Прославите по повод Денот на независноста, во текот на овие 28 години, биле организирани со различен интензитет и концепт на драматика, но во оваа 2019 година, прва со ново уставно име на државата, одбележувањето на државниот празник ја содржеше мачнината од императивот како да се избегне споменувањето на името на државата
Веќе и искуствено ни е познато дека политиката, која понекогаш со еуфемизми се опишува како „умеш(т)ност на можното“, сѐ повеќе покажува амбиции да ги демантира логичките законитости, а понекогаш дури и природните закони. Во Македонија, засега добро ѝ оди (на политиката) со „преиспитувањето“ на воспоставената филозофска терминологија, особено околу значењето на зборот – апсурд. Во лексиконите, и книжни и дигитални, зборот „апсурд“ е дефиниран како „логичка невозможност, бесмисленост, бесмислица, неразумност, противречност, глупост“… Ако продолжиме да го детализираме значењето на апсурдот, можеме да го наречеме и неостварлива фантазија, непрагматична утопија, невозможна дистопија, нешто што нема логика да се случи… Но во Македонија, ете, се случи и тоа што немаше логика да се случи. Преспанскиот договор со Грција е политичка реалност, името на државата со северна географска одредница владините функционери со упорност го употребуваат, се испраќаат упатства за примена до државните службеници како да го применуваат новото име на државата во своите биографии, сменети се имињата на сите државни институции… Едноставно, нешто што не толку одамна се сметаше за логична невозможност, веќе е влезено во бирократска процедура, но практичната примена на придобивките од умеш(т)носта на можното и понатаму во јавноста предизвикува реакција слична како онаа на организмот кон туѓо тело – тенденција да биде отфрлено.
Празнувањето на 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, долго време во овие 28 години самостојност, беше доживуван само како неработен ден, за кој граѓаните на земјата (иако веројатно и самите гласале на референдумот во 1991 години) најчесто не му го знаеја точниот датум. И прославите по повод Денот на независноста, во текот на овие 28 години биле организирани со различен интензитет и концепт на драматика, но во оваа 2019 година, прва со ново уставно име на државата, одбележувањето на државниот празник ја содржеше мачнината од императивот како да се избегне споменувањето на името на државата. Таквиот императив на апсурдот како празнување на независност на неспомената (како безимена) држава, создаде чувство на дебакл од официјалната забава, која ја организираше Владата на локацијата Школка во скопскиот Градски парк. Дури и метафорите во говорот на премиерот Заев, т.е. споредбата на Македонија со затворена школка, а на Северна Македонија како отворена (школка) спрема светот, се покажаа како научно несмасни, зашто вистинската школка кога ќе се отворела (кон морето) – да ти умирала. Ниту поддршката на ЕУ за македонската независност со географска одредница во името, во вид на играње оро на евроамбасадорот Самуел Жбогар, не придонесе да се зголеми величественоста на празничниот спектакл. Широките народни маси што изразувале празнична радост кај Школка, според медиумските сведоштва, биле сведени на присутни по службена должност и случајни минувачи…
Кога апсурдот е општествена состојба, тој се наметнува како модел на функционирање во секој сегмент, па имало и ситуација (забележана на социјалните мрежи) во која опозиционерките ја изразувале својата приврзаност кон старите државни симболи, поклонувајќи се над шахтите од кои механички е отстрането сонцето од Кутлеш… Манифестацијата на поделеност на општеството, предизвикана од придржувањето на Владата до одредбите од Преспанскиот договор, сепак имаше инцидентна кулминација на 8 септември во Дебарца, каде што главен повод, па и причина за инцидентот било повторно знамето со 16 зраци, познато како сонцето од Вергина или од Кутлеш.
Социјалните мрежи, исто така, во последниве години се влијателен сегмент во процената на општественото расположение, а таму за Денот на независноста доминираа анализи и досетки за причините и последиците од избегнувањето на власта да го спомене името на државата со која владее. Се споделуваше новата верзија од песната „Заветна“ во изведба на Андријана Јаневска и Игор Дурловски, на која се чини во постпреспанска Македонија ѝ се сфаќа посилно моќта на пораката, што пред речиси триесетина години ја испеа Пепи Бафтировски. Покрај тоа, на социјалните мрежи се споделуваше твитот-честитка од министерот за надворешни работи на Малта, кој намерно или случајно, првично честиташе 28 години независност на Република Македонија. Но македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, ја ретвитуваше коригираната честитка, со додавката во името, 12 часа подоцна. И како заокружување на првата годишнина од независноста на Македонија со додавка во името, во празничниот пост фестум (а сѐ уште неработен ден), како тема на утринска контактна ТВ-емисија се поставува прашањето, дали македонските граѓани го прифатиле новото име на државата. Тоа што водителот на емисијата почесто ги прекинуваше излагањата на гледачите во однос на прашањето, поради често неконтролирани емоции, веројатно оди во прилог на констатацијата дека состојбата на апсурд може да продолжи да функционира како хронична дијагноза на животот во Македонија.