Што бара Бугарија од нас? Уф, најпосле министерката на надворешните работи на соседната ни држава Екатерина Захариева го изложи тоа јасно, гласно, разбирливо и недвосмислено: Бугарија од Република Северна Македонија бара со „пријателскиот договор“ да ѝ биде дадено сето онаа што ѝ беше дадено на Грција со Преспанскиот договор. Па толку ли бе, мајката, беше тешко да се каже тоа што го знаеме сите. Истото тоа се барало од Турција, Англија, Германија и од Франција и во 1878, 1913, 1919 и 1941 година. Тоа си се тие барања што во моментот кога, сега, по налог од интересите на погорните влади, без првата, премиерот на северната република седнал да преговара во свое име, а за нивна сметка, и станале легитимни, а доколку се завршат со потпишување договор, во согласност с веќе утврдените добри практики со договорите од Охрид и Преспа, ќе се претворат и во легални и обврзувачки. Така си е тоа во преговорите, нема што. Мене ми е јасно тоа. Ама не ми е јасна содржината на тие барања, која јас не можам да ја сфатам, па, ете, ќе се обидам низ принципот на споредбена анализа да ја разложам и споделам со вас, драги мои. Затоа, ајде да ги видиме основните барања, од кои потоа ќе се произведат сите други односи, права и обврски. Што бараше, а што доби Грција? Да се редефинира поимот македонска нација. Тоа е решено.
Ама до најситните детали и тука не останува можност за какво било мрдање лево-десно од тие формулации според кои тогаш Република Македонија, а сега Република Северна Македонија, се согласи да ги прифати и определи како законски норми од кои произлегуваат новата државна политика и административна практика дека македонска нација не постои. Во Преспанскиот договор е јасно определено дека никаде, на никаков начин, официјално (а неофицијално ќе се сугерира од страна на државата) нема да се употребува поимот Македонец/македонско туку само „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“, што упатува на тоа дека таа нација постои од моментот на создавањето на таа држава. За да се отстрани каква било можност во двосмисленоста на употребата и толкувањето на оваа долга придавка „Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“, еден месец по потпишувањето на Преспанскиот договор, министерот на надворешните работи на северната држава упати „дипломатска нота“ до соседното министерство за надворешни работи дека поимите Македонец и македонска нација во Република Северна Македонија официјално се дефинираат, разбираат, толкуваат, пренесуваат и утврдуваат како граѓанска определба, а не како етничка или национална. Значи, да резимираме, во Република Северна Македонија не живеат етнички „Македонци/граѓани на Република Северна Македонија“, туку граѓани што се самоопределуваат како Македонци, како збир на поединци во смисла на citizenship. И тоа е сѐ. Па, така, логично на ова, ако не постојат Македонци што природно се македонски Бугари, тогаш не постојат и Бугари што се дел од бугарската нација по етнос или по род. Официјално, во Република Северна Македонија живеат Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи и Бошњаци по етнос, по род, по нација, и Македонци не како етнос, како род или нација, туку како заедница на граѓани што официјално постојат од 11 јануари 2019 година, денот кога се донесени амандманите на Уставот на Република Македонија и е формирана новата држава Република Северна Македонија. Така е според Преспанскиот договор. А вие инсистирате на негова примена. Во ред, ете ви го, применете го.
Второто е промената на историјата и историските толкувања на настаните, луѓето и историското време на територијата на Македонија. И тука со Преспанскиот договор е сѐ расчистено педантно и прецизно. Поимите Македонија, македонски, Македонци, македонско не ѝ припаѓаат на историјата, сегашноста и иднината на Република Северна Македонија, туку на Грција. Во моментот кога барате од Владата на Република Северна Македонија да го применува Преспанскиот договор, како според истиот тој договор го дефинирате оној дел од Македонија познат како Пиринска Македонија што официјално ѝ припаѓа на државата Бугарија во историска смисла? Што е со Тракија, со Пловдив или Филипопол, кој е изграден од Филип Втори, таткото на Александар Македонски? Што е со сите црноморски градови што биле грчки речиси до 1923 година? Што е со Хераклеја Синтика, на пример, град покрај Петрич, денешна Бугарска Македонија, изграден од истиот оној Филип Втори? Умирам од желба да видам како ќе го регулирате тоа во договорите со Зоран Заев, Владо Бучковски и комисијата на Драги Јанев? Значи, да резимираме, доцните и на панаѓурот на историјата, каде што во моментот кога вие доаѓате да пазарите, тезгите се веќе полупразни и најубавите стоки се распродадени многу евтино. Македонија, драги мои, е шитната од праматарите на историјата речиси за бадијала. Останува можноста да си прекупите тука-таму по нешто, но знаете какво е праматарството, неисплатливо и несигурно. Може да платите скапо за некој фалсификат, па потоа да си ја чукате главата ем без пари ем без ствари, што би се рекло.
И последното и трето барање е јазикот што го зборуваат граѓаните на Република Северна Македонија, а се формулира како македонски јазик, исто така не постои, затоа што според Преспанскиот договор тоа е законски дефинирано како „македонски јазик што припаѓа на групата словенски јазици“. Тој јазик официјално е утврден како постоен на конференција на ОН во Атина во 1970-тите години и тоа по дефиниција е прифатено од официјалната државна политика на северната република, а јавно декларирана од нејзиниот премиер, министри и други високи владини и универзитетски северни авторитети. Така што не знам што сте се запнале да барате тој јазик да се дефинира како постоен од 1944 година, кога Република Северна Македонија веќе се согласила со фактот за официјалното постоење на тој јазик триесет години подоцна. Извинете, ама сега, според ова, Бугарија наместо да инсистира на рецесија, одземање на времето на историско постоење на таа „коминтерновска творба“ и нејзиниот измислен јазик, сега со тоа ваше барање Република Северна Македонија добива нови триесет години историја. Да ми простите, ама мене и ова ми е парадоксално, да не речам чудно.
Проверете си таму низ комисиите да не имате некој уфрлен скопски агент, мајката?! Драги мои, мили соседи, сѐ што барате од Република Северна Македонија не постои. Го нема. И ми се чини дека полека ама сигурно се приближувате до моментот кога ќе мора да се соочите со фактот дека и овој пат во мир, на преговарачка маса, го губите тоа што сте го освоиле во две војни. Жалам, ќе мора да си ја чекате шансата по некои нови балкански ровови и некои нови македонски фронтови. Гледам, во мир, некако не ви оди со Македонија. И навистина, јас да сум на ваше место, како последен обид за практична примена на новите европски вредности и НАТО-придобивки, би си седнал сета таа работичка да си ја расчистам со Грција, Србија и со Албанија. Најпосле, сосема е јасно дека со последниве од низата и сте имале некои резултатчиња, додуша за кратко од 1915 до 1918 и уште еднаш од 1941 до 1944 година. Во таа смисла, актуелниот бугарски министер на војната Красимир Каракачанов го посочи како легитимно барањето за враќање на бугарскиот карактер на источниот дел од Вардарска Македонија утврден низ Призренската лига, а подоцна развиен како албанско-бугарско пријателство и разбирање, со крајна цел победа над Србија и Србите и поделба на Македонија помеѓу Албанија и Бугарија. И секако, нека разбере тој народ таму во северната привремена држава дека во духот на тие албано-бугарски братства и единства, на „словенскиот живаљ“ му преостанува само да избере помеѓу тоа дали ќе се определи како албански и да продолжи да живее во границите на идната голема Албанија или како бугарски во една, да речеме, нова и обединета Бугарија. Жалам, ама ништо не разбравте од сопствената историја, затоа дозволувате да ви се повторува. Штета.
И најневеројатно за неупатените, ама за мене очекувано и разбирливо, е како целиот овој јавен говор премолчено се прифаќа од страна на ЕУ и Америка, кои, како што разбравме од драгата Екатерина Захариева, не им можеле ништо, затоа што Бугарија е суверена држава со суверени права, со што целосно се согласувам. Но за тоа во следната колумна. Ќе се обидам да објаснам како Бугарија во минатото двапати ги утврди Македонците како Македонци со помош на Србија и Србите. Ич да не се секирате, и овој пат ќе биде истото тоа. И како што стојат работите, овој пат и засекогаш Бугарија ќе ги оддели Македонија и Македонците од себеси и ќе ги прекине сите врски за што било заедничко во минатото, сите можности за каква било соработка во сегашноста и ќе ги уништи сите идеи за што било општо во иднината. Мостовите ги минираа Радев, Борисов, Каракачанов, Захариева, Ковачев и други од онаа страна на Струма и Пендаровски, Заев, Димитров, Шеќеринска, Османи и други од оваа страна на Стримон. Сега само останува, како на филм, за да биде комедијата одиграна докрај, некој случајно да стапне на оној механизам што со едно притискање ќе ги крене во воздух, на милион парчиња, сите оние нешта што ги поврзуваат Македонците и Бугарите. Бескрајно жалам за тоа. И во тоа име, повикувам да ги деминирате сите патишта што водат еден кон друг. Како? Одете сите во она место што од пристојност се нарекува во мајчината и оставете нѐ да си ги живееме животите како и досега, во мир и заедништво, без уцени и присила.
Авторот е режисер и универзитетски професор