Тактизирањето со мерките во насока да им се удоволи на одредени субјекти во државата, како и некоординираноста и желбата за политички истакнувања, во ниеден случај не требаше да надвладее во моментите кога земјава и светот се соочуваат со една од најголемите здравствени кризи
Чувството на страв и неизвесност повторно надвисна над граѓаните. Последните денови бројот на новозаболени со коронавирусот драстично се зголеми, при што на дневна основа се бројат над стотина новозаразени граѓани. Загриженост и револт се создадоа кај граѓаните, кои очекуваа и се надеваа дека овие денови болеста ќе биде значително сузбиена и дека постепено животот ќе се врати во нормалните текови. Но наместо тоа, сведоци сме на нов врв на болеста.
Само во период од една недела, во Македонија бројот на новозаразени се зголеми тројно. Ваквиот нагол пораст на заболените, заедно со податокот дека во едно деноноќие беа утврдени дури 180 новозаболени, како и фактот дека вакви бројки немавме ниту во април, кога епидемиолозите и институциите тврдеа дека ќе се случи најголемиот врв на ширењето на болеста меѓу граѓаните, упатува на недоследности во примената на мерките со кои истиот тој требаше да се сузбие.
Првиот впечаток е како епидемијата да ни е „испуштена од раце“. Дополнително голем број од граѓаните се револтирани, бидејќи сметаат дека надлежните тактизираа поради верски и политички причини, кои резултираа со нов уште поголем раст на заболени со ковид-19. Присутно е и чувството на нееднаквост на граѓаните, а уште повеќе се зголеми нетрпеливоста меѓу народот, и тоа поради местото на живеење, верската припадност, но и политичката поделеност. Се има впечаток како мерките да се приспособуваат кон одредена категорија граѓани или кон одредена верска заедница наместо истите тие да бидат во интерес на сите и пред сѐ и најважно од сѐ мерките да се во интерес на заштита на јавното здравје. Пандемијата се претвори во полигон за пазарење, кој знае и умее како да изврши притисок врз креаторите на политиките и на тој начин да добие попусливост во мерките.
Доколку со мерките се постапеше многу поенергично, поефикасно и непопустливо уште на самиот почеток од ширењето на пандемијата, вирусот досега веројатно ќе беше целосно сузбиен. Вака само му се даде втора шанса и време за нов бран и уште помасовно ширење на заразата.
Дури и последниот 80-часовен карантин, многумина го оценија како потценувачки за дел од граѓаните и неефикасен. Некои од граѓаните што живеат во општините каде што беше прогласен целосен карантин ја почитуваат одлуката на Владата, иако се значително вознемирени, бидејќи во други делови од земјата граѓаните слободно можат да шетаат во текот на денот. Но ваквата одлука за карантин од три дена во дел од општините дополнително може да ги влоши состојбите низ целата земја, бидејќи напливот на граѓани во некои од нашите туристички дестинации е огромен, и тоа од граѓани што не сакаа да седат затворени во своите домови цели три дена, поточно од општини каде што расте бројот на новозаразени лица.
Затоа сега, а постои опасност и во иднина сите да ја плаќаме казната поради „жонглирањето“ со мерките, воведување полициски час, па негово олабавување, воведување целосно затворени викенди, па целосно ослободување на движењето… Постапките и мерките за сузбивање на вирусот ни се враќаат како бумеранг, со таа разлика што „бумерангот“ сега е поголем отколку претходно.
Нелагодното чувство, чувството на немир и страв меѓу граѓаните дополнително се влошува секој ден. Нетрпеливо чекаме нови информации за раст на заболените, а секоја нова бројка дополнително ја поткопува довербата во надлежните институции. Во текот на изминатата недела бројките растеа секој ден, 62, 89, 76, 101, 120, 180…
Ваквиот вртоглав раст на бројот на заболени упатува на редица пропусти за сузбивање на вирусот, но и на мерките што не се преземени, особено што ширењето на болеста ни се случувало во период на рестриктивни мерки, кои не важат или не се почитуваат од сите. Врвот на болеста, според најавите на експертите и според институциите, требаше да биде на крајот на април, по што заразата требаше да има опаѓачка линија. Но, наместо тоа, следуваа врвови во низа во јуни, со стотици заболени дневно, што е крајно загрижувачки.
Во Македонија, по стагнацијата и намалувањето на бројот на заразени граѓани, за краток период се појави нов бран на новозаболени граѓани што успеале болеста да ја фатат и во периодот на полициски час, во период кога во игра беа повеќе рестриктивни мерки, и токму сега броиме на дневна основа значително поголем број новозаболени отколку претходно.
Врвот на болеста, според најавите на експертите и според институциите, требаше да биде на крајот на април, по што заразата требаше да има опаѓачка линија. Но, наместо тоа, следуваат врвови во низа во јуни, со стотици заболени дневно, што е крајно загрижувачки
Тактизирањето со мерките во насока да им се удоволи на одредени субјекти во државата, како и некоординираноста и желбата за политички истакнувања во ниеден случај не требаше да надвладее во моментите кога земјава и светот се соочуваат со една од најголемите здравствени кризи.
Им се попушта на верски заедници, им се попушта на политички партии, кои се натпреваруваат со датуми за нови избори, им се попушта и на граѓани што не ги почитуваат мерките… а единствен фокус требаше да бидат здравјето на граѓаните и сузбивањето на вирусот.
Сега, кога тој се шири многу позабрзано од претходно, новите карантински мерки, но и претпазливоста на граѓаните само дополнително негативно ќе влијаат и врз економската состојба, која и онака дише на „жабри“. Наместо главниот фокус овие денови да се ставеше на рестартот на економијата, како и на можностите и мерките за побрзо заживување на сите сектори што беа или сѐ уште се стопирани од рестриктивните мерки, но и на отворањето на границите, ние повторно сме на „почеток“, ама на „почеток “ на борбата со нов вирус, за кој сѐ уште има многу непознаници.
Токму ваквата состојба не само што може да нѐ чини уште повеќе човечки животи туку истовремено негативно ќе се одрази и врз економијата која стравува од нови рестриктивни мерки и нови назадувања, а резултатите од сето ова, порано или подоцна, ќе ги почувствуваат сите граѓани, без разлика на верската или, пак, политичката припадност.