Оттука можеби не се испорачуваат најдоследно спроведените реформи, но во секој момент можат да се експедираат илјадници мигранти од Блискиот Исток и од Северна Африка, па дури и од овие простори зашто доколку и понатаму се инсистира на одложувањето на членството на балканските држави, тие ќе станат сериозен извозник на евтина работна сила, но и на сиромаштија, криминал, загадување, па дури и на нестабилност. Последново, иако можеби звучи како надмината опција, сепак не треба да се исклучи како едно од средствата по кои локалните политичари би можеле да посегнат доколку бидат дефинитивно оневозможени на граѓаните да им нудат барем и не сосема јасна европска перспектива
Во прв момент парализиран од експлозивноста на реакциите со кои низ Европа и низ светот беше проследен неговиот обид за блокирање на процесот на проширување на Европската Унија, при што како првите жртви „паднаа“ Македонија и Албанија, кои помалку или повеќе (не)заслужено, останаа без датум за почеток на пристапните преговори, францускиот претседател Емануел Макрон се обиде, овој невешт и избрзан чекор, да го оправда со конструктивноста завиткана во документ, кој, всушност, не е документ. Ставен во поширокиот политички контекст, би можел да се нарече и хартија за една употреба, иако во официјалната комуникација го нарекуваат нон пејпер. А тој самиот е, замислете, неофицијален.
Откако некаде од крајот на минатиот век, откога влезе во употреба во политичкиот вокабулар, изразот нон пејпер се користи со завидна доза сериозност и секогаш во контекст на некоја навистина сериозна ситуација, лингвистите ќе се согласат дека тоа би било нешто што, впрочем, не постои. Но и тоа веројатно е уште еден од парадоксите на модерната политика. Да се разговара и преговара за нешто што, едноставно, не постои. За оние што сѐ уште бараат логика во нештата, навистина тешко за разбирање. За политичарите неодоливо лесно за маневрирање.
На прв поглед, она што Макрон го предлага како дел од длабинските реформи во Унијата, во политичка смисла, се сведува, ако не на запирање, тогаш барем на максимално забавување на процесот на проширувањето. Во техничка смисла, на просто препакување на важечките критериуми за конечното придружување, поточно на Копенхашките критериуми, кои никој досега не ги оспоруваше и во чие дефинирање и исполнување се вложени огромно време, енергија и пари. Врз основа на нив, повеќе или помалку доследно и успешно, се спроведувани реформи, се градени механизми и институции за нивното спроведување и се едуцирани кадри во земјите-кандидати и аспиранти за членство во Унијата.
Откако некаде од крајот на минатиот век, откога влезе во употреба во политичкиот вокабулар, изразот нон пејпер се користи со завидна доза сериозност и секогаш во контекст на некоја навистина сериозна ситуација, лингвистите ќе се согласат дека тоа би било нешто што, впрочем, не постои. Но и тоа веројатно е уште еден од парадоксите на модерната политика. Да се разговара и преговара за нешто што, едноставно, не постои. За оние што сѐ уште бараат логика во нештата, навистина тешко за разбирање. За политичарите неодоливо лесно за маневрирање
И што сега се крие зад овој напад на инспирација кај Макрон? Некои тоа веќе го објаснија со амбицијата на Франција да го заземе второто место по, сега веќе сосема неизвесното излегување на Велика Британија од Унијата, и со самото тоа да ѝ парира на Германија што неизоставно се поврзува и со оптовареноста на младиот Макрон со старите комплекси на Франција. Како прагматични мотиви на Макрон, пак, се споменуваат обиди за пазарења околу начинот на буџетирањето на Унијата и позиционирањата на Франција во нејзините внатрешни структури. Не е за отфрлување ниту објаснувањето дека сето тоа е внатрешнополитичка употреба пред претстојните избори во Франција, каде што повеќето гласачи се против проширувањето. А можеби, што исто така не треба да се занемари како објаснување, итриот Французин само го користи вакуумот во функционирањето на бриселската администрација, до конечното конституирање на новиот состав на Европската комисија, за јасно да им даде до знаење на земјите-кандидатки оти и втората страна може да не ги исполнува обврските и да си го погази зборот, како што тие често го прават со (не)исполнувањето на задачите добиени од Унијата.
Што на крајот ќе произлезе од ваквиот заплет, е прашањето на кое одговорот би можел да се добие веќе напролет, по изборите во Франција, кога Макрон веќе нема да биде под толку голем притисок на очекувањата на гласачите и до кога поискусните колеги веројатно ќе му објаснат дека нештата често не се одвиваат онака како што се напишани на хартија, особено кога тоа и не е хартија, туку нивното реализирање зависи од многу предвидливи и непредвидливи фактори. А Балканот, на кој се натиснати повеќето земји-кандидатки и аспирантки за членство во Унијата, е навистина непредвидлив регион. Оттука можеби не се испорачуваат најдоследно спроведените реформи, но во секој момент можат да се експедираат илјадници мигранти од Блискиот Исток и од Северна Африка, па дури и од овие простори зашто доколку и понатаму се инсистира на одложувањето на членството на балканските држави во Унијата, тие ќе станат сериозен извозник на евтина работна сила, но и на сиромаштија, криминал, загадување, па дури и на нестабилност. Последново, иако можеби звучи како надмината опција, сепак не треба да се исклучи како едно од средствата по кои локалните политичари би можеле да посегнат доколку бидат дефинитивно оневозможени на граѓаните да им нудат барем и не сосема јасна европска перспектива.