрватска и Исланд.
Како да се стигне на ракометното ниво и во другите спортови, а и ракометот да го задржи тој степен на успешност? Секако, развојот на клупските школи и академии е еден од најсигурните одговори, како што е случај со ракометот веќе повеќе од десет години. Во тој спорт има играчи на кои светот им симнува капа и млади што и европски стручњаци ги најавуваат како големи таленти. По резултатите што овие играчи ги постигнуваат со години, македонската спортска јавност се навикна на успеси и секогаш очекува повеќе.
А може да очекува повеќе само поради тоа што во базата, оној најчесто невидлив за јавноста дел од секој спорт, има континуитет во создавањето нови играчи и, што е најважно, на сите позиции, идни ѕвезди на европскиот ракомет. Таму се работи напорно и упорно, за националниот тим постојано да се дополнува, да не отстапува од поставениот курс кон големата сцена (в година можеби и кон најголемата, олимписката).
Згора, ракометот секогаш го искористува моментот од сопствениот успех за нова промоција и популаризација, за привлекување млади во очигледно успешниот спорт. Со постигнатиот успех, во ракометот се напредува и учејќи во силни натпревари со најдобрите, оти кога нема такви противници опаѓа и квалитетот.
Во тешки мечеви се доаѓа до многу повеќе искуство, самодоверба, секако и се достигнува своевиден „ноухау“ за тоа како се победува и како еден меч се насочува кон триумфот. Во спортот, се разбира и во многу други сегменти од животот, може да се напредува само ако се учи во континуитет. Токму тоа го прави ракометот. Токму тоа го прави ракометот успешен. А по ждрепката извлечена за Европското првенство в година, се создаде предуслов за исчекор и за трета среќа на патот кон добивање и на олимпискиот печат.
Во насока и на создавање база важен е поволниот резултат за придобивките од воведувањето на пилот-проектот „тандем наставници“, одделенски наставник и предметен наставник на часот по физичко и здравствено образование од прво до петто одделение. Проектот беше дел од програмата „Еразмус плус“, поддржан од Европската Унија, во минатата учебна година беше изведен во пет основи училишта во пет општини во Скопје (Центар, Карпош, Чаир, Ѓорче Петров и Кисела Вода), а сега е во процедура носење закон, по што можеби од претстојната учебна година програмата ќе биде применувана во целокупниот образовен систем во државата.
Со ваквиот модел на работа, кој на пример во Словенија се практикувал веќе 15 години, корист има пред сѐ по здравјето на децата, а потоа може да има за рекреативниот и за врвниот спорт. Колку што е важно да се вложува во спортистите, толку треба и во тие што знаат да препознаат талент, како и во стручњаците што ќе создадат меѓународно мерлив резултат. Барањето таленти подразбира и откривање потенцијален спортист дури и ако тој во еден момент не е на теренот на спортот за кој е талентиран. Со еден ваков систем, стручни лица ќе може да ги откриваат и да ги насочуваат децата кон спортот за кој покажуваат потенцијал.
Во базата се наоѓа потешкиот дел, да се остане конкурентен во континуитет, а само таму знаат колку е долг и макотрпен процесот да се создаде резултат, особено меѓународен. Затоа на големите спортски производители им треба уште поголема поддршка.