Со последните случувања поврзани со македонскиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев, уште еднаш се покажа дека ние Македонците сакаме да ја третираме „Евровизија“ како уште една „најважна споредна работа“ на светот. Очигледно е дека и по 22 години од нашето прво учество на овој европски фестивал, кога во Бирмингем Владо Јаневски ја отпеа „Не зори зоро“ на македонски јазик, сѐ уште не нѐ огреало европското сонце на обединета Европа. Од овој настап, па сѐ досега, како по правило нашите евровизиски претставници ги следат скандали. Но оваа пандемиска година, како уште повеќе да се разгореа реакциите, а се намали прагот на толеранција.
Откако Гарванлиев пред десетина дена на вестите на МРТ првпат го прикажа спотот за „Here I stand“, песна со која можеби ќе нѐ претставува на „Евровизија 2021“ во Ротердам, Холандија, во мај, само по неколку часа на социјалните мрежи почнаа обвинувањата дека во една секвенца се гледа бугарско знаме и за миг музиката отстапи пред политиката.
Всушност се работеше за уметничко дело, триптих на уметницата Жанета Вангели, закачено на ѕидот на „Даутпашиниот амам“, каде што е снимен спотот, кое е во боите на бугарското знаме. Васил како режисер на спотот реагираше и ги отстрани спорните кадри, за да нема натамошни компликации од страна на дел од јавноста. Но притисокот на јавноста не се намали, напротив. Следуваа снимки на негово интервју за бугарски медиум дадено пред една година, во кое тој на новинарот му откри дека освен македонски, има и бугарски пасош.
Тој дури и образложи зошто го направил тоа, а имено во основа од егзистенцијални причини, за да може тој заедно со неговото семејство да се пресели во Канада. Токму поради променетата средина во која тој уметнички се развивал, Васил се искалил во врвен уметник, кој настапувал на многу светски сцени. Тоа е факт што сега очигледно никому не му е важен.
Во споменатото мини-интервју Васил, кој е роден во Струмица, открива и дека има роднини во Бугарија, додавајќи дека „постои една земја што е поделена на две страни, а тој е роден на другата страна“.
Е ова беше капката што ја прелеа чашата, бидејќи во чистата уметност, музика, култура, како сакате, се внесе агенс на политикантство, калкулантство, манипулантство, и тоа од страна на сите засегнати страни. Прашањата е кој, зошто и со каков мотив, со умисла или од небрежност го направи ова, и тоа во еден многу сензитивен момент, кога поради актуелните случувања Бугарија ни ги оспорува засебниот идентитет, јазикот и историјата и нѐ блокира за влез во Европската Унија?!
Меѓу првите реакции можеше да се слушне: „Васил на ’Евровизија‘ ќе ја преставува Бугарија, а не Македонија“ и веќе стана јасно дека „ѓаволот ја однел шегата“.
Во негова одбрана, а богами и напад се јавија и актуелни политичари и познати јавни личности. Работата дојде дотаму што беа поведени и онлајн петиции – една за собирање потписи Васил да не нѐ претставува годинава на „Евровизија“, а истовремено, се поведи и петиција за негова поддршка. Перницата се скина и пердувите се разлетаа на сите страни. Сега веќе не е можно тие да се соберат. Политичкиот, поточно политикантскиот бодеж ја пресече перницата на која младиот уметник ги сонуваше своите сништа на уметник на врвот на Европа… Да, уметник. Тој воопшто не е политичар или манипулант.
Тоа сме сите ние, или јавноста во која отровниот агенс на загадувањето ги зафаќа сѐ повеќе сите сфери од нашето секојдневие. Еве, сега, тоа се прави и во уметноста и музиката…
Значи, оставете го Васил да се чувствува онака како што сака. Зошто да се напаѓа бидејќи има бугарска патна исправа, покрај македонската? Па тоа е законски дозволиво. Па дури и да имаше само бугарски пасош, ни тогаш неговиот настап не треба да се спори! Зашто тоа е неоспорно. Како што се неоспорни неговите интерпретаторски квалитети. А на „Евровизија“, да потсетиме, безброј пати пејачи од една држава ги бранеле боите на друга земја-учесничка без никаков проблем, па така и Тијана Дапчевиќ еднаш беше македонски евровизиски претставник, а подоцна учествуваше и на српскиот фестивал чиј победник беше претставник на „Евросонг“.
Но без разлика чиј државјанин е и како се чувствува, Гарванлиев откога е избран за претставник на Македонија за песна на „Евровизија“, во сите јавни настапи кога е тој во тоа својство, тој всушност ја претставува Македонија. Имено, Гарванлиев има договор со јавна институција што користи пари од македонските даночни обврзници. Затоа, на тој млад човек треба да му се објасни во кое својство настапува и кого претставува во неговите идни јавни настапи во функција на „Песна на Евровизија“. Млад е и неискусен на тоа поле, но сигурно интелигентен за да не допушти некои поединци и центри на моќ политикантски да го загадат и изманипулираат.
По сѐ што се случи, Македонската телевизија, како носител на лиценцата за учество на „Евровизија“, оформи специјална комисија, која ќе одлучи дали, сепак, Гарванлиев ќе замине во Ротердам во мај како наш претставник. Бидејќи транспарентноста не им е посилна страна, не е познато кој членува во комисијата.
Но зарем токму евровизискиот тим на Македонската телевизија, чии членови, патем, не се сменети цели 10 и повеќе години, не е токму тој што требаше да се погрижи да не дојде до скандал од вакви размери. Не само што веднаш не реагираа со соопштение официјално до јавноста туку оставија да се валка името на нивниот избраник, но и на МРТ. Ако изреагираа како што треба, да побараа политиката и политикантството да останат настрана од музиката, до ова веројатно немаше ниту да дојде. Но тие избраа да молчат.
Сепак, ова не е ништо ново. Опашки да се влечат по нашите евровизиски претставници. Слободно можеме да кажеме дека ова е само реприза, бидејќи слично беше и со настапите на: „ХХЛ“, Ѓоко Танески, Мартин Вучиќ, Есма Реџепова и Лозано, Даниел Кајмакоски и многу други.
Најдискутабилно е тоа што ова евровизиско фијаско ќе нѐ чини 300.000 евра, што и да одлучат сега претставниците на националната ТВ-куќа. А за оваа сума, можеа да се направат многу похумани дела, кои ќе помогнеа, а не вака да одмагаат.
Не може учество на настан од ваков ранг, кој е можност за европска и за светска промоција на државата, да не ги опфати сите можни сакани и несакани последици, што е повеќе од евидентно во моментот за нашата земја на овој избор, бидејќи сѐ се следи од страна на ЕБУ и на евровизиските обожаватели во целиот свет.
Оваа случка несомнено ќе фрли црна дамка на овој избор и на целисходноста и оправданоста на нашето учество. Уште долго повеќето од нас ќе имаат горчлив вкус во устата од разочараност и чувство на предавство и евтина исполитизираност на сите учесници на оваа евровизиска приказна.
Васил Гарванлиев, по сѐ што му се случи, можеби овој пат засекогаш ќе ѝ каже збогум на Македонија, а оние „најголемите музички стручњаци“, често само послушници на некои политички диктати, кои први побараа негов бојкот и потпишуваа петиции, па дури и бараа протерување од земјава, без да знаат за кого всушност се работи, сигурно многу брзо ќе пронајдат нова жртва. Најверојатно уште долго говорот на омраза и навредите ќе бидат единственото што ќе го читаме на социјалните мрежи, заборавајќи дека добриот имиџ на една држава и народ се постигнува пред сѐ со самопочит и со поддршка и афирмација на квалитетот, а не со омаловажување и навреди.
Од друга страна, сите молчат кога националните телевизии континуирано со години нѐ трујат со увезен турбофолк од соседството и со други содржини со сомнителен квалитет, со постојано занемарување на домашната музика, со уништувањето на цело национално музичко богатство што гние во депоата, со бришење на целата музичка продукција од 1945 г. досега, а периодов и со осуда на 1.200 музичари да се борат со егзистенцијални проблеми.
Време е музиката инфицирана со политика да се исчисти од лошиот агенс, а времето што се троши на навреди и омаловажувања да се насочи кон креативност и создавање нови дела што ќе ги спојуваат луѓето.