За политиката се вели дека е умешност на можното. Тоа значи да се предвидат и изменаџираат сите можни ситуации во интерес на граѓаните и на државата.
На надлежните институции и органи во следните денови останува да најдат најдобра можна солуција што ќе гарантира безбедни избори од здравствен аспект, а со тоа и максимален одзив на гласачите
Еден датум, три празници, мноштво очекувања. В недела се одбележува Св Кирил и Методиј, Денот на сесловенските просветители, кои во наследство ни ги оставија азбуката, писменоста и духовноста. Истиот ден верниците од муслиманска вероисповед го празнуваат првиот ден на Рамазан-бајрам, а 24 мај се споменува и како ден на просветните работници во Македонија. Значи, во еден ден имаме три поводи за празнување, кои заслужуваат достоинствено одбележување.
Денот на сесловенските просветители вообичаено се празнува на повеќе локации низ државата, но најмасовно во Скопје и Охрид, но и во Рим и Ватикан. Рамазан-бајрам го слават муслиманите од целиот свет и во нашата држава. Така било со години.
Но не и годинава.
Протоколите, процедурите, оваа година се значително видоизменети, со редица заштитни и превентивни мерки што граѓаните треба да ги преземат за заштита од ширење на коронавирусот. И тука не може и не смее да има исклучок. Без разлика кој каков празник празнува или каква вероисповед практикува.
За вирусот сите сме исти и последиците од него кон сите се исти. Во исчекување сме и на одлуката на надлежните органи за превентивните мерки и ограничувањето на движењето за време на празникот. Деновиве имаше и некои обиди да се прави споредба со траењето на полицискиот час на најголемиот христијански празник Велигден и сега за време на Рамазан-бајрам, иако една таква полемика е непродуктивна и може да нѐ однесе во сосема погрешна насока. На крајот на краиштата, процената за времетраењето на полицискиот час, во празник или делник, ја носат надлежни органи, кои не би требало да калкулираат со ничии политички или верски желби и интереси. Одговорноста за тоа е исклучиво нивна и на никој друг.
Најважен и единствен критериум во услови на пандемија треба да биде здравјето на граѓаните, како највисок јавен интерес.
Дали е баш така и колку се успешни во таа своја процена е сосема друго прашање, на кое најточен одговор ќе даде времето. Во меѓувреме, вниманието на македонската јавност последниве денови и недели се пренасочува во друг правец. Кон неговото височество – датумот. Политичките кујни одамна работат под полна пареа. Политиката е веројатно најактивниот дел од општеството за време на пандемијата, кога сѐ друго е замрено. И додека секаде во светот датумите служат за одбележување на времето и настаните, кај нас на датумите им се придава некаква спасоносна епска димензија. Во стилот да се биде или не.
Сега таква е реториката и во однос на можниот датум за изборите. Некој имагинарен датум од иднината ни го диктира начинот на живот, ни ја преуредува државата. Со години се мачиме да добиеме датум од ЕУ, но не ни успева.
Во трката по датум го сменивме името, ни ја преиначуваат историјата, сега во залог се ставија и здравјето и животот. Датумот е предмет на сопнување и дома. Лицитацијата со датумите и здравјето е отворена, при што клучната дилема е кој е најповолниот датум за избори.
Притоа, пандемијата на ковид-19 воопшто не ја олеснува одлуката, туку дополнително ја комплицира. Како вирусот да е „во коалиција“ со некој од политичките субјекти и одработува и во нивна полза.
Но ајде од сферата на прогнози и претпоставки да се вратиме на теренот на реалните показатели и бројки. Изминативе денови се забележува зголемување на бројот на новозаразени лица. Бројките се дури и поголеми од времето кога беше прогласена вонредната состојба во државата. Во некои денови има и двоцифрено зголемување на бројот на заразени за разлика од претходниот ден. Што говори тоа? Дека епидемијата на коронавирусот воопшто не е ставена под контрола и дека опасноста по животот и здравјето на граѓаните и понатаму е голема. Можно ли е во вакви околности да се лицитира со датум за избори? И притоа да се погоди кој би бил идеалниот термин. Колку сегашните процени и претпоставки може да бидат веродостојни во јуни, јули, септември или кога и да е денот на изборите? Се разбира, кога тогаш избори мора да се одржат, но клучното прашање е колкав ризик сме подготвени да преземеме и евентуално колкава цена да платиме за тоа. Цена што може да биде изразена и во човечки животи.
И бидејќи деновиве се изнаслушавме мноштво претпоставки што се базираат на различните желби и интереси на политичките субјекти околу идниот датум на изборите, да разгледаме неколку хипотетички ситуации. Иако во услови на глобална пандемија и вонредна состојба границата меѓу хипотетичка претпоставка и реална закана е многу тенка и лесно минлива. Ковид-19 најдобро го докажа тоа. Само до пред неколку месеци се сметаше за хипотетичка замисла дека вирусот може да се пренесува од човек на човек и дека од Кина може да се префрли на друго место. Но се покажа дека не било така. Вирусот за кратко го покори целиот свет и однесе милиони жртви. Затоа ништо не треба однапред да се отфрли и занемари и во однос на македонските состојби и жешката полемика за денот на изборите.
Што ако во екот на кампањата и непосредно пред одржувањето на изборите продолжи сегашниот тренд на раст на новозаразени лица? Дали надлежните државни органи во вакви услови ќе предложат ограничување на движењето, како и досега, што е сосема логично, или ќе замижат пред бројките и ќе дозволат изборите да продолжат? Во првиот случај, при закажани избори и нагло зголемен број на заразени, каква било мерка за ограничување на движењето би значела опструкција и диверзија врз изборниот процес и такво нешто е тешко замисливо.
Опцијата за продолжување на изборните дејства, и покрај порастот на новозаразени, од здравствен аспект е неетичка и непрофесионална, а од политички аспект може да има големо влијание на одзивот на гласачите, а со тоа и на легитимитетот на изборниот процес. И ова е крајно дискутабилна и ризична варијанта.
Постои можност по престанувањето на вонредната состојба и со почетокот на изборната кампања, лекарот Филипче да му ја препушти целосно работата на политичарот и министер Филипче.
Ваквото сценарио носи неколку можни подваријанти. Додека трае изборната кампања да нема какви било информации за ковид-19, тестирањата драстично да се намалат, што ќе покаже и намален број на новозаразени, или да се продолжи и засили сегашното темпо на информирање и тестирање и да се прифати ризикот од можните последици врз изборниот процес итн.
Која било од претходно споменатите варијанти не е без ризик, било по изборниот процес и политичките состојби во државата, било по здравјето на граѓаните. И тука е најголемата нерешлива загатка.
Предизвикот или-или, односно да се направи избор на помалку лошата варијанта. Некои тоа го нарекуваат калкулиран ризик. Сепак, работите може да се гледаат и од друг агол. За политиката се вели дека е умешност на можното. Тоа значи да се предвидат и изменаџираат сите можни ситуации во интерес на граѓаните и на државата. Во таа насока, прашање на знаење и умешност е како да се отстранат или минимизираат можните ризици од сите аспекти. И изборот да се сведе на подобро од подоброто.
Науката нуди решение, кое е универзално и општо прифатено во целиот свет. Тоа решение е дека крај на епидемијата може да се прогласи, а со тоа да престанат и сите ризици, доколку 28 дена по ред нема регистрирано новозаразени случаи. Тоа е идеалната и најдобра варијанта и за изборите и за безбедноста на граѓаните, а со тоа овозможување и на најголем одзив.
Според оваа формула, ако во следните два-три дена бројот на заразени се сведе на нула и таа бројка се одржува 28 дена по ред, изборите може да се одржат во првиот предложен термин, на 21 јуни. Ако не, тогаш математиките се други. И од политички и од здравствен аспект.
Понатаму, клучното прашање на кое треба да се даде одговор е дали при носењето на одлуката за денот на изборите ќе се држиме до здравствените формули и параметри или до политичките калкулации и интереси. Кого било
да прашате – избори или здравје, јасен е одговорот што ќе го добиете. Затоа на надлежните институции и органи во следните денови останува да најдат најдобра можна солуција што ќе гарантира безбедни избори од здравствен аспект и максимален одзив на гласачите.
Дали тоа ќе значи засилување на мерките во следните денови и недели за спречување на ширењето на заразата, одложување на денот на изборите до целосното сузбивање на епидемијата, организирање брзи избори и во услови на ризик, но со максимална заштита (ако треба визири и ракавици да добие секој гласач), разработка на сценарија за електронско гласање – тоа е веќе прашање на најдобра процена.
Прашање на уметност, поточно умешност на водење политика.
Ако воопшто нашите политичари можат да се вбројат во категоријата политички уметници.
Во секој случај, исправени сме пред тешка и одговорна одлука, која мора да се темели на стручна, сериозна, издржана анализа, а не на нечии желби и претпоставки. Единствената вин-вин ситуација е да се одржат легитимни, безбедни, масовни избори и да се зачува здравјето на граѓаните. Секоја друга варијанта е ризична и непожелна.