Наметнувањето на приватни фирми, при што е повеќе од јасно дека се цели кон оние подобрите, поуспешните (каде што има пари, нормално), да вработуваат луѓе само поради нивното презиме, а не и поради квалитетите, способностите, вештините и сето она што треба да ги краси, е уште еден чекор во насока што не води кон прогрес. Припадноста на етникумот по дефиниција не носи со себе пакет на знаење, на вештини за работа, на посветеност, на компетентност, на создавање конкурентни добра на пазарот. Постоењето на клуч за вреднување на способностите е сосема различен клуч од етничкиот клуч! Пазарната економија и прагмата го докажале тоа
Македонската јавност сѐ уште не беше освестена од ненадејната најава и реализација на замислите на т.н. прв вицепремиер за консензуалното договарање во рамките на новата влада на нашиот премиер Зоран Заев и „ветата“ за одлуките на Владата што тој и другите од владиниот блок на ДУИ ги држат скриени во ракав, а веќе пристигна на агендата нова меѓуцел, која е со работен наслов „рецепт за намалување на невработеноста“, и тоа „по етнички клуч“!? На прв поглед, работниот наслов звучи добро, бидејќи зголемување на вработеноста или, ако милувате, намалување на невработеноста е токму клучот за секое стопанство и зголемување на растот на националната економија. А не етничкиот клуч! Се прашувам дали е тоа лапсус лингве на вицепремиерот, меѓутоа, очигледно, влегувајќи во материјална расправа за да ја одбрани „докторската теза“ пред новинарите, стана јасно дека е смртно сериозен. Тој објасни дека во владината програма, која била усвоена во Собранието, пишувало дека Владата „ќе го повика и охрабри бизнис-секторот, домашните и странските компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранцијата, застапеноста и меѓусебната доверба и во нивните работни средини за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“.
Идејата, според Груби, била да ги охрабрат компаниите во приватниот сектор да вработуваат и припадници на другите заедници, додавајќи дека уште не е познато како ќе се реализира субвенционирањето.
И идејата не застанува тука, туку оди и понатаму – според него, тоа би било од полза и за странските компании да имаат вработени припадници на другите етнички заедници и од практична гледна основа, претежно за јазикот и за комуникација со граѓаните.
А, за да не се добие погрешен впечаток дека станува збор за некаков каприц на новопечениот прв вицепремиер, се погрижи и актуелниот прв парламентарец, Талат Џафери, кој коментирајќи ја изјавата на Груби дополни дека застапеноста на заедниците е уставна категорија.
Уште јавноста не беше соземена од изјавата на Груби (поддржана од спикерот Џафери), ете и Владата излезе со официјално соопштение, давајќи им дополнителна тежина (можеби не аргументација, но секако тежина – да) на зборовите на Груби.
„Во согласност со програмата за работа на Владата во делот за еднакво општество, Владата ќе го повика и охрабри и ќе соработува со бизнис-секторот, т.е. домашните и странските компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеноста и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“, дообјаснија од Илинденска 2.
Очекувано, секоја изјава на власта се дочекува на нож, од опозицијата, па и оваа. Но тоа е политичката страна на медалот. Навистина, изјавата предизвика бурна реакција кај опозицијата, но и кај дел од помалите коалициски партнери на власта. Социјалните мрежи зовреа, а малку кој од нив имаше зборови на поддршка или разбирање, туку во најголем дел стануваше збор за осуда и барање веднаш да се прекине со какви било активности во тој правец.
И ако во некои други области „позитивната дискриминација“ можеби и држи вода, во дадениов случај, со вработувањата во приватни фирми, тешко дека некој сериозен би нашол оправдување. Тоа за во јавната администрација се виде дека не држи вода, а камоли сега во приватниот сектор?! Се разбира, спин-мајсторите што стојат зад ваквиот предлог ќе најдат дупка во толкувањата и секогаш ќе го покријат соодветно, така што овој пат нема да влегуваме во материјална расправа колку е законски издржан предлогот. Но ангажирањето (не)работници во државната администрација само за да се задоволат некакви етнички клучеви се покажа на дело колку и какви ефекти дава.
Наметнувањето на приватни фирми, при што е повеќе од јасно дека се цели кон оние подобрите, поуспешните (каде што има пари, нормално) да вработуваат луѓе само поради нивното презиме, а не и поради квалитетите, способностите, вештините и сето она што треба да ги краси, е уште еден чекор во насока што не води кон прогрес. Припадноста на етникумот по дефиниција не носи со себе пакет на знаење, на вештини за работа, на посветеност, на компетентност, на создавање конкурентни добра на пазарот. Постоењето на клуч за вреднување на способностите е сосема различен клуч од етничкиот клуч! Пазарната економија и прагмата го докажале тоа.
Навистина, засега барањето е само на ниво на блага препорака, но кога тоа ќе добие малку построга и пообврзувачка форма, како што обично се спроведуваат овие работи кај нас, е тогаш ќе биде доцна да синтетизираме. Подобро анализата нека дојде сега и веднаш, а не да се потпираме на небулози, магливи, нејасни претпоставки и изјави и задоволување на етноцентрични апетити и калаузи за врати од опскурна иднина.