Навивачите станаа пасивни посматрачи, без можност да стапнат на трибините, да навиваат за својот тим и да се социјализираат. За многумина одењето на стадион или во сала на натпревар не може со ништо да се замени, со ниедна видеосимулирана игра, а играњето без публика им изгледа фарсично, без жар и емоции што ги нуди следењето на натпреварите во живо
Пандемијата на ковид-19, која го преврте светот наопаку во последните шест месеци, си го наплати данокот и во светот на спортот. Да се надеваме привремено, спортот, пред сѐ, фудбалот, принудно стана своевидна виртуелна забава за милиони луѓе.
По првичниот шок и какво-такво стабилизирање на состојбата, фудбалот прв се охрабри и успеа да извојува една битка против ковид-19, завршувајќи ги домашните шампионати, со почитување на строгите медицински и безбедносни протоколи, на празни трибини, без публика. Фудбалот, севкупно спортот, не сакајќи од стадионите и салите се пресели на ТВ-екраните и, како што стојат работите во моментов, тоа ќе продолжи и во следната сезона поради многубројните логистички проблеми поврзани со враќањето на гледачите на стадионите.
Навивачите станаа пасивни посматрачи, без можност да се приближат до трибините, а камоли да навиваат за својот тим и да се социјализираат. За многумина одењето на стадион или во сала на натпревар не може со ништо да се замени, со ниедна видеоигра, а играњето без публика им изгледа фарсично, без жар и емоции што ги нуди следењето на натпреварите во живо. Но времињата се менуваат, дали поради ковид-19 и забраните или поради напредната технологија или интересирањата на „милениумската“ генерација, која сака нешто ново, па нека е тоа и симулирано спортско доживување.
Како замена за неодењето на стадион, на натпревари во живо, на сцена стапи модерната технологија, за која спортот стана повеќе од игра на терените и во салите. Работите се менуваат и никој не знае, ниту може да претпостави кои спортови, колку, како и на кој начин ќе се развиваат во следните години. Едно е сигурно, развојот на технологијата и иновациите со текот на времето ќе донесат многу промени во следењето на спортските натпревари. Интернетот нуди неограничени можности и сигурно се размислува како и на кој начин ќе им се понуди спортскиот производ на консументите, кои не ќе можат или нема да сакаат во живо да гледаат натпревари, иако од сегашна перспектива тоа изгледа многу нереално. Во каква насока може да се движат работите се виде и во периодот на строгите карантини кога онлајн се одиграа повеќе фудбалски натпревари (ФИФА20), се одржаа Формула 1, мото и велосипедски и други трки, со учесници од фотелји…
Неделава на програмата се завршните турнири во Лигата на шампионите (ЛШ) во Лисабон, Португалија, и во Лига Европа (ЛЕ) во Германија, исто така без публика. Преку Атлантикот, во САД и во Канада, ситуацијата е идентична. НБА-завршницата се игра во Дизниленд, на Флорида, НХЛ-плејофот се игра во два града, во Едмонтон и во Торонто, слично е и со лигите во бејзбол и во фудбал, сето тоа зад затворени врати, само за ТВ-гледачите и за спонзорите.
Во меѓувреме најголемите спортски меѓународни асоцијации, како Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Светската фудбалска федерација (ФИФА), Европската фудбалска унија (УЕФА) и други, комуницираат преку видеосостаноци со своите коминтенти и деловни партнери.
Последниве години сѐ поголем замав земаат виртуелните спортови, компјутерски генерираните игри, кои имаат цел да го симулираат реалниот спорт, со автоматизирани натпревари, со статистики за секој играч или тим. Тука спаѓа, иако нешто поразличен, и е-спортот, видеоигрите наменети за забава, за возбуда.
Меѓутоа, откако мултиплеерските онлајн игри станаа популарни, младите почнаа да играат еден против друг или меѓу тимови и тоа стана мултимилионска „спортска“ забава.
Треба да се има на ум и дека спортот последниве неколку децении се претвори во мултимилијардерска „индустрија“ и оти ќе бара начини како да ги поврати парите што ги загуби со недоаѓањето на навивачите на стадионите. Пандемијата, ако ништо друго, ги натера сите инволвирани во спортско-забавниот бизнис да размислуваат поинаку и да се приспособуваат на околностите за да опстанат.