Но истовремено, во Европа и во светла иднина не може да се оди со мрачни багажи зад себе и со тајни фондови, па во таа насока е неопходно законско и правно расчистување на сите мрачни облаци што се надвиснати над спогодбата од Нивици
Дури и да се заборави првата жртва од преспанската спогодба, односно оставката на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, која веднаш без одложување беше прифатена од грчкиот премиер Алексис Ципрас, уште повеќе како да се сака да се поттурне под тепих, односно да се затскрие од јавноста, клучната причина што ја предизвикаа таа оставка и мистериозните и тајни грчки фондови.
Зашто главна причина за оставката поврзана и со преспанската спогодба, беше токму тајниот фонд од 50 милиони евра во грчкото МНР за „поттурнување“ на спогодбата за името. Наводно, како што го обвини коалицискиот колега на Ципрас, Панос Каменос, актуелен министер за одбрана, а пренесоа некои од грчките медиуми, парите му легнувале од фондациите на Џорџ Сорос, а тие средства биле користени со намера да ја истурка преспанската спогодба по секоја цена, преку финансирање политичари, бизнисмени, новинари, медиуми дома и во странство.
Практично, според пишувањата на тамошните медиуми, Коѕијас бил мотивиран од парите на Сорос да го истурка договорот за името. И ако се водиме по народната изрека, ако мечката заиграла во туѓиот двор, дали таа ќе заигра и во нашиот е дилемата што се наметнува како логично прашање по ваквиот расплет на околностите. За целиот случај обвинителството во Грција најави истрага, но барем засега нема информации во која насока се води таа и дали тајните пари можеби завршиле и во Македонија, како што се тврдеше во грчката јавност и во медиумите.
И по сите овие случувања, пред сѐ, во Грција и обвинувањата за тајните фондови, она што сите нѐ интересира е што ќе покаже истрагата и кога вистината ќе излезе на виделина
Сепак за некои работи да ни станат појасни денес, мораме да се навратиме
несомнено во минатото. Македонската јавност низ годините во минатото константно беше информирана дека како за возврат за нашата попустливост, во спорот за името, на високи државни претставници во Скопје од страна на грчки претставници им биле нудени куфер со милион долари, скапи подароци и слично. Според никогаш докрај истражените податоци, во аферата за која и ден-денес се зборува, наводно, бил вклучен и еден поранешен министер за внатрешни работи од македонска и генералот Николаос Грилакис, од грчка страна.
Ова го споменува и поранешниот македонски претседател Киро Глигоров во своите мемоарски записи „Македонија е сè што имаме“, објавена во 2001 година, каде што првпат пишува за обидот да биде корумпиран со пет милиони долари. Глигоров во мемоарите вели дека имал еден навистина незамислив обид преку грчките специјални служби да се влијае и врз него, и тоа на извонредно груб начин, да ја прифати грчката солуција, да направи нешто за да се откаже од името Македонија.
За разлика оттогаш деновиве немаме вакви отворени обиди за поткуп. Во меѓувреме, профункционира новата пратеничка група на 8-те пратеници, кои го дадоа аминот за расправа за уставните амандмани што произлегуваат од спогодбата од Нивици, а уште истиот ден пред да се случи гласањето висок функционер од опозицијата јавно изјави дека се сомнева во поткуп на нивните пратеници со милионски суми, посочувајќи дури и конкретни суми, кои наводно се нуделе. По ваквата изјава следуваше демант од страна на власта, но и најава за поведување правна постапка поради ваквите тврдења.
И по сите овие случувања, пред сѐ, во Грција и обвинувањата за тајните фондови, она што сите нѐ интересира е што ќе покаже истрагата и кога вистината ќе излезе на виделина. Во контекст на потрагата по вистината веројатно може да се вброи и изјавата на Панос Каменос, кој вели дека се срами од вредностите што ги дели Европа и нејзината демократија преку која, како што напиша тој на Твитер, се врши притисок за гласање во една земја во Европа и се нудат два милиони евра како награда за пратеници што ќе гласаат „за“, алудирајќи на гласањето во македонското собрание. Иако Каменос не посочи точно за кои пратеници станува збор, моментот кога го објави тој постот се совпаѓаше со собраниската седница во македонскиот парламент, на која се правеа обиди за обезбедување на двотретинското мнозинство потребно за почнување на уставните измени што произлегуваат од спогодбата од Преспа.
Како што би рекле нашите стари во секое зло има и добро! Злото е што целата оваа афера со тајните грчки фондови, но и со сомнежите за евентуален поткуп на пратеници, како што напиша Каменос, но изјави и нашата опозиција, се потврдат и докажат во една законска и легитимна постапка и се утврди и излезе во целост на виделина тоа ќе доведе до нови поделби и во двете земји, ќе ја зголеми загриженоста во меѓународната заедница, а несомнено ќе наштети и на угледот на двете земја. Но истовремено, во Европа и во светла иднина не може да се оди со мрачни багажи зад себе и со тајни фондови, па во таа насока е неопходно законско и правно расчистување на сите мрачни облаци што се надвиснати над спогодбата од Нивици.